80 години од нападот на Хитлер на Советскиот Сојуз
22 јуни 2021Недела, 22 јуни 1941: околу 3.15 часот германските сили го напаѓаат Советскиот Сојуз. Без објавување војна, без обзир на договорот да не се оди во напад, т.н. Хитлер-Сталин пакт. Повеќе од три ипол милиони германски и сојузнички војници, поддржани од артилерија, воздухопловни сили и тенкови напаѓаат – брзо, масовно, безмилосно. Авионите бомбардираат советски авиони кои се на земја. Борбената линија меѓу Балтичко и Црно Море се протега на 1600 километри. Најдолг фронт во историјата.
Нападот за војниците на Советскиот Сојуз е неочекуван и ги снајдува неподготвени. „Некои излегуваа во пижами да пукаат, сосем изненадени", се потсетува поранешниот војник Герхард Герц во видео објавено на порталот за сведоштва на очевидци при Домот на историјата во Бон. Предупредувањата за такво нешто Сталин не ги сфаќал сериозно, бидејќи сметал дека Хитлер нема да се осмели да го нападне огромното царство и на тој начин пропуштил навремена мобилизација. Германската пропаганда нападот го оквалификувала како превентивен удар против непосредно претстоечка воена агресија од болшевистите. Во реалноста Хитлер води безобѕирен, бескрупулозен напад на освојување територии. Диктаторот сонува за „нов животен простор" на Исток за Германците, за големо германско царство од Атлантикот до Урал.
Војната на Хитлер - освојувачки поход
Војната Хитлер ја сфаќа како борба за преживување на убедувањата и расите, борбата против Советскиот Сојуз како поход против „еврејството во светот" и комунизмот. Целата офанзива се води под тајното име „Операција Барбароса", со што се алудира на царот Фридрих I. (1122 – 1190 н.е.), кого го нарекувале и „Црвенобрадестиот”, односно Барбароса. Тој го повел германско-римското царство во поход.
Походот на Хитлер пак се покажа како масовно воено злосторство. Многу војници со „испрани мозоци” сметале дека како „ариевска господска раса” се супериорни во однос на словенските народи. „Нашите претпоставени постојано ни велеа дека Русите се под нашето ниво и дека се необразовани", вели поранешниот војник Херберт Бајер за порталот на сведоштва на луѓе од тоа време.
„Војната на Хитлер против Советскиот Сојуз беше војна на уништување, бидејќи покрај воените цели тој имаше за цел идеолошки мотивирано уништување на цела една држава заедно со населението" оценува историчарот Крис Хелмеке од Центарот за воена историја и социологија на Бундесверот во Потсдам во разговор со ДВ. „Со нејзината сеопфатна злосторничка димензија,германско-советската војна е уникат во историјата на човештвото."
Воени заробеници злоупотребени за присилна работа
5,6 милиони советски војници завршуваат во германско заробеништво и се користат за присилна работа. 3,3 милиони од нив умираат како последица на малтретажите. Припадници на специјалната единица во окупираните области трагаат по Евреи со помош на припадници на војската. Евреите ги влечеле од нивните домови и „морале да си ги земат и лопатите за да си ги ископаат сопствените гробови", раскажува поранешниот војник Вили Хајн во видео во Домот на историјата и додава: „Потоа жандармеријата ги стрелаше." Освен тоа е издадена и т.н. „наредба за комесарите” со која заробените политички комесари на Црвената армија треба да се егзекутираат по нивното заробување. Кај германските окупатори на почеток владее победничка клима. Војската ги окупира Украина, Белорусија и Балтичкиот регион. Мислат дека наскоро ќе ја освојат и Москва. Но, не им успева да ја разбијат Црвената армија на начин што нема да може веќе да пружа отпор. Се разгорува повеќегодишна крвава борба. Германската војска не е подготвена за исклучително студените зими со до минус 50 степени Целзиусови.
