1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: игра со оган

З.Јордановски/бдип/сз1 јули 2015

За блокадата на евроатлантската интеграција на Македонија и влијанието врз внатрешниот развој во земјата, како и за грижите на Балканот од можни последици од грчката криза,во изборот од пишувањето во германските медиуми.

https://p.dw.com/p/1FrG6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Списанието „Страници за германската и интернационалната политика“ во јулското издание објавува опширна анализа на состојбите и развојот во Македонија под влијание на блокираната евроатлантска интеграција, со наслов: „Македонија: игра со оган“.

Актуелен повод е полициската акција во мај во Куманово против албански екстремисти, како што се означени во текстот на Норберт Мапес-Нидик. Но, акутната криза започна порано, со објавувањето на „бомбите“ од страна на опозицијата, за кои се вели: „Тие го докажуваат она, што невладините организации одамна го тврдат: фалсификувани избори, закани против опозиционерите, нарачани судски одлуки. Прекорите против премиерот Груевски, дека со земјата управува со еден мал, неформален круг од роднини и нему верни луѓе на се’ подиктаторски начин, датираат уште од крајот на претходната деценија“. Во текстот е спомнат бојкотот на парламентот од страна на опозицијата, антивладината демонстрација со десетици илјади учесници, актуелните преговори во Брисел - при што се искажува скепса „дали барем наредните избори ќе го заслужат тоа име“. Во тој контекст се споменати сите негативности од минатогодишните избори: притисокот врз државните службеници и приватни претприемачи за обезбедување гласови, заплашувања, масивни притисоци врз медиумите и доведување на гласање етнички Македонци од Албанија.

Mazedonien Demonstration in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski

Потоа доаѓа констатацијата која е како вовед во главната тема: „Кризата во Македонија во целост ги стави на диспозиција формулите за проширување со Југоисточна Европа“. По сознанието дека Бугарија и Романија биле „значително прерано“ примени, само уште Хрватска, „под поостри услови“ стана членка на ЕУ. Откако е јасно дека важните земји не сакаат проширување во наредните години, „на Комисијата и’ паѓа се’ потешката задача , кандидатите и потенцијалните кандидати на југоистокот на Европа (...) долго време да ги држи на стабилен курс кон Европа. Македонија покажува што се случува кога за една земја се губи или премногу се оддалечува перспективата за ЕУ. Ниедна од новите, мали и сиромашни нации нема сила сама од себе, без европски компас, да најде сопствен постојан курс. Без ЕУ-перспектива се закануваат диктатура, клептократија, организиран криминал и етнички конфликти“.

Авторот потоа образложува како до неодамна „европската успешна приказна“ Македонија дојде во ќорсокак во евроинтеграцијата. Настаните од 2001 година се вака опишани: „...кратко време по војната во соседно Косово, тамошните воени ветерани се обидоа успешното ’ослободување‘ да го прошират и врз западот на Македонија, населен со Албанци“. ЕУ во Македонија сакала „да покаже дека е можно и без бомби (алузија на американската интервенција во косовската војна - н.з.), ако се реагира доволно рано. Така малата балканска земја како прва профитира од политиката на приближување, која Европа ја усвои уште во последните денови на косовската војна“ и прва потпиша Договор за стабилизација и асоцијација.

Во анализата се забележува дека Охридскиот договор донесе застапеност на албанското население во јавните служби, но со земјата се владее „според принципот на поделба на власта: малцинството на Албанците, но првенствено нивните политички претставници добија удел во ресурсите и функциите, кој им дава доволно автономија и така ги држи настрана од соучество кај работите од решавачко значење. За интеграција одвај да може да стане збор“.

„До 2005 година, кога Македонија официјално беше прогласена за земја-кандидат за пристап кон ЕУ, се чинеше дека уште е се’ на добар пат. Но, потоа, па се’ до денес,веќе ништо не е сторено“. Тука авторот се задржува на спорот со Грција околу името и вели: „Но, ни Брисел, ниту европските дипломатии, не вршеа притисок врз Грција која блокираше, ниту пак презедоа сопствени посреднички напори. ЕУ повеќе се криеше зад посредникот на ОН“.

