1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Евакуцијата од Кабул ќе заврши за неколку дена

ЖА / дпа
25 август 2021

Германија ќе ги поддржува Авганистанците и по 31 август, изјави германската канцеларка во Бундестагот. Берлин нема да одбегнува разговори со талибанците, рече Меркел.

https://p.dw.com/p/3zTUZ
Angela Merkel
Фотографија: Markus Schreiber/picture alliance/AP

Германската влада е под силен притисок поради погрешната проценка на ситуацијата во Авганистан. Меркел во Бундестагот призна дека се направени грешки.

Германската канцеларка се изјасни за преговори со милитантно исламистичките талибанци во Авганистан по повлекувањето на меѓународните трупи од земјата. Во владината изјава во Бундестагот, таа денеска истакна дека сепак нема да има неусловени договарања со новите властродршци во конфликтната земја. Меркел повторно призна дека владата направила погрешна проценка на најновите случувања во Авганистан и најави целосно разјаснување, но го бранеше критикуваниот пристап во прифаќањето на поранешни соработници на Бундесверот и германските министерства при нивното прифаќање во Германија.

Талибанците во средината на август во неколку дена, без поголем отпор од војската, го освоија Авганистан. 26 западни земји сега се трудат со трескавични акции да ги евакуираат сопствените државјани и локалните соработници, за што останува малку време.

„Развојот на настаните во последните денови е страшен, горчлив. За многу луѓе во Авганистан тоа е вистинска трагедија.“, изјави Меркел.

Канцеларката призна дека сега во Авганистан не може ништо да се постигне ако се игнорираат талибанците. „Наша цел мора да биде да се зачува што е можно повеќе од постигнатите промени во изминатите 20 години,“ а за таа цел мора да се разговара со талибанците: „Таибанците се сега реалност во Авганистан. Таа нова реалност е горчлива, но мораме да се соочиме со неа“, рече Меркел.

Германскиот дипломат Маркус Потцел од пред неколку дена во Катар води разговори со талибански претставници во врска со евакуирачките акции.

Повеќе: 

Германија потфрли во Аганистан

Германски специјалци влегле во Кабул да евакуираат цивили

Зошто тајните служби потфрлија во Авганистан?

Авганистанците во Германија ужаснати од ситуацијата во татковината

Со оглед на тоа што повлекувањето на американските трупи од Авганистан е предвидено да заврши до 31 август, сега се бараат начини како да се изнесуваат луѓе од земјата и потоа. Меркел ја отфрли масивната критика за односот на германската влада кон поранешните локални авганистански соработници. „Претставете си Германија пролетоска да не почнеше само со повлекување на Бундесверот, туку истовремено и со вработените на германски хуманитарни организации и нивни соработници. Некои можеби тоа ќе го оправдува како далекувида претпазливост, но некои ќе го сметаа за оставање на цедило на луѓето во Авганистан и препуштање на нивната судбина“, рече Меркел, според која во оваа дилема двете гледишта имаат свое оправдување.

Германската влада пролетоска сметала дека постојат оправдани причини, по повлекувањето на трупите, да помага барем преку развојна помош и соработка, сосема конкретно во форма на градење болнички оддели за родилки и постројки за снабдување со вода и струја. Отпосле е релативно лесно да се знае и да се предвидат сите работи, но одлуките морало да бидат донесени во тогашниот момент. За брзото крахирање на авганистанската армија, Меркел одговорноста ја гледа кај политичкото раководство на таа земја. Но, и дека целата акција е нераздвојна од ставот и одлуката на САД како воено најсилен член на алијансата, што отсекогаш било кристално јасно. „Како меѓународна заедница очекувавме можни борби со засилените талибанци по повлекувањето на интернационалните трупи. Но, целосно потценивме колку сѐопфатно и во крајниот исход – колку молскавично брзо авганистанската војска по повлекувањето на трупите ќе се откаже од свој отпор против талибанците, односно дека воопшто нема да пружи отпор“, истакна канцеларката.