1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Националистички тонови од Кина

ЖА / агенции
20 март 2018

Кинескиот претседател Ши Џинпинг својата земја во иднина ја гледа како силна нација, а со помош на супер-надзорна служба има намера сите државни органи да ги држи на својата линија.

https://p.dw.com/p/2ucxC
China Nationaler Volkskongress Xi Jinping
Фотографија: Reuters/D. Sagolj

На завршувањето на годишниот Народен конгрес,  кинескиот државен и партиски шеф Ши Џинпинг  пред околу 3.000 делегати во Пекинг денеска вети реализирање на „кинескиот сон“ за повторен подем на Кина, нова ера во нејзината историја.

„Решени сме на крвава борба против нашите непријатели. Располагаме со силни способности кои ќе ни овозможат заземање на нашето легитимно место во светот“, истакна Џинпинг. Тој им објави војна на сите сепаратистички стремежи: „Не може да биде даден ни еден сантиметар од нашата земја“, рече кинескиот претседател. Без директно да ги наведе кинеските аспирации во Источното и Јужното Кинеско Море, тој истакна дека Кина енергично ќе го штити суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата, а на неуспех е осуден и секој обид за отцепување на Тајван од Кина.

Повеќе на темата: 

Кина пред епохален чекор - неограничен мандат за Ши Џинпинг

Триумфот на Кина, последица на безглавоста на САД

Според Ши Џинпинг, Комунистичката партија и социјализмот се решавачки за иднината на државата. Средство за обезбедување на власта ќе биде и новоформирана супер-надзорна служба, за која што цел Парламентот усвои соодветен закон, а таа ќе има широки ингеренции во борба против корупцијата, злоупотребите на службената положба и неспроведувањето на задачите на државниот апарат. Таа може да врши истраги независно од правосудството, да апси осомничени лица и да ги притвора до шест месеци. Критичарите во тоа гледаат ново орудио на репресија. 

Народниот конгрес го усвои и извештајот на премиерот Ли Кечианг кој истакна дека Кина е посветена на глобалната соработка во трговијата и ги предупреди САД од почеток на трговска војна.

Тој рече дека Кина уште повеќе ќе ја отвори својата економија и ќе обезбеди домашните и странските фирми да можат да се натпреваруваат во фер услови на големиот пазар во Кина. Кинеските официјални претставници направија слични ветувања и во минатото.