Оддалечувањето на Македонија од Европа, според авторот, започна со самитот на НАТО во Букурешт. Тој потсетува на зборовите на Груевски, кој две години пред тој настан стана премиер: „’На Македонија сега и’ треба план Б‘. Никој во почетокот не знаеше на што мисли тој, но наскоро станаа видливи контурите на планот Б“ - антиквизацијата и тврд став во спорот за името. „Во недостиг од конкретна перспектива за пристап, партијата стави тежиште врз свртување сами кон себе, а со тоа и кон национализмот. (...) За да го ублажи нерасположението на Македонците поради шлаканицата од НАТО, Европската Комисија во 2009 година за прв пат му препорача на Европскиот совет да отвори преговори со земјата, секако знаејќи дека Грција повторно ќе се препречи. (...) Уште во 2011 или 2012 препораката всушност беше неоснована, со оглед на проблематичниот развој кај демократијата и човековите права. Но, Брисел веќе немаше да понуди натамошен поттик. (...) Брисел дури западна во замка: отповикување на препораката би и’ дала за право на сега веќе авторитарната влада во Скопје и би била потврда за ставот на Груевски. Европа не не’ сака, тоа е нејзината порака до еден народ кој со копнеж посакува пристап кон ЕУ, и бидејќи Европа не не’ сака мораме самите да излеземе на крај.

Во Европа во меѓувреме остануваат несфатени причините за кризата и консеквенциите од неа. И лево и десно се шири тезата дека наводното толку ненадејно возбудување околу Македонија во Брисел и Берлин се должи на новото спротивставување Исток-Запад. навистина владата на Груевски во последните години се приближи кон Москва и, на пример, одби учество во санкциите од ЕУ. Но, таа тоа го стори само во тој обем, во кој опадна атрактивноста на ЕУ“. Тука во текстот се споменуваат и сличните тенденции во Србија и Црна Гора, кои „врските со Москва ги негуваат со цел за растоварување од притисокот од Брисел. Ниедна влада во регинот, меѓутоа, не се стреми сериозно кон свртување од Европа и потпирање врз Москва. Многу поудобна отколку потчинување под другата голема сила со нејзините променливи и често непроѕирни интереси, е играта со ЕУ, кај која едните прават како да сакаат да пристапат кон неа, а другите како да сакаат да се прошират“. Москва нема многу што да му понуди на Балканоти само има интерес таму да го кочи процесот на пристапување кон ЕУ, се констатира во текстот.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

(...) „Многу поголема закана од руската е едно друго сениште, кое постојано се појавува во анализите за Македонија: албанското. Со тоа сега владата сака да создава атмосфера. Но, тоа се’ уште не дава плод. (...) Ако двете големи македонски партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, како и македонското граѓанско општество не најдат модус за решение на конфликтот и земјата западне во хаос, дотолку е поголема опасноста Албанците прво во себе, а потоа и надворешно да се разделат од него. Таа околност и’ оневозможува на ЕУ да реагира со санкции, како на пример повлекување на безвизниот режим, на натамошни авторитарни мерки на владата на Груевски. (...)Ако на Албанците им биде попречен патот кон Запад поради нивното македонско државјанство, неизбежна последица е еден нов сепаратизам. (...) Доколку во Македонија дојде до конфликт Македонци против Албанци, тогаш малата држава нема шанса за опстанок. За пристап кон ЕУ, тогаш од агол на гледање на Брисел, се разбира ќе биде ’вистински прерано’’, се вели на крајот на анализата во списанието „Страници за германска и интернационална политика“.

Mazedonien EU Flaggen
Фотографија: AP

„Лесен земјотрес на Балканот“

„Зиддојче цајтунг“ во текст со таков наслов пишува за тоа дека во Источна Европа расте загриженоста да на биде повлечена од грчката мизерија и дека истовремено опаѓа разбирањето за мерките за помош.

„Бугарите и Романците, Србите, Македонците или Албанците се грижат дека кризата ќе ги досегне и нив“, се вели во текстот и се наведува големиот удел на грчки банки на нивните пазари. „Но, досега беше непотребна грижата дека загрижените штедачи и овде би можеле да ги изпразнат своите банкарски сметки. За тоа има и причини: по почетокот на грчката криза во 2009 година соседните земји, на совет од меѓународниот монетарен фонд или Банката за Источна Европа, опстојуваа врз тоа филијалите на грчки банки кај нив да морат да се регистрират како самостојни. Така грчките банки-мајки веќе не можат да ги повлечат парите на банките-ќерки, за да ги пополнат сопствените дупки.

Истовремено, меѓутоа, една подлабока криза во Атина или повторно воведување на драхмата би ги погодило соседните земји: на пример, оти нивната трговија со Грција би опаднала или оти гастарбајтерите од сиромашните балкански земји би можеле да останат без работа во Грција“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема