Израел крваво ги задуши протестите на Палестинците во Газа
14 мај 2018Бесни против преселбата на американската амбасада во Ерусалим, илјадници Палестинци фрлаа огнени бомби и камења врз израелските трупи од другата страна на границата. Израелската армија тврди дека врз нејзините трупи било пукано, и ги обвини демонстрантите дека се обиделе да ја пробијат граничната ограда.
До попладнево загинаа најмалку 41 Палестинци, меѓу нив и едно 14-годишно момче, а над 700 се повредени, од кои 27 се во критична состојба.
Погледнете повеќе во видеото:
На протестите во Појасот Газа повика радикалното движење Хамас. Палестинците го сметаат источен Ерусалим за главен град на нивната држава. Израел го освои и го анектираше Источен Ерусалим во војната во 1967 година, но меѓународната заедница не ја признава анексијата.
Релокацијата на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим беше едно од предизборните ветувања на претседателот Доналд Трамп. Во меѓувреме, амбасадата беше отворена со присуство на ќерката на Трамп, Иванка и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер.
„Ова е голем ден за Израел“, твитна Трамп утрово.
Денешниот судир на границата меѓу израелската армија и приврзаниците на Хамас е најголем од војната во 2014 година.
Исмаил Радван, висок функционер на Хамас, изјави дека протестите против Израел на границата ќе продолжат „додека не се постигнат правата на Палестинците“.
Најголемиот дел од жртвите настрадаа во јужните градови во Појасот, Кан Јунис и Рафах. Израелските трупи со дронови исфрлаа солзавец за да ја разбијат толпата демонстранти, а постојано се слушаа и рафални истрели.
Дел демонстранти успеаја да стигнат на 150 метри од граничната ограда, а репортерите на теренот тврдат дека виделе како сите биле застрелани во нозете од израелските трупи.
Насекаде околу демонстрантите може да се види густ црн чад од запалените гуми. Демонстрантите го користат чадот како заштита од израелските снајпери кои се поставени на песочните ридови од другата страна на границата.