Несовесноста ќе ја дотепа и економијата!
30 мај 2020Економијата профункционира, но пандемијата не се смири. Олабавувањето на вонредните мерки донесе зголемување на бројот на заболени, но и загрижувачки бран на несовесност кај дел од населението. Прераното опуштање, наспроти строгите препораки за социјално дистанцирање создава нови главоболки за надлежните кои веќе размислуваат за враќање на дел од рестриктивните мерки.
Во услови кога Владата интервенира со над половина милијарда евра пакет помош за одржување во живот на тешко погодената економија, она што никој не посакува е враќање во карантин на стопанството. Експертите се загрижени:
„Загрижен сум по опуштањето што го видовме во угостителскиот сектор и невнимателниот однос од страна на сите. Притоа не ги обвинувам само угостителите, тие секако се обидуваат да ги привлечат гостите колку што можат. Но несовесниот однос на гостите може да доведе до реперкусии, ширење на заразата и реакција на институциите. И сега кој ќе одговара за тоа, цената секако ќе ја платат угостителите, а не гостите, но индиректно ефектот ќе биде таков што што сите ќе бидеме заробеници на нивното несовесно однесување", предупредува економскиот експерт Фатмир Битиќи.
Фатален удар
Ударот од несовесноста може да биде фатален не само за угостителите кои со тешки маки и финансиска помош повторно почнаа со работа, туку и во останатите сектори кои се далеку од нормала. И тоа во период кога мерките за помош стануваат оперативни:
„Уште од почетокот на епидемијата имавме дискусија дали во суштина со сите мерки ќе се обидеме да ги адресираме последиците или да ги адресираме причините за последиците сами полека да бидат намалени. Економските мерки од еден апсект ќе имаат одреден ефект, но наместо заедно и со другите дејствија како и совесното однесување на граѓаните ефектот да биде уште поголем, стравувам дека ќе ни се случи токму спротивното. Ефектите да не бидат такви како што се очекуваат, или тие да дојдат но со задоцнување, а не како што се очекува да бидат брзи. Така ќе не чини поскапо, бидејќи што подолго во принцип ја имаме пандемијата, толку тоа ќе биде поскапо за сите нас и за државата“, укажува Битиќи.
Повеќе:
-По 66 дена, Владата го укинува полицискиот час
-„Ковид еврообврзница“- инјекција од рекордни 700 милиони евра
-Бизнисмените задоволни од ребалансот, бараат похрабри потези од владата
Примерот со Германија покажува колкави можат да бидат последиците:
„Најдобар пример е Германија која т.н. економски „lockdown" од три до четири недели ја чинеше стотици милијарди евра и пад од неколку проценти од бруто домашниот производ. Ние досега немавме целосно затворање на економијата, туку само на одредени сектори и гледате колку тоа досега не чини. Со сите мерки во економскиот пакет околу 5,5% од БДП. Замислете ова да потрае подолг период, без разлика дали ќе биде оваа или некоја друга влада. Кој било да е негативните ефекти ќе бидат поголеми ако пандемијата трае подолго. Притоа не треба да заборавиме оти ние се надеваме дека нема да ни се случи нов бран пандемија наесен или на стартот на зимата. Но сега ако вака се однесуваме сметам дека навистина ќе биде негативно за сите“, реагира Битиќи.
Ранлива економија
Од Владата предупредија дека непочитувањето на мерките ќе се санкционира од страна на надлежните институции, а не ја исклучија можноста и од повторно воведување на рестриктивни мерки во општините каде има вакви тенденции. Министерот за здравство Венко Филипче го повика и министерството за внатрешни работи да биде поинтензивно на терен и да ги санкционира прекршителите:
„Сакам да потсетам дека ги олабавивме рестриктивните мерки, се укина полицискиот час, со јасна порака за задолжително почитување на сите превентивни мерки за лична заштита. Тоа го прават сите земји, тоа е единствениот начин за излез од оваа криза, ние не можеме вечно да живееме со затворени граници, со рестрикција на движењето и одговорноста за враќање во нормала сега е на секој граѓанин во нашата земја. Жал ми е што има луѓе што ова не го разбираат, заради тоа што ниту ние во Министерството ниту епидемиолозите, ниту било која државна институција не може сама да се справи со овој проблем. Огромна одговорност имаат граѓаните“, предупреди Филипче.
Какви се последиците од ширењето на пандемијата покажува примерот со текстилната индустрија. Стотици вработени во конфекција во Штип се испратени во изолација откако беа детектирани дваесетина заразени. Погонот е затворен и ќе се прави масовен скрининг на вработените, не само во критичниот погон, туку и кај вработени во уште два други кои користеле заеднички превоз кон и од работните места. Освен во текстилот, затворање на погони поради заразени со Ковид 19 имаше и во уште неколку други погони низ државата. Вклучително и кај некои од странските инвеститори.
Колку е ранлива македонската економија среде глобалната пандемија предупредува и Светска банка. Во најновиот извештај оваа меѓународна финансиска институција алармира дека македонското здравство нема доволни капацитети за зголемен број случаи на заразени. Ако заболат 25% од населението според Светска банка на македонското здравство ќе му бидат потребни осумкратно повеќе капацитети за интензивна нега за да се справи со предизвикот.
Дополнително што загрижува се и предупредувањата дека сиромаштијата ќе расте. Пандемијата ќе ја зголеми сиромаштијата на ниво пред 2017 година, односно таа е под ризик да порасне двојно, од 55.000 на 130.000 граѓани. Истовремено се предупредува и од зголемување на невработеноста. Во споредба со земјите во регионот, полошо по овој основ според прогнозите на Светска банка стои само Албанија.