1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ѝ даде шанса на Крамп-Каренбауер

Розалија Романиец
17 јули 2019

Номинирањето на лидерката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер за нова германска министерка за одбрана во Берлин предизвика изненадување. Но зошто всушност, се прашува Розалија Романиец.

https://p.dw.com/p/3MCMt
Vereidigung Annegret Kramp-Karrenbauer Angela Merkel Ursula von der Leyen
Фотографија: Reuters/F. Bensch

За својот 65-ти роденден,  германската канцеларка доби истовремено два подароци. Прво, нејзината кандидатка  Урсула фон дер Лајен  со тесен резултат стана претседателка на Европската комисија. Со тоа Меркел успеа да ја пласира првата жена на оваа позиција. Потоа неочекувано го направи следниот потег, со пополнувањето на испразнетото место во Министерството за одбрана.

Политички трилер во Берлин

Во Берлин со денови кружеа гласини дека амбициозниот министер за здравство Јенс Шпан ќе стане наследник на Фон дер Лајен во Министерството за одбрана. Шпан во 2018. година ја загуби битката против Анегрет Крамп-Каренбауер за лидерската позиција во ЦДУ, но на младиот политичар и натаму му се припишуваат амбиции за канцеларската функција. Тој ќе можеше да се профилира како министер за одбрана, а очигледно беше прилично убеден во исходот. Неговиот биограф синоќа прерано ја твиташе радосната порака, но во меѓувреме е јасно дека некој си правел сметка без крчмарката.

Зашто, само малку подоцна Меркел ненадејно објави: Министерството за одбрана го презема шефицата на Христијанско демократската унија, Анегрет Крамп-Каренбауер. АКК во последно време се наоѓаше под силен притисок. Таа беше сконцентрирана на реформа на ЦДУ, сакаше да ја подложи партијата, по 18 години под палка на Меркел, на освежувачки третман. Но , АКК правеше грешки,  делуваше сѐ понесигурно. Рејтингот ѝ опаѓаше, коментарите стануваа сѐ покритички, сомнежите уште поголеми.

Deutsche Welle Rosalia Romaniec Portrait
Розалија РоманиецФотографија: DW/B. Geilert

Крамп-Каренбауер ги оставаше сите во уверување дека нема канцеларски амбиции – до вчера. И тогаш веројатно согледа дека не може да вози само со подигната рачна кочница. Ако сака да стане канцеларска кандидатка, мора да се докаже. Само партиска функција за тоа е премалку. Градењето авторитет и респект во машки доминирана партија не оди само со водење дијалог, туку првенствено преку одговорност и моќ.

Среде бура

Сосема е значи логично што таа го следеше својот инстикт за моќ кога Меркел ѝ го понуди Министерството за одбрана. Доколку му допуштеше предност на некој конкурент, тоа ќе беше толкувано како нејзина слабост. Затоа, АКК прифати. Така дејствуваат силните политичари.

За канцеларката ова е убав роденден. Заслабната од  јавните напади на тресење,  на свој начин недвосмислено стави на знаење дека цврсто ги држи уздите во рацете и самата ја насочува борбата за своето наследство.

Друго прашање е дали оваа одлука ќе има успешен исход и за Крамп-Каренбауер. Министерството за одбрана се смета за најтешкиот ресор. Аферите и проблематичниот имиџ го претвораат во минско поле. Крамп-Карембауер мора да се пробие без да претрпи штети. Еднаш таа изјави: „Паметен пилот го заобиколува невремето.“ А сега таа ќе мора да лета среде торнадо.