1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На огнометите во Германија црно им се пишува...

Лиза Хенел
30 декември 2019

Во германските градови во новогодишната ноќ традиционално не престануваат експлозиите – додуша станува збор за петарди и ракети. На екологистите тоа подолго време им е трн в око, но сега веќе паднаа и првите забрани …

https://p.dw.com/p/3VUjn
Deutschland | Silvester | Feuerwerk | Böller | Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hirschberger

Едвај некој уште може да објасни зошто Германците ја испраќаат старата и ја долекуваат новата година со огномети и експлозии. Во некои култури таквите обичаи се поврзани со верувањето дека со бучавата ќе се разбркаат несреќата и зимата. Германците не размислуваат за тоа, но секако мора за дочекот да имаат подготвено шампањ и доволна количина од она што ќе прави поголема бучава од пукањето на шампањот. Тука не се штеди. Според информации на пиротехничката индустрија, минатата година во Германија е остварен промет во оваа гранка од 133 милиони евра. Всушност, продажбата на пиротехнички средства во Германија е забранета, освен во неколкуте дена во пресрет на нова година. Во многу светски градови нова година се дочекува со огномети, но на пример во Париз или Даблин огнометот го приредуваат самите градски власти. Тоа не е ефтина забава. Но, дури и да организира некој германски град огномет, тоа никако не значи дека нема да се пука и “приватно” по улиците и дворовите.

Доста беше со страв и експлозии

Исто така традицонално новогодишниот огномет е трн во око на многумина. Активисти за заштита на околината неуморно посочуваат како беспотребно се оптоварува околината, љубителите на животни се жалат дека тоа ги плаши дивите животни и домашните миленици. Полицијата, итната помош и пожарникарите исто така секоја година мора да се справуваат со жртвите на таквите огномети или со настанатата штета. Тоа особено важи за експлозии на петарди или ракети од аматерско производство или увезени од странство бидејќи се чини дека има доста Германци чија цел во новогодишната ноќ е да предизвикаат експлозија споредлива со нуклеарната печурка…

Но, таквата „забава" навистина не е безопасна, особено кога луѓето се собираат за дочекот на јавен простор, па може лесно да се случи петарда да ви долета до нозете или на глава да ви падне остаток од ракета од огнометот. Во Германија веќе има градови кои забранија огномет во одредени населби, некои воведоа и целосна забрана, барем за оние пиротехнички средства кои предизвикуваат поголеми експлозии.

Повеќе:

-Новогодишен огномет и петарди - за едни радост, за други проблем

-Новогодишна ноќ во барут и чад

На пример Ахен, градот на тромеѓето меѓу Германија, Холандија и Белгија. За прв пат сградските власти воведоа забрана за ракети кои се издигнуваат над два метра висина. „Сакаме да ги заштитиме на шите историски згради. Пред девет години новогодишна ракета предзивика пожар во една наша црква при кој беше многу оштетен олтарот на црквата", објаснува Линда Плеш од градската управа на Ахен. Тоа е град во кој во стариот центар изобилуваат низа стари згради и знаменитости, меѓу кои и катедралата на Карло Велики.

Германците всушност и не сакаат огномети

Во Париз се повеќе се преоѓа од старите ракети за огномет на модерни визуелни ефекти. Се приредува ласерско шоу и со рефлектори, а на самите граѓани им е забрането да пукааѕ било што друго освен шише шампањ. Во Њујорк и други градови во САД огнометот во новогодишната ноќ воопшто не е главната атракција, иако треба да се појасни дека огнометот таму е традиционално поврзан со прославата на Денот на независноста и тогаш имате впечаток како да сте на боено поле.

Всушност изгледа дека Германците воопшто и не го сакаат огнометот. Според неодамна спроведено истражување на јавното мислење од страна на платформата YouGov, а по нарачка на германските медиуми, дури тројца од четворица испитаници се изјасниле дека се за ограничување на огнометите за нова година, а третина од испитаните лица веднаш би вовела целосна забрана. Тука особено жените се строги - 80% заговараат забрана на приватни огномети, додека за истото се изјасниле 69%од мажите.
Против огнометот веќе долго се бори и организацијата Германска помош за околината, позната пред се по својот крстоносен поход против дизел возилата. Тие објавија ставични пресметки за тоа колку всушност огнометите ја загадуваат околината. Па така, се тврди дека за само неколку часа во новата година во водухот се испуштале околу 5 илјади тони опасна фина прашина, или 16 проценти од она што градскиот сообраќај го предизвикува за цела една година.

Deutschland | Silvester | Feuerwerk | Böller | Düsseldorf
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Michaellis

Заштитата на животната средина е поважна од сѐ?

Се чини дека податокот кој радо го користат и други активисти за заштита на околината, е сосем „креативна“ пресметка на ДУХ - градот Ахен пред својата забрана испрати тим експерти да го измери количеството на прашина во новогодишната ноќ. Линда Плеш ни признава дека прашината речиси и да немала никаква улога во одлуката за ограничување на огноментот бидејќи дополнителното загадување би било „толку мало што речиси и не може да се измери."

Заштитниците на животната средина истакнуваат дека веќе многу германски градови делумно или целосно забранија огномет, а особено имаат пофални зборови за забраната воведена на островите Фор, Амрун и Силт. Иако дел од медиумите ги пренесуваат и ваквите пофалби, забораваат да споменат дека се тоа острови на Северното море: ракети покрај брегот и во поморскиот сообраќај значат опасност и повик за помош на кој бродовите мора да одговорат. Затоа и огнометите таму не се прифатливи.

Но, општиот тренд сепак оди во насока, како што го нарекува организацијата ДУХ – Силвестер 2.0 – односно новогодишна ноќ без огномет. Дури и некои трговски синџири самоиницијативно решија годинава да не продаваат пиротехнички средства воочи Нова Година. Меѓу нив е и синџирот на опрема за градежништво Хорнбах, а исто така некои филијли на маркетите од синџирот РЕВЕ и Едека не нарачаа вакви производи. „Се откажуваме од прометот кој би го оствариле и не знаеме како ќе реагираат нашите муштерии, признава Кристоф Виндгес, кој раководи со еден голем маркет на Едека. Но, заштитата на животната средина и љубовта кон животните исто така е голем тренд, така што можеби ќе ги освојат симпатиите на некои муштерии.

Сепак ракети и петарди сѐ уште може да се купат насекаде, така што далеку од тоа дека не може да се најдат. Некои родители можеби годинава се цврсто решени дека нема да купат ниту една петарда или ракета. Но, тоа ќе треба да им се објасни на дечињата која во новогодишната ноќ ќе прашаат зошто сите останати деца во соседството имаат својо огномет а само тие не. Бидејќи обичаите тешко се менуваат. А и кој ќе мисли на забрани и акони во „најлудата ноќ."