1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија влезе во нова неизвесност

Катерина Блажевска7 април 2016

Според првичните реакции во јавноста и меѓу аналитичарите, изборите на кои не учествуваат сите, ќе донесат „пирова победа“ за перспективите на Македонија

https://p.dw.com/p/1IRA2
Фотографија: MIA

Ечи партиската химна во седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, млади активисти слават собрани пред локални партиски канцеларии низ Скопје, свирежи од автомобили ја сечат тишината низ улиците на градот...

Со многу децибели приврзаници на власта на полноќ го прославија распуштањето на Собранието, откако тој чин претходно беше поздравен со аплаузи од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои останаа сами во пленарната сала.

Од атарот на здружената опозиција предводена од СДСМ, велат дека добиле огромна поддршка за одлуката да ги бојкотираат изборите, поради недостиг на елементарни показатели дека тие може да го имаат предзнакот „фер“.

Од денеска тие се надвор од Собранието и надвор од изборната трка, но веројатно и единствена опозициска партија која се уште има двајца министри и тројца дополнителни заменици-министри во Владата, со оглед дека парламентот ноќеска не го констатираше нивните оставки.

Mazedonien Sozialdemokratische Partei - Zoran Zaev
Зоран ЗаевФотографија: DW/P. Stojanovski

Каде оди Македонија?

И покрај манифестираниот триумфализам, кулминира неизвесноста кон што води одлуката датумот за избори да биде поважен од демократските услови што треба да ја грантираат нивната кредибилност? Не вродија со резултат пораките на релација Брисел-Скопје, кои до последен момент се обидуваа во одлуките на партиските лидери да го обезбедат предзнакот „одлучено со консензус“.

Опозицијата во континуитет предупредуваше дека „без обезбедени услови нема да учествува во легитимирање на уште едни криминални избори“.

Според реакциите во јавноста, изборите во кои не учествуваат сите, ќе донесат „пирова победа“ за перспективите на Македонија.

„Избори? Нека ви е со среќа!“.., „Собранието се распушти, дали е на ред државата?“, се дел од првичните коментари на граѓани кои сметаат дека не се созреани условите за избори. Оние, пак, кои се убедени дека повеќе не смее да има одложување на изборната трка, веќе слават победа: „'Само' сто пратеника сега ќе има ВМРО“, „Доста беше од паразити кои без избори седеа во Владата“.., „ВМРО ја зема судбината на земјата во свои раце“...

Аналитичарите не се изненадени од ваквиот епилог.

Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Фотографија: MIA

„Во земја како Македонија, во која имате власт која не може да поднесе ниту најблага критика а камо ли политичка опозиција, беше нормално да се случи ова што се случи“, вели професорот и поранешен амбасадор, Ѓорѓи Спасов.

„Од почетокот, Договорот за надминување на кризата Груевски го сметаше за наметнат од странците, за ограничување на неговата суверена волја и најавуваше жестока одмазда кон 'разни Катици и Ванхојтовци' и уништување на опозицијата која со години има статус на државен непријател. Од слепата омраза кон странците и кон опозицијата, тој се уште не е свесен што ќе значат избори на кои нема да учествува опозицијата и колку со такви избори ќе ја продлабочи кризата и дополнително ќе го изгуби легитимитетот за владеење“, оценува Спасов.

Опозицијата која влезе во битката за враќање на претпоставките за постоење на легитимна власт, според него, ќе мора цврсто да опстои на своите барања.

„Таа сега има задача да ја покаже и докаже апсурдноста и залудноста од јуначењето на Груевски и поддршката на Ахмети. На Ахмети ќе му биде тешко да објасни зошто учествува на избори кои според начинот на кој се организирани ќе водат директно кон губење на препораката за членство во ЕУ, а потоа и кон можно свртување на земјата кон Русија и Србија. А на САД и на ЕУ ќе им биде тешко да објаснат зошто му дозволија на Груевски да ги згази сите нивни напори и јавно да го понижи Ванхауте со тоа што го прогласи за турист во земјава, без било каков приговор од нивна страна. Од денес за демократските сили во Македонија започнува една нова битка против политичкото насилство на авторитарниот режим на Груевски“, констатира Спасов.

Падна маската на Ахмети

Во ДУИ синоќа владееше молк и изостанаа какви било реакции за одлуката на СДСМ да ги бојкотира изборите. Молчи и ДПА. Но, не молчат новоформираните политички субјекти во албанскиот блок, кои предупредуваат на тешки последици од самоволието на владејачките партии.

„Несфатливо е до каде се подготвени да отидат владините партии и нивните лидери, само за да опстанат на власт и да се спасат себеси и неколку луѓе околу нив“, вели Африм Гаши од движењето „Беса“.

„Ваква неодговорност кон граѓаните и кон државата е тешко замислива во нормални демократски општества. Македонија од синоќа влезе во тунел, каде не се гледа никакво светло на неговиот крај. Сега уште појасна станува изреката дека 'никој не може да ти наштети толку, колку што самиот можеш да си наштетиш'. Груевски успеа својата непресметливост да ја наметне кон целата ДПМНЕ а преку неа и кон целата држава, а Ахмети кој долго време ја носеше маската на 'големиот ослободител' за Албанците, од вечерва остана без таа маска и веќе на сите Албанци им стана јасно дека тој и неговата партија останаа верни само кон Груевски. Али Ахмети, кој беше исправен пред дилемата да избере помеѓу Албанците и Груевски, недвосмислено ги напушти Албанците и застана целосно зад интересите на неговиот пријател Никола Груевски. Освен на Албанците, тој од синоќа и сврти грб и на меѓународната заедница која толку години го подржуваше. Наместо кон евроатланскиот пат, тој и Груевски решија да не внесат во непознат правец, кој по се изгледа, води само кон Русија“, вели Гаши.

Во ова време „со многу непознати“, според Гаши, „Беса“ ќе биде претпазлива и ќе ги повикува на разум сите субјекти и чинители на политичките процеси во државата, но и ќе работи во насока да се дојде до ситуација, кога во државата навистина ќе може да се организираат фер - избори, за да може потоа земјата да се врати на на евроатлантскиот пат.

Trajko Veljanoski
Трајко ВељаноскиФотографија: MIA

Се чека на Вељаноски

Она што останува сега, е претседателот на Собранието, Трајков Вељаноски, денеска или наредните денови да го потпише решението за распишување и одржување на изборите на 5-ти јуни, бидејќи многу од активностите на ДИК се врзани со рокови кои зависат од денот кога се распишани изборите. Можноста на Вељаноски да тактизира со тој решение до 15-ти април, ќе ѝ даде дополнително време на ДИК да продолжи со прочистување на Избирачкиот список. Дел од аналитичарите сметаат дека тоа време, пред се, ќе биде искористено за притисок врз СДСМ да учествува на изборите, со сет ветувања дека условите ќе бидат исполнети до 5-ти јуни. Без оглед што Собранието е распуштено, тие не ја исклучуваат можноста и за некаков „пресврт“, кој би бил поттикнат од гарантите на пржинскиот договор. Сепак, сметаат дека шансите за тоа се реално мали, пред се, поради драматичната поларизација на односите и состојбите, но и различниот начин на разбирање на демократијата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема