Меркел за почеток на ЕУ-преговори со Скопје и Тирана во март
27 јануари 2020Во изјава за медиумите по состанокот со албанскиот премиер Еди Рама во Берлин, Меркел порача дека германската влада ги поддржува ЕУ-аспирациите на земјите од Западниот Балкан. Германија настојува „на следниот самит на ЕУ во март да се постигне согласност за почеток на преговори“ со Северна Македонија и Албанија, рече Меркел.
Влезот на државите од Западниот Балкан во ЕУ не е само во интерес на овие земји, туку и на ЕУ, рече Меркел.
„Оној кој ги познава геополитичките состојби, тој знае дека е добро еден ден и земјите од Западниот Балкан да станат членки на ЕУ“.
Германија даде поддршка за отворање на преговорите со двете земји и на самитот на ЕУ во октомври минатата година, но тогаш Северна Македонија се соочи со блокада од Франција, а Албанија дополнително и од Холандија и Данска.
„Сега ќе работиме напорно за во март да го добиеме посакуваниот резултат“, рече Меркел. Таа изрази оптимизам за почеток на преговори со двете земји и по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на 17 јануари годинава.
Францускиот претседател Емануел Макрон на самитот бараше реформа на методологијата на преговорите за проширување, која во меѓувреме се изработува од Европската комисија, а го критикуваше и темпото на реформи во двете земји.
Меркел денеска порача дека и Северна Македонија и Албанија имаат „големи постигнувања“. Таа особено ги пофали правосудните реформи во Албанија.