Купени лајкови: опасна трговија
27 декември 2019Неколку кликови и 80 евра, ништо повеќе не треба, а Тања Кине веќе има 500 дополнителни лајкови на нејзината Фејсбук страница. Директорката на една агенција за дизајн и општински претседател на Либералите во Линебургер Хајде на северот од Германија минатата година го платила понудувачот „Платени лајкови” за да изгледа попозната и поомилена на Фејсбук. За компанијата работат т.н. „клик-работници", кои по налог на компанијата вредно делат лајкови.
„Од тогаш наваму многу размислував зошто на тој начин се обидов да го проширам мојот опсег", вели Кине за ДВ. „Јас сум локален политичар. Но, на сојузните избори настапувам и против професионални политичари." Тие имаат свои канцеларии кои професионално се грижат за нивните профили на социјалните медиуми, односно дневно ги постираат најновите активности на Фејсбук и фотографии на Инстаграм. „Тоа е притисок кој ти се наметнува", вели Кине. „А, и сам човек си прави таков притисок. Сакаш да држиш чекор со нив."
Зиддојче цајтунг, ВДР и НДР ги открија лажните лајкови
Здружението за истражувачки стории на медиумите Зиддојче цајтунг, НДР и ВДР открија во јавноста дека Тања Кине и илјадници други Германци, меѓу кои музичари, фитнес тренери и продавачи на автомобили купувале лајкови. Претходно научници од Универзитетот во Бохум овозможија пристап до податоци на компанијата „Платени лајкови”. Според истражувањето, на листата на корисници имало политичари од сите големи партии: 17 се од ЦДУ-ЦСУ и Либералите, 14 од СПД, 11 од АфД и тројца од Зелените и Левицата. Не е јасно дали оние чиишто страници биле кликани самите постојано го давале и налогот за тоа. Во случајот со Тања Кине било така, но има и лица кои велат дека никогаш не платиле за кликови. Тоа и не мора да е лага. Зад таквиот потег може да се кријат и тајни поддржувачи или конкуренцијата, која со лажни лајкови се обидува да го наруши нивниот имиџ. Кликовите може и да се маневар за одвлекување внимание од фактичката манипулација. И конечно: зошто неколку платени лајкови на локален политичар од Линебургер Хајде треба воопшто за некого да претставуваат проблем?
И НАТО е заинтересиран
Затоа што зад таквата појава стои цела една индустрија за манипулирање, вели шведскиот експерт Себастијан Беј. Тој е дигитален експерт при „Стратегискиот центар за комуникации" Стратком во летонскиот главен град Рига. Стратком го советува и НАТО, иако не е дел од командната структура на воениот сојуз. „Ги идентификувавме компаниите во цел свет", вели Беј, "од Европа преку Русија до Филипините или во Западна Африка, кои се занимаваат со манипулации на социјалните медиуми и на тој начин заработуваат пари."
Повеќе на темата:
Благодариме Твитер! Но, што е со Фејсбук?
Фејсбук мора да бара и да брише
Зошто нашиот мозок го сака Инстаграм?
Фејсбук: Нов скандал околу заштитата на податоците на корисниците?
Беј и неговите колеги се вознемирени пред се од фактот дека манипулацијата на социјалните медиуми е достапна и достижна секому. За 300 евра на пример научниците успеале да купат илјадници коментари и следбеници, како и десетици илјади лајкови и прегледи. „Најпрво мислевме дека ќе мора да влеземе на даркнет и во најтемните ќошиња на некакви си хакери. Но, всушност е многу лесно, понудувачите се наоѓаат на Гугл или Бинг, каде дури и си се рекламираат." Бизнисот со манипулациите има последици. „Еве земете на пример сопственик на сендвичара кој си купува позитивни оцени или пак плаќа за негативни на конкуренцијата. Тоа едноставно е измама."
И тоа измама против која технолошките гиганти како Гугл или Фејсбук не преземаат доволно мерки, смета Беј. Во експериментот на научниците по четири недели и натаму не биле избришани четири од пет манипулации. „Технички не е секогаш едноставно. Но, и компаниите не инвестираат доволно за да се справат со тоа." Еден индикатор за можна измама е на пример кога од одредени профили или мрежи на профили се делат невообичаено голем број на лајкови.
Лажните постови ги загрозуваат сендвичарите – и демократијата
Но, манипулациите на социјалните медиуми не се закана и опасност само за економијата, вели Беј. „Ако алгоритмот со лажни вести укажува како многу луѓе нешто да гледаат, тогаш таа содржина ќе стане тренд и ќе им биде препорачана на многу луѓе." Владите тоа може да го користат, за да ја манипулираат демократската дебата која се одвива во онлајн просторот. „Може да минимизираат легитимни ставови и да засилат нелигитимни. Со лажни профили може да создадат впечаток дека се дел од локална дебата. Тогаш е тешко да се открие што е вистина, а што е лажно", вели Беј, „и кој навистина се крие зад тие ставови."
Спорно е кога толку свесно се манипулираат дебати, вели локалната политичарка Тања Кине. Таа во иднина веќе нема да користи понудувачи како „Платени лајкови”. „Нема веќе да го правам тоа бидејќи меѓу другото мислам и дека од тоа нема никаква корист." Таа во иднина сака повоторно повеќе да користи директни разговори и да се потпира на средбите со гласачите. „Добро би било за сите нас да се освестиме и да се вратиме на старите навики", заклучува таа.