Крахот на миротворната ЕУ
12 ноември 2020„Европа е соочена со состојба во која барем три империи се враќаат на сцена. Тие се Русија, Кина и Турција, со влијание врз нивниот близок регион и глобално”. Оваа изјава на Џозеф Борел, дадена во септември годинава, беше вест на денот пречекана со „добро утро” реакции на јавноста која таа состојба ја има детектирано многу порано од првиот дипломат на ЕУ. Во деталните реакции на неговата изјава, изостана освртот кон внимателниот избор на зборови на првиот дипломат на ЕУ во опишувањето на новата состојба, и покрај тоа што цепидлачењето е омилена дипломатска дисциплина. Па така, паѓа во очи што во своето обраќање Борел нагласува дека „Европа е соочена ...”, иако неговата функција е дистинктивно одбележена со административен мандат и граници на Европската Унија, па би требало да биде „ЕУ е соочена”. Изјавата на Борел остана недоречена во однос на тоа дали заканата се однесува и на поранешната ЕУ земја-членка Велика Британија, подеднакво како и на европските земји Русија и Турција. Се поставува прашање дали Лондон, во новата улога на лидер на неврзаните, е сосема согласен со комплетниот листинг земји и дали Москва и Анкара, како европски претстолнини, се имаат почуствувано навредено или почестено со воздигнувањето на нивниот статус на ниво на глобални империи. Она што сепак најмногу недостасуваше во говорот на Борел е свеста за сублиминалната атавистичка перцепција за империјална Европа, игнорирањето на улогата на САД и остуството на интерна рефлексија за улогата на ЕУ во реставрацијата на империјалната логика во регионалните и меѓународни односи.
Империјалните темели на Европа
Неспорната квалификација на Борел за подемот на регионално-глобалната моќ и апетити на Москва, Пекинг и Анкара е фактички точна, но принципиелно хендикепирана во светло на обидите за воскреснување на некои империјални историски матрици во рамките на самата Унија. Не се толку дамнешни времињата во кои дипломатите од Европа ја интерпетираа ЕУ како двориште, фабрика и пазар на Германија, француските политичари ја вадеа од прашина идејата за „Латинската империја” со Париз како престолнина, во Виена и Будимпешта се градеа Вишеградски сновиденија инспирирани од австро-унгарската историја. Се разбира, сите такви реставративни дискурси беа пакувани во руво адаптабилно со европскиот наратив, но со тесно ограничена убедливост во рамките на сопствените историски, лингвистички и етнички параметри. За тврдокорните следбеници на ЕУ таквите реставративни проекти се ништо повеќе од дел од богатата европска историја и традиција вклопена во заедничкиот потфат на Унијата. За некои други, како нас од Балканот, ре-меморијализацијата на империјалните темели на Европа неминовно не потсетува на нарациите за големите етнички држави во рамките на Југославија. Согласно максимата дека Европа е ништо повеќе од побогата и понашмикана верзија на Балканот, упатно е да се потсетиме дека крајот на Југославија не се случи поради империјалните амбиции од надвор, туку како происход на внатрешните историски сомнежи и ривалства.
Други колумни од авторот:
Односот на ЕУ кон Европа најпрецизно се илустрира преку пристапот кон Балканот како составен дел на континентот и евроинтеграциите како замислена проекција на ЕУ стандардите. Некогашната оценка дека пристапот на Европа кон Балканот (затскриен зад институционалноста на ЕУ) најчесто се дефинира како миопичност е сега веќе излитена и редно да биде заменета со пристап на безмалку нескриена деструктивност диктирана од определени национални центри на моќ. Тој пресврт од миопичност кон нескриена деструктивност започна со далекусежно катастрофалната проценка на двоецот Јункер - Могерини во фаворизирање на две земји кандидати (Србија и Црна Гора) базирано врз договорно премолчување на нивните недостатоци и хорски пренагласено подвлекување на недостатоците на другите земји кандидати. Империјалниот мајндсет во позадината на евроинтеграциите беше и сеуште продолжува да се демонстрира преку одбивањето на визната либерализација за Косово, игнорирањето на Босна и Херцеговина и на крај отворената деструктивност демонстрирана врз Македонија и Албанија со посредство на регионалните земји членки на Унијата. Таа состојба тешко дека ќе биде надмината се додека фокусот на пизмата за фаворизацијата или саботажата на евро-процесите се држи во рамките на соседските инаети и пизми, без желба, храброст или волја да прстот на сомнеж се впери во големи играчи во позадината на ЕУ.
Гол национализам под плашт на европејство
Интегративниот процес кон ЕУ е одамна обесмислен и лишен од секаква сличност со некогашната „стандарди за статус” логика на реформи и сведена на соголена, брутална и вулгарна гео-политичка агресија и борба на тронови помеѓу големите земји членки на ЕУ. Империјалната природа на таа агресија лесно се отсликува преку листингот земји членки со селективен вкус за успесите и неуспесите на земјите во регионот во спроведување на реформите, зависно од религиските вкусови и клиент-коруптивни спреги со балканските политичари и дипломати. Во тој паралелен листинг, од една страна се вечно сомнителните Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и кон нив вечно сомничавите Франција, Холандија, Данска, Шпанија. Додека за првите е веќе сосема нормално, очекувано и препорачливо да слободно и без срам и перде им се загледува се до гаќи и пиџами на бебиња и прабаби, барајќи видливи и невидливи мотиви за нивно черечење, шиканирање и понижување, било кој обид за евентуално сличен увид во можните нечисти, гнасни и националистички мотиви на другата групација е однапред пречекана со ерупција на незадоволство, потсмев и обвинувања за анти-европејство. Но во таа равенка, и првата и втората групација имаат една заедничка особина – гол национализам под плашт на европејство.
