1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мартин Шулц: Нема да клекнам пред Ердоган

16 септември 2017

Кандидатот на СПД за канцелар, Мартин Шулц, во интервју за ДВ изјави дека договорот за бегалците што ЕУ го има со Турција треба да се откаже ако е тоа неопходно.

https://p.dw.com/p/2k6fg
Deutschland wählt DW Interview mit Martin Schulz
Фотографија: DW/R. Oberhammer

Осум дена пред одржувањето на парламентарните избори во Германија, лидерот на СПД и кандидат за канцелар, Мартин Шулц, повторно жестоко го критикува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Среде предизборна кампања Шулц во Фрајбург одговараше на прашањата на главната уредничка на ДВ, Инес Пол и модераторот Џафар Абдул Карим. Според Шулц, состојбата со човековите права во Турција е лоша: „Ако утре заминете за Турција и известувате, не можам да ви гарантирам дека нема да завршите в затвор“, рече шефот на СПД на адреса на новинарите.

Во моментов, според него, има малку смисла да се разговара со Ердоган. Шулц претходно повеќепати најави дека ќе се заложи за ставање крај на преговорите со владата во Анкара за приклучување на Турција кон ЕУ. И, доколку е тоа неопходно, тој е на мислење дека треба да се кренат раце од соработката со Турција во делот на бегалската политика. „Јас, во секој случај, нема да клекнам пред Ердоган. Не смееме да дозволиме уцени.“

За европски закони за доселување

Доколку стане канцелар, Шулц сака да разговара јасно и без заобиколување и со ЕУ-државите кои се спротивставуваат на прием на бегалци. На пример, кандидатот на СПД за канцелар отворено ѝ се заканува на Унгарија со пренасочување на парите од буџетот на ЕУ. Во наредните седум години на располагање за пренасочување ќе бидат околу 900 милијарди евра. „Солидарноста е принцип не само при финансирањето, туку и при приемот на бегалци“, вели тој.

Deutschland wählt DW Interview mit Martin Schulz
Мартин Шулц одговараше на прашањата на главната уредничка на ДВ, Инес Пол и модераторот Џафар Абдул КаримФотографија: DW/R. Oberhammer

Шулц се залага и за европски закони за доселување, со јасно определени контингенти или квоти. Меѓута, според него, притоа не треба да се чепка правото на азил. Со африканските држави, и со оние недемократските, е можна соработка со цел да се спречат бегалски бранови во насока на Европа. Но, тоа може да се одвива само со соработка и под контрола на меѓународите организации, вели Шулц.

„Каде одиме?“

На само една недела пред изборите Шулц во анкетите е јасно зад канцеларката Меркел и нејзината ЦДУ. Сепак, тој не се откажува и ја напаѓа канцеларката: „Ангела Меркел само управува со состојбите, согласно мотото: една земја, во која добро и радо живееме. Да, тоа е точно. Ние живееме добро и со драго срце во земјата. Но, сакаме и утре да живееме добро и со драго срце. Затоа на народот треба да му се објасни: Каде одиме?“

Многу луѓе чувствуваат несигурност околу идните насоки на земјата, вели Шулц. Затоа тој, ако бил канцелар пред две години (за време на напливот на бегалци, н.з.), на луѓето во телевизиско обраќање ќе им ги објаснел причините за своето дејствување: „Притоа може да се кажат и реченици кои на луѓето не им одговараат. Јас ќе речев: ова е само дел од она што ќе мораме да го оствариме во наредните години.“ Генерално, на политиката ѝ недостига храброст за на луѓето да им се каже дека одвај оти нешто ќе остане како што било во овој свет на брзи промени, убеден е Шулц. Тоа важи не само за Германија, туку за многу европски земји: „Погледнете ги застапниците за Брегзит, погледнете ги Лига Норд или луѓето на Грило во Италија, погледнете го Националниот фронт - тоа е вид на бес, кој во принцип не е ништо друго освен одбивање да се прифати фактот дека светот драматично се менува.“

Лош рејтинг? „Имам внатрешен баланс“

На прашањето дали е разочаран со оглед на речиси безизгледната предизборна борба, Шулц одговори: „Ја сум добро, искрено. Жалам што морам да ве разочарам. Имам внатрешен баланс кој ми вели: анкетите се анкети. На 24 септември народот има збор. Тогаш ќе видиме.“

Шулц: Не се раководам од анкетите

Кого од врвните политичари во Германија Мартин Шулц би го земал на пуст остров? Шефот на СПД не мораше да размислува долго за да одговори на ова прашање на ДВ: се одлучи за шефот на Зелените, Џем Ездемир. „Него го познавам најдобро, тој беше со мене во Европскиот Парламент. Тоа е еден фин човек.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи