Бизнисите со европски пасоши ги зајакнуваат популистите
16 февруари 2019ЕУ го следи примерот на Римското царство кое даваше државјанство на странци само за да влијае врз соседните народи. Ветувањето за проширување на Унијата долги години го стабилизираше и смируваше соседството. Концептот за паневропско државјанство, предвиден во договорот од Мастрихт, веројатно уште во минатото предизвикувал нелагодност кај многу Европејци. Големиот шок се случи кога дојде до проширување на Истокот. Романија и Бугарија во 2007 година и покрај ритуалните звуци на Одата на радоста од Бетовен, беа примени тотално без радост. Прашањето каде треба да се повлечат надворешните граници на ЕУ сѐ повеќе беше во центарот на јавната дебата. Една од најуспешните манипулации на кампањата за напуштање на ЕУ пред референдумот за Брегзит во 2016 година беа пораките дека околу 70 милиони Турци би ја „“згазиле" Велика Британија при идно проширување на Унијата.
Националистичко присвојување на етнички малцинства
Големи проблеми настануваат и преку националистичките припојувања на етнички малцинства во други земји. Концептот на Хитлер за етничките Германци кои живееја надвор од Германија и Австрија (на германски Фолксдојчен), кој го користеше како причина за воена интервенција во суверени држави, е јасно отфрлен. Но, во пракса изгледа дека „крвта" и потеклото во многу случаи и натаму имаат посебен правен статус. По распадот на Советскиот сојуз, Германија или Грција даваа државјанство на малцинствата од странство кои се враќаа во татковината на предците. Унгарија и подоцна Бугарија принципот „народ" го користеа на уште понационалистички начин, бидејќи според нивната национална идеологија се граничеле со „свои" територии кои биле отцепени низ војните на неправеден начин. Од 1993 година унгарското државјанство за припадници на унгарското малцинство во соседните земји врз основа на потеклото, се користи како политички стејтмент. Притоа, критиката на либералната Левица во Унгарија за таквата пракса остана без резултат.
Во случајот со Бугарија честопати нема ни документи за потеклото, што не е ни невообичаено на Балканот, па оттаму за припадниците на малцинствата во странство се бара „бугарска свест". Теоретски, секој граѓанин од Северна Македонија може да тврди дека се чувствува како „Бугарин“, зашто според доктрината на бугарските националисти Македонците припаѓаат на „Бугарската нација". Кога ќе го добијат бугарскиот пасош новите бугарски државјани може да патуваат на Север и на Запад, каде што и во други земји на ЕУ ќе може да живеат и работат без виза.
Други колумни од авторот:
Моја Европа: Демократија против владеење на правото
Тргнете ја Македонија од историчарите!
Валкан бизнис со бугарски пасоши
Не постои критериум за тоа што е „бугарска свест“, значи работата останува во рацете на некои чиновници. Така цути валкан бизнис, во кој бугарски пасоши се продаваа по пет илјади евра, сѐ додека во 2018 тој не беше разоткриен. Во таквите коруптивни дејствија беше вмешана и националистичка партија од Бугарија. Истовремено, државјанствата беа користени и како економски ресурс: во случаите со т.н. „Златна виза" и инвестициските програми. Во таквиот контекст Европската комисија ги критикуваше и Кипар и Малта. Притоа не беше ставен под прашање принципот како таков, туку само се забележуваше дека немало доволно контролни механизми. Оттука, постоел ризик криминалци да дојдат до европско државјанство. Комесарот за правда на ЕУ, Вера Јурова, спомена примери на спорни руски граѓани кои преку овие земји успеваат да влезат во ЕУ.
Проблемот не е само безбедноста. Зад фасадата на легалното има цел пазар на кој се продаваат државјанства во дива трка меѓу разни влади. Помали земји ја нудат можноста за „скромни" инвестиции, а за возврат нудат државјанства. Кога инвеститорот ќе го добие посакуваниот пасош инвестициите се враќаат, со тоа што тој го продава стекнатото. Други држави ветуваат дека нема државни испити или медицински контроли. Со одредени парични суми или изнудени донации веднаш се доаѓа до државјанство. Ултимативна понуда: не е потребно ниту физичко присуство во земјата од која се бара државјанството. Па така секој иден инвеститор од некоја плажа може да стане државјанин на некоја земја од ЕУ без да мора да го напушти даночниот рај каде што живее.
Држави од периферијата прават дампинг со државјанства
Не е ни чудо што таков цинизам ни се враќа и удира нам од глава. Се компромитира основниот принцип на национална припадност. Ослободено од секакви морални обврски, државјанството на една земја се деградира за да се постигнат само политички, економски или идеолошки цели. Реакцијата е опасна. За да се воспостави чувство на припадност наместо тоа се вадат рудиментарни принципи како раса, религија или историска фантазија. И тоа ја поткопува ЕУ. Државите од периферијата прават дампинг на државјанства слично како и на пазарот на трудот или во социјалниот дел. Зошто од тоа не е настанат поголем проблем? Гигантите во индустријата како Германија изгледа дека во моментот немаат ништо против, бидејќи се чини дека ова е начин да дојдат до итно потребната работна сила без да се стават декларативно против сопствените национал-популисти. Јас стравувам дека иритираноста е сѐ поголема, на опасен начин.
Има две излезни сценарија. Можеме да воведеме заеднички закони за доделување државјанство кои ќе бидат обврзувачки за сите членки на ЕУ: исти процедури, исти услови, исти права. Тоа во времиња кога популизмот цути, ќе биде тешко спроведливо. Подноставен начин е да се диференцира помеѓу ЕУ и националното ниво: прво се станува Малтежанин, Бугарин и.т.н., потоа мора да се добие супранационално европско државјанство. Тој што смета дека ова се коси со европските договори, треба да земе едно предвид: ако не сопре измамничката пракса за давање државјанства, ќе настане повисока хиерархија на европските пасоши, без разлика дали тоа ни се допаѓа, или не.
Ивајло Дичев е културен антрополог од Бугарија и визитинг професор на универзитетот во Регенсбург.