Но зошто спомнувањето на национализмите на Балканите е така лесно изговорлива констатација, за разлика од детектирањето и именувањето на не помалку националистичките мајндсети во Париз, Хаг, Копенхаген или Мадрид? И уште поважно, зошто европејството на овие земји од старт се смета како цивилизациска несомненост која се подразбира како сама по себе, додека пак било кој европски исчекор од балканските центри се цени и оценува како епизоден исклучок од примитивноста? Зошто е толку лесно да секоја европска „шуша" и гној нѐ черечи за секаква наша будалаштина, а воедно е толку тешко да на наведените им се наредат пред лице сите нивни темни петна од не толку дамнешното минато? Во нашата храброст за именување на фашизмот во Бугарија и одмолчување на фашизмот во Шпанија, во нашата леснотија за сомнеж во мотивите на Грција и одмолчување на мотивите на Холандија се отсликува вистината дека нашиот однос кон ЕУ не се базира врз вистинска желба за рамноправност, туку се надградува менталитетот на покорениот во сниходливост кон доминантниот. Нам, покорените, не ни е тешко да ја согледаме сопствената слабост. Интересно, на пропагаторите на ЕУ литургијата им е незамисливо, неприфатливо, одбојно да ја прифатат вистината за менталниот склоп на наведените центри од сопствената унија. Но добро, барем не јавно ...
Европа ја разоружа ЕУ
Бесполезно е да на Брисел директно, или пак на Париз, Хаг, Мадрид, Копенхаген им се објаснат димензиите на нивната деструктивност кон Балканот – перфидно диктирана преку Бугарија, Србија и Атина - и понатамошните реперкусии од преседаните кои ги наметнуваат врз нас. Сепак, бесполезноста кон нив нѐ обврзува да бидеме одговорни кон историјата на иднината во која ќе се одвиваат последиците на нивните, нели, ептен визионерски и цивилизациски интриги. Колку е само апсурдно и комично да во нашите дискурси за неправдите од соседите се користиме со квалификативи дека „тоа не е европски”, дека тоа е „незамисливо во Европа" или пак „неспоиво со современите стандарди”. Вистината е сосема поинаква, дијаметрално спротивна од нашиот плачлив вокабулар, подеднакво како и замислата дека ова само нам (ќе) ни се случува.
Во најлош случај, искушенијата низ кои минуваме денес не се разликуваат од искушенијата на која многу други народи биле изложени со децении, столетија со ред ширум Европа. Од Каталонија и Баскија до Исландските инуити и Лапланд. Во најдобар случај, нашите искушенија денес се само преседан врз кој ќе се градат идните спорови и начини за нивно разрешување. Како што ќе се види во односите на Полска, Унгарија, Романија кон перспективното членство на Украина во ЕУ, нивните забелешки за образовниот јазик, за ставот на Русија кон украинскиот јазик, за геноцидот врз Полјаците во 1943 година, демаркацијата на островите Змејни и Масланд и Дунавот, за односите помеѓу Романија и Молдавија и Молдавија и Транснистрија. Нам ни е сосема јасна причината од каде потекнува презривата гласност од Мадрид до Париз и Хаг, полна со ароганција и препотентна одбивност кон поплаките од Балканот. Но прегледот врз спорните точки и моменти распространети ширум источните граници на Европа ни овозможува да ги разбереме мотивите позади претпазливниот молк на источно-европските земји членки. Кои, и покрај тоа, сепак барем не одмогнуваат – иако повеќе помагаат – во нашите евро-интегративни желби.
Довчера слепо ентузиjастичните поклоници на победите на Заев – Димитров кои сега повикуваат на раскин со ЕУ поради Пировите триумфи на истите ја потврдуваат тезата за евро-интеграциите како паралага скроена по мерка на сопствениот профит и интерес. Како што се докажа дека „пенкало дипломатијата” не е доволна за пробив кон ЕУ, подеднакво ќе се покаже дека пишманењето по свршениот чин не е доволно за да се избрише меморијата на граѓаните, ниту пак елиминираат интересите на центрите на манипулација околу Брисел. Блокадата од Софија е подеднакво непријатна колку што е и отрезнувачка лекција и потсетување дека навистина, како што има кажано Тони Блер, ЕУ не е проект на миротворство туку на моќ. Нашата идна дипломатија мора да ја има предвид оваа прецизна констатација. И истата ја користи во детектирање на новата реалност во која моќта на ЕУ опаѓа на сметка на подемот на моќта на пост-империјалните националистички амбиции на нејзините земји членки. Европа ја разоружа ЕУ. Моќта веќе не живее во Брисел