Пред да вивне пламенот на пропагандата
24 јуни 2017Роден сум во Гдањск, на германски - Данциг. Сите мои сограѓани во себе ја носат трагиката на историјата. Пред 50 години, тогашните медиуми во служба на комунистичката пропаганда, од утро до вечер трубеа дека мојот роден град отсекогаш бил полски. Како дете, радо верував во тоа. Но, откако ги научив првите букви, констатирав дека во мојата наводно целосно полска куќа, на радијаторите и славините беа испишани зборови кои звучеа донекаде комично: калт-варм (топло-ладно, на германски, н.з.). И на поштенското сандаче стоеше германски назив - Брифе (писма). Старомодно облечените постари дами на враќањето од црква зборуваа чуден јазик - подоцна дознав дека тој се нарекува „платдојч“.
Во никој случај не сакам да кажам дека Гдањск отсекогаш бил германски, како што од една страна претставуваше пруската, а подоцна и нацистичката пропаганда, ниту пак дека отсекогаш бил полски град, според тврдењето на комунистичката пропаганда. Историјата е покомплексна, но истовремено и фасцинирачка.
Култ на слобода, од онаа страна на национализмот
Ние, младите бунтовнички опозиционери, ги отфрлавме двата националистички мотивирани наративи, вдлабочувајќи се во книгите на автори од Гдањск: мемоарите на мајката на Артур Шопенхауер, романите на Гинтер Грас, есеите на Херман Раушнинг, посебно „Револуцијата на нихилизмот“ и книгите на Павел Хиле и Стефан Хвин. Се чувствувавме како граѓани од слободарскиот град Гдањск. Зашто, нам ни беше најважен оној култ на слобода, настрана од сите национализми, присутен од времето на Ханза па до Солидарност и Лех Валенса. Тој стана дел од нашиот идентитет.
Потсетувам на тоа за да стигнам до заклучокот: секогаш, кога историјата ќе им била препуштена на политичките инженери, кои минатото го моделираат според своите политички и националистички гледишта, Полска и Германија биле оддалечувани една од друга, завладувало непријателство, кулминирајќи до најголеми несреќи.
Затоа, дотолку поважен е гестот на Тадеуш Мазовјецки и Хелмут Кол во ноември 1989. година во Крижова, слика иста со онаа од германско-француското помирување меѓу Шарл де Гол и Конрад Аденауер. Гестот на Мазовјецки и Кол го отвори првото неконфронтирачко поглавје во вековната историја на германско-полските односи и го овозможи „херозимот на помирувањето“, како што формулираше надбискупот Алфонс Носол. Хероизам, кој почна со писмото на полските бискупи до нивните германски браќа по функција со зборовите: „Ние простуваме и молиме за прошка.“
Чувари на наследството на Кол и Мазовјецки
Мојот тетин Францисек Барановски, сопруг на мојата тетка Клара, побегнал од Швец во Померанија за да ја избегне присилната регтрутација спроведувана од Вермахтот. Неговите двајца помлади браќа загинале на Источниот фронт во германски униформи - биле убиени од руски војници. Тоа беше една од семејните приказни кои се раскажуваа во Померанија. Не ги споменувам без причина. Зашто, тие можат да бидат злоупотребени во политички цели или заради ширење антигерманско расположение - од биографијата може да се ископа дедото во униформа на Вермахтот. Или тоа може да се направи на друг начин, онака како што со години работат номинираните и добитниците на наградата „Тадеуш Мазовјецки“, кои трпеливо ги разјаснуваат германско-полските судбини и раскажуваат приказни за човечките трагедии од пограничниот регион, од Мазурија, Померанија или Шлезија. Со тоа создаваат клима на доверба, простување и помирување.
Институциите како наградата „Тадеуш Мазовјецки“ или донеодамна Музејот на Втората светска војна, Фондацијата Крижова за европско разбирање, независните медиуми, сите тие се чувари на наследството кое ни го оставија двајцата великани Европејци: Тадеуш Мазовјецки и Хелмут Кол.
Ние, граѓаните на Гдањск, ја познаваме трагиката на историјата
Без тие институции, без слободните медиуми, кои наскоро, ако дојде до таква одлука, би можеле да бидат „ре-полизирани“, ќе биде едноставно распламтувањето на огнот на антигерманска пропаганда. Во Полска таа беше во сила за време на Владислав Гомилкас и писмата на полските бискупи. Онака како што тогаш Конрад Аденауер беше прикажан во крсташка мантија како со канџи посегнува по подрачјата во западна Полска, така и денес на насловните страници на некои медиуми, блиски до владата, може да се видат германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск - националсоцијалистички стилизирани.
Ако нашата заедничка трагична историја повторно стане заложник на политиката, ќе ги прокоцкаме на неодговорен начин плодовите од дијалогот кој го почнаа нашите татковци долго пред 1989. година. Ќе го прокоцкаме трудот на оние кои имале лични причини да не ги простат страдањата кои им биле нанесени, а сепак простија, во име на заедничката иднина. Тука да го споменеме само Владислав Бартошевски, Станислав Стом, Мјецислав Пзон, Јан Новак-Јежиорански, Карл Деециус, но и Марион Денхоф, Вили Брант и други.
Ние од Гдањск посебно добро ја познаваме трагиката на историјата. Во неа спаѓа и свеста дека најтешките злосторства можат да се повторат. Дека мирот, демократијата, европските вредности, толеранцијата и човечката солидарност, се вредности за кои постојано треба да се води грижа и мораат постојано да се ценат.
Полскиот новинар Јарослав Курски е заменик-главен уредник во либералниот дневник Газета Виборча. Во 80-те години бил активен во антикомунистичкото подземје. Од 1989-1990 бил портпарол на претседателот на Солидарност, Лех Валенса. Неговиот брат Јацек Курски, меѓутоа, бил националконзервативен политичар кој се прослави во 2005 година во предизборната кампања, обвинувајќи го тогашниот претседателски кандидат Доналд Туск дека неговиот дедо бил во Вермахтот. Туск тогаш загуби во претседателската трка од Лех Качински.
Овој текст е скратена верзија на говорот на Јарослав Курски на доделувањето на наградата за новинарство „Тадеуш Мазовјецки“.