1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО во три брзини

5 април 2018

Инсистирањето на прифаќање лажни реформи, мимикрии на правосудие и фингирана слобода на медиуми во име на административно зачленување во НАТО е западно ѓаволско адвокатство во прилог на советизацијата на Алијансата.

https://p.dw.com/p/2vXKY
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Вчерашниот хип-хепи-хепенинг на одбележување на Денот на НАТО и реално-оптимистичките изјави на присутните „евро-атлантски мебели” не би заслужиле посебен осврт, доколку не беше еден мал детаљ кој се вклопува во поширокиот спектар на тековните заложби за нашето членство. Детаљ кој ме потсети на едно друго време, подалечно од деценија, на една дипломатско-политичка средба на која се одвиваше дијалог за назначувањето на господинот Чавушоглу за шеф на Мисијата на ОБСЕ во Македонија. Именување како именување, поздравено од двете страни – но со различен курс на промислување. Додека домашниот – албански политичар – именувањето го поздравуваше како континуитет на заложбата на ОБСЕ и влијанието од западот, западниот дипломат чувствуваше потреба напати да ја подвлече желбата да именувањето на искусниот и одличен турски дипломат помогне во здобивањето доверба на Албанците од Македонија во меѓународните институции. Дискретните напори на албанскиот првенец да укаже дека едното со другото и нема некаква голема приближна точка, но и дека инсистирањето на неа може да има реперкусии во иднината не се пробиваа до ушите на занесениот дипломат и неговите светоназори. Потпомогнати со претпоставените рефлексии за „блискоста помеѓу Албанците и Турците”, на кои домашниот политичар реагираше со контра-заклучок за "блискоста на Германците и Кубанците”. Десет години подоцна, ставовите на албанските политичари останаа исти. За разлика од оние на западните дипломати, секогаш спремни да во очите на Албанците препознаваат и најситни атоми на нечист, но комфорно надмено преслепи да си ги препознаат трупците во своите миопични очи.

Таа сцена, судејќи според тековните домашно-западни ангажмани, добива своја реприза во тактиката на форсирање преставници од словенскиот клуб на НАТО во спроведување на стратегијата за ширење љубов за НАТО кај Македонците. Од вчерашната средба, посетите на Церар, именувањата на словенски шефови на канцеларии, гласности на словенските земји членки на НАТО, ситуацијата е речиси пресликана од поранешните искуства со фаворизирање на турската подршка во придобивање Албанци или Босанци. Но иако е прерано да се упати предупредување за тековните заложби и можните последици кои би уследиле во некоја не толку далечна иднина, секако не е задоцнето да се укаже и предупреди за веќе присутните реперкусии за кратковидите тактики по долгорочните стратегии на НАТО во посебност и Западот во целост.

Демократско-политички стандарди

Самиот феномен на користење или форсирање на традиционални надполитички и историски, лингвистички и ини врски помеѓу земјите и народите не треба воопшто по автоматизам да се зема како нешто само по себе негативно. Уште помалку да етно-религиската припадност на меѓународни претставници биде аргумент за (не)именување на битни позиции или доверување на битни задачи. Во најголем случај таквиот пристап е сепак мотивиран од позитивни и коректни мотиви на желба за градење мостови изградени врз взаемно препознатливи нишани или искуства. И затоа, проблемот со таквиот феномен не лежи во неговото форсирање, колку што е соткаен во апстрахирањето на некои други, многу побитни елементи на нашето интегрирање во НАТО и самите динамики во постоечкиот НАТО клуб. 

Претходни колумни на авторот: 

НАТО сега или НАТО никогаш

Балканот помеѓу НАТО и ПЕСКО

Подиректно кажано, нема ништо лошо во користење на словенска блискост во приближување кон НАТО, се додека тоа не се врши на сметка на минимизирање до целосна апстракција на политичките, економските, безбедносните, социјалните стандарди низ кои (би требало) да се добива членство во Алијансата и низ кои се диктира и гарантира силна кохезија на самата организација. За жал, доколку се осврнеме на оваа формулација, неодминливи се впечатоците дека тактиката целосно ја има истиснато стратегијата, со што пристапот на НАТО преку словенски сватови е речиси идентичен со наведениот пристап на ОБСЕ или пак на оние на ООН со арапските сватови во Косово. Поинаку срочено, премногу етно-верска култтура, сѐ помалку демократско-политички стандарди.

На волку мал колумнистички простор е невозможно да се оцени и формулира дали оваа пракса е поради кокошките од НАТО или пак јајцата од Балканите. Едно е сепак сосема јасно – симптомите кои сега ги насетуваме во НАТО политиката кон регионот се повеќе наликуваат на првичните сипмтоми веќе видени во case-study ерозиите на влијание и битност на Советот на Европа, ОБСЕ и на крај на ЕУ. Со оглед на тоа што НАТО е најстарата западна воено-безбедносно-политичка транс-атлантска групировка, таквата експанзија на ерозија на вредности чинам дека се движи по несакан, а сепак логичен тек и терк на деволутивно и ретроградно движење од надворешноста кон срцевината на западната алијанса во која НАТО ја претставува самата срж, самата ДНК на севкупниот западен воено-политички организам. Останува прашање дали станува збор единствено за минлива фаза на акомодација или пак за закана од шизма со потенцијал да еволуира во репетиција на европските искуства во правец на градење на НАТО во две, или три брзини.

