Нов бран апсења во турскиот полициски апарат
5 август 2014Во повеќе рации кои се одвивале истовремено во повеќе делови на земјата, денеска (5.08) се уапсени 33-ца полициски службеници под сомнение дека се вмешани во илегални акции на прислушување насочени против владата, јавуваат турските медиуми. Бранот апсења почнал изутринава во Истанбул, а рации имало во 14 провинции. Посебно е погоден југоистокот на земјата, каде мнозинство се Курдите, јави турската телевизија НТВ.
Во првиот бран апсења, минатиот месец, притворени беа повеќе од сто полицајци, од кои една третина заврши во истражен зтавор. Минатата недела, 31 полициски службеници беа обвинети за различни работи, меѓу кои и шпионажа. Полицајците се соочени со обвинувања дека се приврзаници на исламскиот проповедник Фејтула Ѓулен, кој живее во егзил во САД. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го обвинува Ѓулен и неговите приврзаници дека имаат заговор за соборување на владата. Ѓулен тоа го негира.
Шефот на опозиционата партија ЦХП, Кемал Киличдароглу, оцени дека новиот бран апсења е политички мотивиран и нагласи дека Ердоган е тој кој треба да биде повикан на одговорност. „Вакви акции се преземаат поради некаква причина непосредно пред избори“, рече Киличдароглу пред новинарите и додаде дека Ердоган верува оти луѓето поради изборите ги заборавиле обвинувањата за корупција против него, „но нема да може да се избега“.