Моја Европа: Невладините организации како омилен непријател
14 декември 2019„Норвежани, губете се! Нашите деца не се на продажба!“ Во изминативе месеци во Софија може да се видат сѐ повеќе лути луѓе со плакати испишани со вакво пораки – мешавина од националисти, религиозни фундаменталисти и горчливи противници на новиот предлог закон за социјални придобивки во Бугарија. Слични тензии предизвикаа и предложената „Стратегија за децата“ (комплексен пакет мерки за подобра заштита на децата) и Истанбулската конвенција (за борба против насилство врз жените). Многу Бугари сметаат дека ова го отвора патот за легализација на истополови бракови и воведување на „трет род“.
И овојпат постои сомневање дека државата планира да го уништи „традиционалното бугарско семејство“. Но каква врска со сето ова имаат Норвежаните? Голем број невладини организации, кои беа вклучени во овие три проекта, добиваат финансиска поддршка од ЕВР и Норвежаните (ЕЕА и Норвешки грантови). Во овој контекст таблоидите ги шокираа Бугарите со хорор приказни за тоа како норвешката служба за заштита на децата „Барневерт“ грабнува деца.
Бугарија: Мобилизација за „национален суверенитет“
Ваквите примери сѐ почесто се повторуваат. На новиот популизам му се потребни непријатели поради што многу невладини организации се обвинувани дека сакаат да го поткопаат националното единство, дека се раководат само од сопствени интереси и сакаат да си ги приватизираат јавните програми. Но не се сите невладини во овој кош, бидејќи родителите, патриотите, верниците и традиционалистите често и сами основаат НВО. Непријателски став постои само кон оние организации кои се спонзорирани од странство. За овие „предавници“ во Бугарија има нови навредливи термини. Како на пример „соросоиди“ кој се однесува за некој кој добива финансиска поддршка од фондацијата на американскиот милијардер Џорџ Сорос и поради тоа се смета за негов „слуга“, или пак „грантаџија“ со што се означува некој кој постојано моли за грантови и стипендии.
Во Бугарија националистичките партии уште од 2017 се борат за еден закон со кој ќе се забрани здруженија на судии да добиваат пари од странство. Верзијата на законот предложена во 2019 предвидува дека за негелално финансирање ќе се смета се` што доаѓа надвор од ЕУ, како на пример од американски спонзори. Десните екстремисти и про-руската партија „Атака“ исто така сакаат да се забранат и професионални здруженија во правното поле. Воопшто не е тешко, во ваквата нова мобилизација за заштита на националниот суверенитет да се препознае ехо од борбата против таканаречените „империјалистички диверзии“ од времето на комунистичката диктатура.
Во 2012 година Путин потпиша закон со кој ги натера невладините организации финансирани од Западот да се декларират како „странски агенти“. Тој не целеше само на организациите со политички активности, туку и на хуманитарните и граѓански НВО. Така не само невладината организација на опозицискиот политичар Алексеј Навални сега се смета за „странски агент“, туку на списокот е додадена и руската организација за човекови права „Меморијал“, која работи на сеќавање на жртвите.
Унгарија: Демонизација на Сорос, притисок врз НВО
Во Унгарија премиерот Виктор Орбан не само што успеа да ја користи за свои цели демонизацијата на Џорџ Сорос во Источна Европа, туку со неговиот Закон за транспарентност на организации финансирани од странство од 2017 и посебното оданочување од 25% на НВО кои работат со мигранти, на авторитарната власт во Турција и на популистичката влада во Италија им даде добредојден пример.
Претходни колумни од авторот:
Моја Европа: Музеј на комунизмот во Бугарија – невозможна мисија?
Моја Европа: Поголема соработка за балканските земји!
Моја Европа: Балканот несакан, или пак му недостасува волја?
Критичките реакции на Европската комисија до сега не покажаа ефект. Секако дека е проблематично ако НВО формираат паралелни структури на јавните институции и приватизираат социјални установи, кога луѓе кои не биле избрани за таа служба подготвуваат законски решенија, организираат протести или се грижат за едукацијата на особено ранливи општествени групи. Настанувањето на НВО во Источна Европа по пресвртот, во тешкиот транзициски период во 90-тите години на минатиот век, често беше шок, бидејќи во тоа време државните институции колабираа и редица јавни активности беа преземени од страна на НВО. За некои интелектуалци таквите организации тогаш беа и начин да направат пари. Тоа теориски важи и денес, но во меѓувреме платите во приватниот и јавниот сектор ги пречекоруваат сумите што може да се заработат во „третиот сектор". Сепак, темата пари остави еден вид траума зад себе, бидејќи просечниот граѓанин чувствува завист спрема лицата од НВО кои зборуваат англиски и имаат врски со Западот и за кои животот во татковината изгледа помалку тежок.
Кога има согласност за заеднички вредности, изворот на парите ќе биде помалку битен
Мора да има консезус за тоа какви активности поддржуваат глобалните спонзори: тука на пример мора да спаѓа и правната држава. Ако се постигне договор за заеднички вредности, не би требало да е толку битно од каде ќе дојдат парите, особено во ЕУ и евроатлантскиот простор. Но, десноекстремистите ги напаѓаат токму тие вредности на либералната демократија.
Ако граѓаните се организираат во НВО, стануваат пречка за авторитарни политичари: не само поради она што конкретно го преземаат, туку и заради тоа што го мобилизираат мислењето на јавноста во странство против локалните автократи. Нивна најважна цел е да ја држат власта во шах. Затоа по пресвртот во источна Европа беа „увезувани” и меѓународни невладини организации. Во 90-тите години се мислеше дека странската поддршка ќе биде комбинирана со националната, која потоа постепено треба да ја замени првата. За жал ни денес во Бугарија или Романија речиси и да нема домашни бизнисмени кои на пример би поддржале НВО што се залага за малцинствата и наместо тоа преферираат да финансираат фудбалски клубови или фолклорни фестивали.
Зошто тогаш популистите толку се нервираат за финансиска помош од надвор за НВО, кога на тој начин се компензира недостигот на пари од внатре? Тие не сакаат граѓаните да се организираат. Филозофот Хана Аренд пишува дека тоталитарната власт е можна само кога нацијата се состои од обесхрабрени и недоверливи индивидуи. Истото важи и за популистичкото владеење.
Ивајло Дичев е професор за антропологија на културата на универзитетот во Софија во Бугарија. Меѓу другото предавал и во Германија, Франција и САД.