Моја Европа: Јазикот е клуч за среќа
25 ноември 2017Мојата љубов кон јазикот и кон јазиците ја сметам за семејно наследство. Кога беше задоволна од своето кулинарско дело, на пример супа, мојата прабаба велеше: зготвив супа што зборува седум јазици. За прабаба ми, познавањето некој јазик беше од исклучителна важност. Она што го прави човекот, велеше таа, тоа е неговиот јазик. Неговиот внатрешен јазик, би дополнила јас денес.
Прабаба ми често употребуваше една поговорка: колку јазици зборуваш, за толку луѓе вредиш. Со други зборови, човек има вредност еквивалентна на бројот јазици кои ги владее. Родена во Австро-унгарската монархија, еден вид avant la lettre на Европската унија, нејзината кршеница била напишана на германски, романски, унгарски и на латински. Таа зборуваше повеќе јазици, некои ги научила од своето опкружување, некои пак ги стекнала за време на својот живот во туѓина. Да живее во некоја земја без да го владее нејзиниот јазик, за неа било неприфатливо, непоимливо, недостојно. Целосно го делам нејзиното гледиште.
Супа која зборува седум јазици
Во текот на годините додека живеам во Берлин, градот се претвори во космополитска метропола. Луѓе од цел свет овде го наоѓаат своето одредиште, ја остваруваат својата професионална шанса, можност да преживеат, го исполнуваат животниот сон. Некои се луѓе кои ја одбрале Германија по своја сопствена волја, дури и без доволно знаење на јазикот. Други се бегалци.
Некои од новодоселените живеат во интернационално, високопрофесионално милје, каде најчесто комуникацијата се одвива на англиски јазик. За нив германскиот јазик не е пресуден за преживување, па се во заблуда дека не постои принуда да го научат. Постои категорија луѓе кои живеат во паралелно општество, изолирани во своите културни граници и непознавањето на јазикот на земјата каде се доселиле. Од овие кругови особено хендикепирани се жените и младите. Притоа, не е тајна дека самоизолацијата води кон недоволна самодоверба и подразбира загуба на слобода. Така никогаш не може да се постигне состојба на самоопределување.
Прабаба ми, со својата супа која зборува седум јазици, секако го знаела ова. Тоа го знаеја интуитивно и моите деца. По првите недели од наставата во Германија, ми одговараа само на германски јазик. Од почеток сакаа да бидат тукашни, да се присутни, да припаѓаат овде, да бидат дел од целината. Да не бидат осудени на живот во гето.
Самонаоѓање преку јазикот
Како автор, на почеток секојдневно имав помешани чувства. Со себе донесов повеќејазичност, но наскоро се чинеше како да сум ја загубила. Мојот германски јазик беше рудиментиран, не достигаше за да можам да пишувам. Истовремено, се плашев од губење на идентитетот преку промена на јазикот, тоа ме застрашуваше и ми го одземаше здивот. Ме доведуваше до здрвување. Која сум јас без мојот мајчин јазик? Која сум јас во новиот јазик? Дали воопшто сум некој? На оваа состојба на внатрешно разложување, се надоврзуваше чувството на безвредност. На духовно осиромашување.
Се бранев против овие чувства. Ѝ се спротиставив на својата судбина и си го повратив својот внатрешен јазик, научив германски јазик. Се идентификував со него и си го повратив чувството за сопствена вредност. Го прилагодив јазикот на моите потреби, го освежив преку своите сопствени искуства и чувства. Кога по моите книги напишани на романски јазик, ја напишав мојата прва книга на германски јазик, мразот засекогаш беше скршен.
Во денешно време многу повеќе се знае за позитивните и негативните искуства на мигрантите. На мигрантите и на бегалците на располагање им стои и професионална помош. Не само јас лично како единка, туку и Берлин, и оваа земја, станаа свесни колкаво е значењето на јазикот за живот во земјата. Да се надеваме дека дојденците, од каде и да стигнале, ќе ја искористат оваа помош. Дека ќе сфатат оти совладувањето на новиот јазик е клуч кон самопочит, а со тоа води и кон респект и признание од страна на другите. Јазикот е клуч за успех и среќа. И клуч за пронаоѓање на својот вистински идентитет.
Кармен-Франческа Банчиу е романска и германска писателка и доцент. Од 1990 година живее во Берлин и како слободен автор води семинари за креативно пишување. Од 1996 година пишува и на германски јазик. Нејзини последни издадени дела се книгите „Лесно ветре во рајот" и „Берлин е мојот Париз - приказни од престолнината".