Меркел се тресе, Германија загрижена
12 јули 2019Зошто никој порано не се сети на ова решение? За време на посетата на новата данска премиерка на Берлин во четвртокот, германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината гостинка Мете Фредериксен, седеа на столчиња, слушајќи ги националните химни.
Во средата, 64-годишната Меркел го имаше третиот напад на тресење во неполни три недели додека стоеше за време на изведување на химните пред нејзината канцеларија. Но, веќе во четвртокот се врати во старата „форма“: смирена, директна и емоционално воздржана.
„Добро сум. Како што реков и претходно, од пречекот на украинскиот претседател Володимир Зеленски сум во фаза на процесирање. Таа очигледно се уште не е завршена, но има напредок. И ќе морам да живеам со тоа одреден период“, изјави Меркел во средата.
Дали е канцеларката болна? Или едноставно преуморна? Еден ден по последниот напад на тресење, насловната страница на најтиражниот германски таблоид Билд осамна со наслов: „Едноставно не престанува (тресењето, н.з.)“
Тресењето на Меркел се најде во центарот на вниманието откако почна неконтролирано да се тресе за време на пречекот на Зеленски на средината на јуни. Девет дена подоцна, на церемонијата на испраќање на министерот за правда, се тресеше повторно.
По инцидентот со украинскиот претседател, официјалното објаснување беше дехидрација. По вториот случај, германските медиуми јавуваа дека се работи за психолошки проблем.
Иако проблемите со здравјето се вообичаена работа за секој, германските политичари долго ги третираа како државни тајни. Додека Меркел објаснуваше дека некој период ќе мора да живее со проблемот, нејзината портпаролка Улрике Демер беше во офанзива објаснувајќи дека канцеларката е во најдобро здравје.
Разбиено табу
Фактот што воопшто се води и дискусија на оваа тема и што Меркел отворено зборува за своето здравје е веќе напредок на германската политичка сцена.
Во минатото, известувањето за здравјето на канцеларите беше исклучок, а не правило. Во 1970-те, тогашниот социјалдемократски канцелар Вили Брант искуси долг период на депресија за која јавноста не дозна. Слично, и во 1989 година, кусо пред падот на Берлинскиот ѕид, поранешниот канцелар Хелмут Кол преживеа обид за преврат во својата партија додека имаше огромни болки поради болната простата. Никој освен Кол не знаеше дека е болен.
Очигледно овие канцелари знаеја што прават: Германците, кои сметаат дека издржливоста е голем плус кај политичарите, не сакаат нивните лидери да покажуваат слабост. И, вообичаено, не сакаат ни да знаат за нивните болести.
Политичарите во Германија, исто така, имаат далеку поголема приватност во однос на други држави каде здравјето на политичарите е редовна тема. Во Франција, не е неумесно да се разговара за здравјето на претседателот, а во САД, медиумите имаат пристап и до здравствениот картон на претседателите. Иако и тоа не е правило: поранешните претседатели на САД Вудроу Вилсон, Френклин Рузвелт и Џон Кенеди беа тешко болни додека беа на функцијата, но јавноста не знаеше за тоа.
Времињата се менуваат
Начинот на кој се гледа на болестите кај јавните личности се менува и во Германија, а некои политичари директно придонесоа за тоа. Популарната социјалдемократска премиерка на Рајнланд Фалц, Малу Дрејер, секогаш беше отворена за својата битка со мултиплекс склероза.
Во државите со стриктно контролирани медиуми низ светот, темата е потешка. Диктаторите и автократите ретко се разболуваат- барем официјално. Сликите од рускиот претседател Владимир Путин како јава коњ полугол низ дивината имаат за цел да го зајакнат имиџот на силен лидер.
Меркел во меѓувреме се обиде да ја денфува драмата која се создаде околу нејзиното здравје. „Не треба да се грижите за мене“. На тој начин, таа се обиде да порача дека едноставно ќе продолжи со својата работа како и досега.