Мислете му ја во Третиот круг!
26 април 2019Avanti popolo, alla riscossa,
Bandiera rossa, Bandiera rossa
Ви текнува ли дека имаше време кога народот ве носеше на раце, пееше песни додека маршираше заедно со вас, а странците ве држеа во рака како капка вода и ви помогнаа да составите една килава влада.
Какви времиња на граѓански активизам, на убавата политика која како што ќе зинеше го кажуваше тоа што му лежи на душа на граѓанинот. Тоа беше сезоната на нашата историја, повторно вратена во рацете на народот спремен да ги измеша картите и да ви подели победничка рака.
Без разлика колку од самиот старт беше видлива килавоста, народот во најмалку две околности застана повторно позади вас. Ви подари речиси тотална локална власт, столчувајќи го ВМРО-ДПМНЕ и потоа ви кажа дека 600 илјади луѓе ја разбрале генералната насока во која ја водите државата, и ви даде согласност, проголтувајќи го горкото апче на промената на името.
На третата кривина, по нецели 2 години власт, тој истиот народ одлучи дека вашиот дел од договорот не е испочитуван. Ви откачи речиси 200 илјади гласови од вашето тело, оставајќи ве како ВМРО, на чисто партиската машинерија, единствената која всушност и виде некаков благодет од вашето кратко владеење. А би требало да знаете, ако планирате да се натпреварувате со ВМРО само како партија, без слободните и непартиски граѓани, со употреба на ботови и патетика, порано или подоцна ќе изгубите од нивната војничка партиска машинерија.
Други колумни од Ивор Мицковски:
-Нотр Дам, Воинот на Коњ и изметот за активистите
-Ја гледаме ли нашата црна дупка?!
-Селфи на новиот национален идентитет
Коалицијата СДСМ/ДУИ/Осумката на ВМРО/31 султан партии, да беше реална влада, во реални околности и нормални услови, без сите резерви кои ги носеше падот на режимот и промената на името, многу порано ќе доживееше ваков изборен дебакл, или подобро кажано, немаше никогаш да и се дозволи да се роди. Работата е што ние не живееме во нормални околности, и што вие реално не сте влада, или барем не сфативте дека треба да станете влада. Вие сте пакт на моќта. Основниот проблем на вашето владеење е што на една власт не и е доволно да потпишува договори и да генерира трули компромиси, потребно и е да практикува политика, покрај формата да има и јасна суштина, која не може да се реализира само низ добро поставениот евроатлантски пат, и папагалското повторување на деструктивноста на ВМРО. А кога не си влада испаѓа дека доволна ти е само моќта.
11 години напишавме и кажавме се што можеме против старата политика на моќ. Зборевме и работевме против хипокризијата, празните ритуали, формализмот, позитивните законски пракси, иделите секогаш жртвувани пред прагматизмот, двојниот морал, тројните вистини. Но, цинизам од волкави пропорции, да бидам искрен, не сретнавме ни во времето на режимот.
Нивото на самобендисаност, итарпејовство, празни ветувања, самоволие во демократска обланда, му здосадија на овој народ. Народот реши да ви удри шлаканица од епски пропорции. Ако има барем половина точно од дрскоста со која ДУИ се пофали дека добиле 90 илјади гласови, тогаш тоа значи дека вие го доживеавте најголемиот дебакл во изборната историја на независна Македонија, дотолку пострашно, што тоа ви се случи од позиција на владејачка партија.
Тоа што дополнително фрапира е димензијата на вашето неразбирање на причините за оваа катастрофа. Дали поради партискиот мазохизам, дали заради вашата автентична заслепеност, внатрешните анализи за поразот ви беа комплетно погрешни.
Анализата на Пендаровски дека поради непопуларни политики сте доживеале лош резултат е во линија со очајните внатрешни анализи за дебаклот.
Наводно најнепопуларната одлука за промена на името, луѓето ја прифатија, ја проголтаа, затоа што оние што сега не гласаа, препознаа добра и мудра државна политика. И треба да престанете тоа да го користите како алиби и сами да си ги рушите здравите политики.
Е сега, дека дел од тие политики беа и амнестии и тендери, тоа е факт, но тоа пак мислам дека потпаѓа и се амортизира со излезот од изолација и новиот национален идентитет.
Тоа што луѓето не ви го простуваат се криминалот и корупцијата, клиентелизмот, рекетарството, затвореноста, саможивоста, кои ги потсетуваат на ВМРО и од кои луѓето очајно бараат излез.Тука влегува и потрагата по поголема еднаквост и правда.
Оттука, не се непопуларните политики проблем, туку напротив, немањето политичка волја и бегањето од непопуларни политики, како расчистување на администрацијата и партиските вработувања, скратување на привилегиите за политиката, контролирање на самоволието на локалната власт, дивеењето на бизнисот, несправувањето со загадувањето, животната средина, растот на цените, бесмисленото трошење и задолжување.
Не се непопуларните политики проблем, нивното отсуство е проблемот.
Дури и инстинктивната реакција на шлаканицата од народот говори дека ништо не сте разбрале и се уште сте во технички нокаут. Наместо веднаш да се фатите со непопуларното, вие се фативте со најпопуларното, имитирајќи го и киднапирајќи го граѓанскиот активизам, фаќајќи се буквално за метлата. Се наведнавте да собирате пикавци, кога треба да се исправите и храбро да се соочите со контрадикциите кои самите ги произведувате. Граѓаните кои чистат, не го прават тоа само затоа што им е важно да биде малку почисто, туку за ви стават до знаење дека не сте во состојба да ги исполните базичните комунални задачи. Да не збориме за нешто поголемо и поважно.
