1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Легална експлоатација во Србија?

28 февруари 2017

Десетици илјади луѓе се вработени во „агенции за вработување“, кои ги „изнајмуваат“ на фирми. Слабо се платени, за одмор и боледување можат да сонуваат. Државата замижува за да привлече инвеститори, велат критичарите.

https://p.dw.com/p/2Xl9C
Symbolbild RWE Mitarbeiter Entlassung
Фотографија: picture-alliance/dpa

За нив нема платен годишен омор, боледување, топол оброк, патни трошоци, празници и прекувремена работа, синдикално организирање, колективни договори, па дури ни закон за регулирање на нивниот статус. „Работниците на лизинг“, кои во Србија стигнаа со транзицијата, тешко можат да ги остварат правата кои ги имаат нивите колеги, вработени директно кај работодавачите, притоа живеејќи во постојан страв од прекин и на таквиот договор во било кој момент.

„Тоа е класичен робовски статус, но со оглед што во Србија е тешко да се најде работа, доколку го одбијат, постои дилемата дали подоцна ќе можат да се снајдат“, вели за Дојче веле Жељко Веселиновиќ, претседател на „Слога“, Здружените синдикати на Србија.

Нема прецизни бројки колку луѓе во Србија се ангажирани на овој начин. Но, проценките се дека во т.н. агенции за изнајмување работници има од 80.000 до 300.000 работници.

„Речиси нема поголемо претпријатие во Србија, во приватна или државна сопственост, кое нема одреден број луѓе кои работат преку овие агенции. Државата го форсира агенциското вработување, без оглед што е противуставно и незаконско, а податоците вешто ги крие, прикажувајќи ги луѓето како постојано вработени“, вели Веселиновиќ.

Željko Veselinović
Жељко ВеселиновиќФотографија: privat

Платите на „работниците на лизинг“ се два или трипати помали споредено со оние на постојано вработените луѓе.

„Има луѓе кои работат на исти работни места во исти фирми, но со различна заработувачка, со што се кршат законските одредби“, објаснува за Дојче веле Зоран Ристиќ, советник во Обединети граѓански синдикати „Независност“.

Профит преку грбот на работниците

Агенциите преку кои се вработуваат „работниците на лизинг“ функционираат на таков начин што ангажираат работници, плаќаат за нив данок и придонеси, но работниците не работат во агенциите, туку во фирми на кои агенциите ги изнајмуваат за провизија. Работниците се ангажирани кога на некое претпријатие му е потребна одредена струка на одредено време, со минимални обврски. 

Формално, ваквиот работен однос не постои во домашното законодавство. „Агенциите за вработување се повикуваат на европски стандарди, но таму тоа е уредено со закони, луѓето главно имаат исти права како и оние со постојан работен однос, многу полесно е наоѓањето работа, а тие се опфатени и со колективните договори“, истакнува Веселиновиќ.

Без закон кој би ја регулирал таа област, на агенциите им е овозможено да стекнуваат голем профит, тврдат нашите соговорници. Во моментов има дури 87 такви агенции. „Имаме основано сомневање дека профитот се дели меѓу оние кои ги ангажираат тие луѓе и агенциите, и тука постојат многу јасни правила. Не можете да основате агенција и туку-така да влезете во некоја фирма и некој преку вас да вработи илјада луѓе. За тоа треба политичка волја, за тоа постојат други основи за капиталот да не отиде настрана“, тврди Веселиновиќ.

Заобиколување на забраната за вработување

Точно е дека постојат злоупотреби и дека некои претпријатија со помош на агенциите избегнуваат вработување на работниците на траен рок, но тоа не е целта на агенциското ангажирање, одговараат работодавачите. Идејата била на работодавачите да им се овозможи во даден момент да го премостат недостигот од работници, предизвикан поради зголемување на обемот на работа или отсуства поради боледувања.

Stanko Krstin
Станко КрстинФотографија: privat

„Ние работодавачите немаме секогаш стабилна работа за која ќе знаеме дека ќе трае повеќе години. Често се случува да наиде некоја краткорочна зделка. Ако вработиме некого на неограничено време, подоцна имаме обврска кон него или мораме да го отпуштиме, а вака ангажираме одредени луѓе во одреден период,  го имаме само тој однапред предвидлив трошок“, вели за Дојче веле Станко Крстин од Унијата на работодавачите на Војводина.

Дали е тоа хумано, е друго прашање. „И нам ни е цел создавањето цврсти работни места, а агенциите да ги користиме за работи кои тоа го бараат. Затоа инсистираме државата да нѐ ослободи нас работодавачите во поглед на бирократија, давачки, па и флексибилност на вработување и отпуштање, иако тука не се согласуваме со синдикатите“, вели Крстин.

Ангажирањето „работници на лизинг“ е изоставено од Законот за труд, донесен во 2014. година, со ветување да биде регулирано со посебен закон. Тој пак, според зборовите на министерот за труд, Александар Вулин, требало да влезе во собраниска процедура до крајот на 2016. година, но на јавноста досега не ѝ е презентирана ни нацрт-верзијата.

„Слога“ во меѓувреме поднела иницијатива за испитување на законитоста на овој вид вработување. Тие од Уставниот суд бараат прогласување за неуставна на Уредбата за класификација на дејностите, со која е уредено вработувањето преку агенциите. Во иницијативата истакнуваат дека Србија на мала врата ја вовела дејноста на агенции за вработување и работа на лизинг со цел да привлече инвеститори во чии земји таквата пракса е незаконска. „Слога“ очекува Уставниот суд да ја донесе одлуката за поништување на Уредбата  до крајот на годинава, доколку нема политички притисоци.