Моја Европа: Ве молиме, покажете малку емпатија!
6 јануари 2018„Вистинска германска хемија“ - тоа за некои полски уши звучи речиси застрашувачки. Па сепак, од времето непосредно по пресвртот во 1989 година, токму тоа е етикета за сигурен продажен успех. Зашто, секоја домаќинка во земјата се колне во тоа дека само во Германија произведените и за германскиот пазар наменетите средства за перење и чистење се навистина германски, што значи се со подобар квалитет. Истата марка „Мејд ин Поланд“ не е добра: „Персил“ не е „Персил“, „Омо“ не е „Омо“.
Така натписот „Вистинска германска хемија“ е популарен на тезгите не само на пазарите долж границата на Полска со Германија, туку и во внатрешноста на земјата, вклучувајќи ја и мојата родна Варшава. Мајка ми постојано минуваше по половина град за да стигне на пазарот на кој се продаваа вреќи со прашок за перење којшто чинеше двојно повеќе од полскиот.
И, иако денес сум возрасен и живеам на оддалеченост од над 600 километри од мајка ми и морам самиот да си ја перам облеката, таа е сѐ уште горда на она што го правеше. До денес вели: „Давав сѐ од себе за сите дома да не мора да шетате како последни скитници во лошо испрани алишта.“
„Европејци од втора класа“
Голем број граѓани од централна Европа цврсто веруваат дека се „Европејци од втора класа“. Таа верба му даде белег и на инсценирањето на првата посета на странство на новиот полски премиер Матеуш Моравјецки. Патувањето го одведе токму во Будимпешта.
Таму паднаа големи зборови. Со цитатот од полската национална химна „Полска не е загубена сѐ додека сме живи“, Виктор Орбан на Фејсбук постираше видео за посетата. На снимката зборува за тоа дека централна Европа денес функционира извонредно. Во времето кога се приклучуваа кон ЕУ никој не веруваше дека тие земји еден ден ќе може да се наречат „Мотор на ЕУ“, вели Орбан.
Известувањето на медиумите кои се блиски на полската владејачка партија ПиС беше во ист тон. „Газета Полска“ во коментар оцени: „Државите на т.н. стара ЕУ не ги разбираат проблемите и интересите на централна и источна Европа. (...) Полска мора да создаде сојуз на пријателски држави кој ќе биде во состојба да ги зафати овие проблеми и интереси.“
Повредени чувства и недоволно разбирање
Повредените чувства се отпорни на аргументи. Затоа е сеедно што Орбан како прагматичар во многу стратешки сфери, од полски аспект, се поставува контра интересите на Варшава. Политичката опозиција на Моравјецки и нему блиските медиуми за ова може да пишуваат и известуваат колку сакаат - тие ги убедуваат само веќе во тоа убедените.
На повредените чувства, како што е познато, може да се одговори вистински само со емпатија. Во меѓучовекиот однос таа има исцелително дејство. Слично е и со колективните чувства. „Газета Полска“ повеќе од јасно става до знаење по што се копнее: луѓето се чувствуваат неразбрани и сакаат нивните потреби да бидат слушнати.
Европа денес внимава на политиката на сеќавање. Тоа е навистина достоинствено, дотолку повеќе што најголемиот дел од погодените од Втората светска војна и колонијализмот се веќе починати. Но, она што во моментов итно ни е потребно е негување на врската.
Зашто, ЕУ е еден вид врска - со договори кои создаваат рамки за заеднички живот, но пред сѐ со чувства на жителите на континентот кои веруваат дека меѓу нив постои емоционална врска и поврзаност во погледите кон светот.
Погрешни и вистински зборови
Дали Хенкел или Унилевер навистина со намера за централноевропските пазари произведуваат продукти со послаб квалитет, е прашање. Такво нешто можеби и не може воопшто да се докаже. Исто како што е случајот со ЕУ-политиката од Берлин и Париз која можеби одела на штета на централна Европа.
Но, во една среќна врска не се работи за тоа да се има право, туку се искажуваат потреби, се слуша оној спроти тебе и се прават обиди за меѓусебно исполнување на желбите.
Дали би било наивно да се очекува концерните и владите да го следат тој пример, да покажат емпатија сега и овде? Да се соочат со колективните повреди иако всушност немало лоши намери, но сепак се оставил таков впечаток?
Во многу европски медиуми и политички говори во меѓувреме со илјадници зборови се пишува за свртувањето на Полска в десно. Искрено, навистина сум сит од кукањето, поучувањето, огорченоста, поларизацијата и од потпалувањето непријателства.
Зборови на емпатија може да ги лекуваат чувствата. Но, кога во погрешен момент ќе се употреби погрешен збор, врските се распаѓаат. Саканите стануваат непријатели и потоа ниту еден збор веќе не може да промени ништо.
Станислав Штрасбургер е роден во Варшава. Тој е писател и менаџер за култура. Во форма на книги објавил: „Опседнатост: Либан" и „Трговецот со приказни". Живее наизменично во Берлин, Варшава и разни медитерански градови. Тој е и член на Советот на здружението „Humanismo Solidario“.