Смешни се заканите со метлата и тие чистки кои звучат толку самореферентни и институционално одродени. Му е гајле на народот за вашите партиски чистки, дали некој ќе биде во преден план или од позадина ќе манипулира и краде. Вашиот ген-сек и шеф на штабот на натпартискиот кандидат после ваков дебакл требаше веднаш да се повлече од политиката, а наместо тоа ние дури мораме да го гледаме неговото срамно правдање и бегање од одговорност пред заклучоците на антикорупциска за непотизмот. Каде ви се сега смешните правдања дека Македонија е мала и секој со секого е роднина, или дека вашите дедовци, мајки, сестри, ќерки и синови, се свои независни луѓе кои немале врска со вашите ургенции? Народот сака да види функционални институции, ред и поредок, власт која презема одговорност, градење на силни институции и една длабока држава од која партијата ќе се откачи и нема повеќе да ја присвојува. Така да, оставете ги метлите, тие денес се во рацете на граѓаните, кои воедно ви го присвоија и пенкалото.
Нема ништо ново во оваа тажна историја. На избори гласа тој што е задоволен од политичката понуда или тој што избира помало зло. Новото, ако така можеме да го наречеме е што електоратот повеќе не се возбудува на помалото зло, ниту се плаши од поголемото. Од понуденото на изборниот пазар, граѓаните одбраа да не посочат никого. И како што гледате, граѓаните повеќе не се алармирани од духовите на стравот и деструктивноста, од враќањето на ВМРО, од вашата неспособност да владеете. Не се затоа што знаат дека нема го наградат ВМРО, разочарани се затоа што ве гледаат дека не владеете, туку располагате и се расфрлате со моќ. Вашиот гласачки потенцијал, луѓето кои цела деценија живееја една психодрама, па револуционерен жар, па комплетно разочарување, не сакаат и немаат намера и понатаму да мислат околу иднината на светот и Македонија. Збогтисано им е, животот им проаѓа пред очи без воопшто да им е подобро. Затоа и го дезертираа ова гласање. Одлучија дека доволно е вака. Разочарани, огорчени, или едноставно апатични, резигнирани и индиферентни.
Ги враќате во неполитичкото луѓето без кои не можете да опстанете на власт. Нешто што беше толку тешко да се создаде во оваа испразнета и папсана држава вие го анулиравте за помалку од 2 години. Врвната фаза на антиполитиката е кога повеќе не се верува ниту на популизмот. И ВМРО, без разлика колку се залажува со некаква си победа, добро го осети тоа на сопствена кожа. Но, антиполитиката пак има некаква си енергија која има мобилизирачки потенцијал – против политичарите, против партиите, против парламентарната демократија. Антиполитиката е сепак некаков си активен однос. Неполитиката која вие ја воведувате кај вашиот потенцијален електорат, е нешто сосема спротивно. Тоа е пасивна состојба, состојба на повлекување, на замор. Како граѓаните да ви кажаа: Оставете не на мира!
Чувството со кое ние тука се судираме наликува на резигниран очај, или поточно, очајна резигнација. Резигнација пред политичката празнина.
Опасно ќе погрешите ако продолжите да си ги броите само тие што ве гласале, заборавајќи на тие што останале дома. За ваш најстрашното, што очигледно не го регистрирате, е дека резигнацијата и желбата за негласање е најголема кај ангажираниот или пост-ангажираниот електорат. Додека се жалите на критиките и мрчењето, допрва ќе разберете што значи да останете без граѓанството кое е политички и морален компас, без оние кои имаат нешто да кажат. Веќе гледате, и зборев за тоа, интелектуалците се повлечени во својата приватност, одбираат да молчат, не знаејќи повеќе каков крик да испуштат пред целосното отсуство на срам и скромност на владејачките партии и функционери. Веќе сите се помирени дека ништо не можат да променат.
Кога таа фаза ќе се потврди или комплетира, ќе сфатите каква лоша услуга сте си направиле, и дека сте станале грдото лице на моќта, за кое мислевте дека сте го победиле.
Небитен е сега вториот круг, може ќе поминат овие избори и ќе добиеме претседател, а можеби ДУИ ќе ви пресуди, како што е во нивната итра политичка природа. Сепак и тоа ќе се преживее, и тоа што потоа е битно, е третиот круг, кој неминовно веќе се наметнува и дополнително ќе стане неизбежен. Имате малку време да излезете од оваа фаза на политичка празнина, да расчистите со криминалот и корупцијата, повторно да ги инволвирате граѓаните во како што велите: историските промени и напредок.
Само престанете да глумите дека нешто навистина правите. Впрочем, и почитуваниот Хојт Ји ви порача и ве изедначи со останатите во регионот, дека како и сите останати, само глумите реформи. Каква жестока оценка после се што направивте заедно со странците.
Публиката драги властодршци сака да гледа и глумци и политичари, под античката претпоставка дека првите глумат и нивната глума е прифатена измама, додека вторите го прават тоа што го кажале и ветиле. Полека станувате и смртта на политиката и смртта на сатирата. Сте ги измешале улогите. Време е да престанете со измамата.