Берлин: Белград и Приштина мора да разговараат со ЕУ
18 јуни 2020„Сите држави од Западниот Балкан сакаат европска перспектива. Доколку ја сакаат, тогаш и политичките решенија, особено сега околу конфликтот на Косово и Србија, мора да бидат со ЕУ“, вели германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во разговор за ДВ. Тој е убеден дека ЕУ ќе игра важна улога во продолжението на преговорите.
Оваа порака доаѓа среде бројните текстови во германскиот печат дека Брисел ја загубил контролата над дијалогот на Косово и Србија, и дека главниот збор го води Ричард Гренел, специјалниот пратеник на Доналд Трамп. Гренел ги повика претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи да се сретнат на 27 јуни во Вашингтон. Владата на Ангела Меркел во Берлин со скепса гледа на тој американски ангажман, и особено се противи на можноста за прекројување на границите на Балканот.
Министерот Мас вели дека Германија, за време на претседавањето со ЕУ во втората половина на годината, ќе се занимава со Западниот Балкан.
„Доколку на Западниот Балкан во одреден момент сакаат да стигнат во Европа, тогаш дијалогот мора да го водат пред се со ЕУ“, вели Мас. „Верувам дека тоа го знаат на Западниот Балкан и дека ЕУ, особено сега, ќе го засили својот ангажман“.
ЕУ неодамна го именуваше Мирослав Лајчак за специјален пратеник за косовското прашање. Лајчак неделава беше во дводневна посета на Приштина каде се состана со водечките политичари, како и со претставници на српската заедница. Во Белград доаѓа на 22 јуни, ден по изборите.
Српскиот претседател Вучиќ следната недела ќе има густ распоред, затоа што, меѓу состанокот со Лајчак и патот во Вашингтон, оди и во Москва на разговори со Владимир Путин. Но Вучиќ нема дилема дека главните разговори за Косово ќе бидат со посредство на ЕУ:
„Ние секако прифаќаме разговори со ЕУ, бидејќи се наоѓаме на европскиот пат. Но не можеме да му кажеме ни на Гренел дека не сакаме да разговараме. Едноставно не е фер, а и премногу голема сила се. Но главните преговори ќе се водат под покровителство на ЕУ“, изјави Вучиќ во неодамнешното интервју за ТВ Прва.
За пристапот на Брисел и Вашингтон кон косовскиот проблем, Вучиќ рече дека имаат „различни агенди“ и дека се борат „кој ќе го води главниот збор“, но дека предлог-решението ќе биде слично.
„Суштински разлики нема. Нивниот предлог секако ќе биде, на еден или друг начин, независност на Косово која ќе треба формално или неформално да ја поддржиме. Каква е тогаш разликата меѓу Европејците и Американците?“, заклучи Вучиќ.