Без стратегија за подолга војна
Хитлер многу ги потцени советските противници, заклучува историчарот Крис Хелмеке. „Всушност војниците на Црвената армија се бореа жилаво и истрајно. Нивните команданти постојано изнаоѓаа нови тактики за борба.“ Се претпоставуваше дека Советскиот Сојуз “може да биде поразен во таканаречен блицкриг (брза војна). Немаше друг план во случај овој концепт да не успее.“ Исто така ниту германската економија не беше подготвена за долготрајна војна, објаснува Хелмеке. „Едноставно немаа ресурси.“
Најдоцна со поразот во битката за Сталинград на 2 февруари 1943 година окупаторските планови на Хитлер пропаднаа. Германскиот Рајх се бореше на два фронта, против западните сојузници и против Советскиот Сојуз. Неуспехот на операцијата Барбароса се смета за клучна пресвртница во Втората светска војна. Историчарот Хелмеке заклучува – „гледано наназад, војната стратешки беше загубена уште во 1941“.
Повеќе:
75 години од крајот на Втората светска војна: Поуките од минатото
Сталинград значеше пресврт во Втората светска војна
Пакт Хитлер-Сталин: „Меден месец“ на двајца диктатори
Советскиот Сојуз во „Големата татковинска војна“ плати страшна цена со 27 милиони жртви, од кои 14 милиони цивили. Во своите мемоари рускиот писател и новинар Илија Еренберг (1891-1967) пишува: „Во нашата земја речиси и да немаше семејство во кое на масата за вечера не зјаеше барем по едно празно столче.“
„Убиствено варваство“ – така ја нарече германскиот претседател Штајнмајер германската воена операција во неговиот централен комеморативен говор по повод 80- годишнината од германскиот напад на Советскиот Сојуз.
„Оние кои ја водеа оваа војна убиваа на секаков начин со бруталност и суровост без преседан. Одговорните за ова кои во своето националистичко лудило дури се повикуваа и на германската култура и цивилизација, на Гете, Шилер, Бах и Бетовен, тие ја осквернавеа цела цивилизација, како и основите на хуманоста и правото,“ рече Штајнмајер.
Сеќавањата на овој пекол, на апсолутното непријателство и дехуманизација на другиот „останува обврска на Германците и предупредување за светот“, порача Штајнмајер во германско-рускиот музеј во Берлин-Карлсхорст. Денешниот музеј е историско место каде што на 8 мај 1945 беше потпишана капитулацијата на германскиот Вермахт.
Последиците од војната во централна и источна Европа се чувствуваат до денес. Од промена на границите до сеќавањата. „Во постсоветските држави, притоа не мислам само на оние од Руската Федерација, војната е сè уште присутна“, вели директорот на музејот Јерг Море за Дојче Веле. „Сите траги од војната – оние кои починаа, оние со тешки трауми и повредените, оние протераните кои по војната мораа да живеат на други места. Сето ова се семејни приказни кои сега се пренесуваат на трета, четврта, па и на петта генерација.“
Помирување меѓу луѓето
Крвавото минато игра голема улога во билатералните односи со државите од поранешниот Советски Сојуз – пред се на политичко ниво. Владата рече - „не можеме да го заборавиме тоа“, вели директорот на Германско-рускиот музеј. Тоа понекогаш е поврзано и со политички барања. Но тоа сепак повеќе е начин на кој историјата се користи за поддршка за актуелните секојдневни политички напори“, смета тој.
Според Море, и покрај огромното страдање, помирувањето е возможно – дури и безусловно. „За мене тоа е восхитувачки. Особено на меѓучовечко ниво.“ Секако дека страшните историски приказни не се заборавени. „Кога ние Германците ќе преземеме проактивна улога во отворање на дебатата за вината, тогаш не оставаат. Но, инаку воопшто ништо не се бара од нас. Затоа велам дека гестот на помирување е навистина безусловен.“