Жарот за НАТО

Демантите за овие констатации би биле секако мошне добредојдени, со надеж дека нема да бидат надополнети со добро-нотираните еволуции од еуфоричност до недоверба. Како последица на прелесно наслонување на наследени, немерливи и недоверливи параметри на етнички блискости по сметка на ставање во втор план на демократските и политичките стандарди. Како што е примерот со турско-западните партнерства и последиците кои уследија по домашните политики и амнестиите на западните дипломати. Чинам дека, сепак, наведените дилеми не се ниту прерани, ниту непримерени, камо ли несоодветни.

Бидејќи, колку што вчерашниот славенички хепенинг во Скопје беше очекувано планиран за одржување на жарот на НАТО кај овдешната раја, толку беше и темпирано и таргетирано објавувањето на мошне критичкиот осврт на Џуди Демпси од Карнеги Европа насловен "Скапаните јаболка на НАТО” објавен во приквечерината на НАТО роденденот. Осврт во кој Демпси вперува прст кон фактот дека "во изминативе неколку години неколку земји членки се имаат оттргнато од принципот на солидарност во НАТО”. Притоа конкретно укажувајќи на Турција и нејзиното објавување на позициите на француските трупи во Сирија, на поведенијата на Полска и Унгарија во подривање на независноста на судството, медиумите и третманот на бегалците, на корупцијата во Црна Гора, нападите врз судството во Романија. Листата на Демпси би можела да биде надополнета и со флертувањата на Грција со Путин, криминалот во Албанија, корупцијата во Бугарија,  па се до вчерашната зачуденост на американскиот амбасадор во Љубљана за  „благите реакции на официјална Љубљана по ‘случајот Скрипал’” проследено со предупредување дека "властите на Словенија треба да направат долгорочна проценка што е во нивен интерес: демократските вредности на Западот или рускиот модел на општество”.

Во описот на прогресијата на развојот на НАТО, авторката Демпси нуди и увид во сегашноста, потсетувајќи дека  на почетокот "владеењето на правото и демократијата не беа битни за НАТО, туку се фокусираа на безбедноста и заптитата на Западот. Членството на Турција и Грција во Алијансата беше за да се засили одбраната на тој дел од Европа од советската закана, како предимство пред владеење на правото и силни демократски институции. Во последните години, кога станува збор за земји аспиранти за НАТО, има поголем акцент врз вредности и демократијата. Но во сопствениот дом, НАТО нема некакви ѕвезведни постигнувања во придржување кон сопствените базични вредности.

Вистински наместо лажни реформи

Накратко, следејќи ја оваа хронологија се наметнува заклучокот дека минатото е навистина пролог, во смисла што мотивот за создавање на НАТО и прием на нови членки однапред ја детерминира, цементира и заклучува природата на нивниот иден однос, поставеност и поведение како кон НАТО, така и кон западните вредности. И тој приод ја дефинира суштината на "НАТО во три брзини” дистинкцијата помеѓу интересите на западниот клуб (Европа, САД), оние на Варашавскиот клуб при НАТО и на крај јужното крило на Алијансата. Во тој трином, националните тесногради интереси се единствената спона на лојалност, но без искрена и ефективна засегнатост за демократијата или за владеење на правото.

Затоа пораката на американскиот амбасадор во Љубљана вреди колку за самата Словенија, толку и за Македонија и за самото НАТО во определбата помеѓу конкретните и на дело докажани заложби за спроведување на демократските и политички стандарди или пак советизација на Алијансата? Инсистирањето на прифаќање лажни реформи, мимикрии на правосудие и фингирана слобода на медиуми во име на административно зачленување во НАТО е ништо повеќе од западно ѓаволско адвокатство во прилог на совјетизацијата на Алијансата. Искуствата со Филе и Орав од режимот Груевски-Ахмети веќе се реплицираат во односот Могерини и Хан кон режимот Заев-Ахмети и тоа е сосема јасно за западните дипломати во Скопје кои едно фалат пред камери, а друго сиктат зад завеси. Приодот базиран врз експлоатација на етно-флертови помеѓу постоечките земји членки и аспирантите за членство, исто како и "препораките за членство” базирани врз измислени, непостоечки "успеси” не само што не носи ништо добро за земјата, туку на долг рок ја подрива и кохезијата и смислата на постоење на самите организации.

Треба храброст да некој на западот утврди дека Македонија заслужува членство во НАТО, во ЕУ, но проследено со тврда, цврста, гласна и нагласена констатација дека тоа не важи и за Заев и Ахмети, за Османи и Димитров. Бидејќи, во спротивно се што НАТО и ЕУ ќе добијат се грст недемократски и корумпирани бирократи и уште една земја членка на популистички настроени, разочарани и резигнирани граѓани со потсмешлив однос кон "западните вредности”. Сумирано, членарински успех за НАТО и Македонија, политичка победа за Путин.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач