1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова влада, нов оптимизам

29 мај 2017

В четврток Македонија ќе има нова влада. Аналитичарите не можат да дадат еднозначна оцена за шаренилото на кадровски предлози од коалициските партнери, но се оптимисти дека голем дел од нив ќе остварат значајни резултати

https://p.dw.com/p/2dj2r
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Програмата и предлогот за владин состав се доставени до пратениците, а седницата за избор на Владата на Репулика Макединија е закажана за утре, вторник 30-ти мај, во 11 часот, соопшти синоќа Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Според Деловникот на парламентот, расправата трае најмногу два дена и гласањето треба да заврши во среда на полноќ. Тоа значи дека во четврток Македонија ќе има нова влада, речиси шест месеци по изборите одржани на 11-ти декември 2016 година. И покрај тоа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму бара нови парламентарни избори.

„Локалните избори да се распишат час поскоро, а заедно со нив ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се одржат и нови предвремени парламентарни избори како излез од кризата во која СДС ја втурна државата“, порача на вчерашната прес-конференција, Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

„На 15-ти октомври ќе има локални избори, но не и парламентарни“, рече Зијадин Села од Алијансата за Албанците, која вчера последна ги соопшти кадровските предлози за двата ресора што ѝ припаднаа на оваа коалиција. Арбен Таравари од ДР-ДПА е предложен за министер за здравство, а Сухејл Фазлиу од НДП за министер за локална самоуправа. Владата ќе има тројца вицепремиери, 15 ресорни министри и седум министри без ресори.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, соопшти дека седницата за избор на Владата е закажана за вторникФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Кредибилни кадри

Што мислат аналитичарите закадровскиот состав на новиот владин кабинет? „Тешко е да се даде еднозначна оцена за новиот состав на Владата, имајќи го предвид сето шаренило на коалициските партнери“, вели професорот и поранешен министер за образование, Ненад Новковски.

Кај коалициските партнери на СДСМ тој не забележува видлив исчекор во подобрување на кадровската структура, што може да е резултат на кадровски недостиг или неподготвеност за соодветни промени. Кај носечката партија во коалицијата констатира кадровски напредок во однос на претходните влади.

„Како прво, војната што Владата ја имаше отворено со УКИМ, сега е завршена. Единствените влади што не вклучуваа високи професионалци од оваа средина беа последните на Груевски. Примерот со Драган Тевдовски, кому му е дадена можност да го покаже своето знаење изразено преку значаен општествен ангажман, јасно го покажува тоа. Посебно треба да се истакне предлогот на Рената Дескоска како министер за образование и наука - и како враќање на светски прифатениот стандард дека овој ресор можат да го раководат квалитетно само лица со докторат на науки, освен во ислучителни случаи - и како избор на кредибилен кадар од којшто може да се очекуваат сериозни резултати. Ова е посебно значајно ако се има предвид фактот дека во овој ресор беа направени огромни ретроградни чекори, од коишто штетите ќе бидат далекусежни“, вели Новковски.

Смета дека министерот во тој ресор ќе има тешка и сложена задача, што ќе бара огромна издржливост, професионалност и политичко искуство.

„Другиот пример што вреди да се истакне е со уште еден ресор, чиешто водење ќе биде екстремно тешка задача, а тоа е земјоделието. Љупчо Николовски, со својата сериозна работа што ја покажа уште во техничката влада, многу ветува во реализацијата на целите на владата. Да се надеваме дека овие позитивни примери ќе влијаат врз целината на работењето на сите владини партнери во иднина“, потенцира Новковски.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Предложените кадри од ДУИ предизвикаа најмногу дебати (архивска фотографија, 24.03.2014)Фотографија: Petr Stojanovski

Ударните кадри за локални избори

Најмногу дебати предизвикаапредложените старо-нови кадри од редовите на ДУИ. Политикологот Ненад Марковиќ се согласува дека тие предлози изненадија многумина. Но, според него, повеќе изненадило отсуството на одредени личности за кои во изминатиот период важеше дека се „фикс“ во извршната власт (Теута Арифи, Артан Груби и.т.н.), наспроти фактот дека на крајот ДУИ на површина исфрли имиња со кои претходно не се шпекулирало премногу.

„Најголемо изненадување е повторното појавување на Рамиз Мерко, кој се чини дека беше комплетно вон политичкиот радар во последниот период. Не помало изненадување е и изборот на Садула Дураку, што предизвика нелагодност кај дел од етничките Македонци, со оглед на неговата улога во настаните во Куманово во 2001 година. Листата на изнедувања ја комплетира и Бујар Османи, кој важи за еден од најголемите поддржувачи на коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а која не се реализираше. Сепак, ова е повеќе анегдотално, така што неговиот избор не изненадува премногу со оглед на политичкото искуство, но и на годините - две работи кои го квалификуваат како перспективен кадар“, вели Марковиќ.
Имајќи ги предвид понудените кадровски решенија, според него, може да се изведат два заклучока.

„Своите 'ударни' кадри Ахмети ги чува за локалните избори. Но, и дека Ахмети мудро се обидува да помири различни струи и фракции внатре партијата, со посебно внимание на репрезентираноста на ограноците од различни делови на земјата каде ДУИ делува (скопско, кумановско, тетовско, струшко и.т.н.). Целта е поголема консолидираност на партијата пред локалните избори и обид за посилен политички камбек наесен“, оценува Марковиќ.

Она во што сите се согласуваат е дека новата влада, која се декларира како реформска, ќе се соочи со многу тешки задачи, а наследува празна државна каса, партиски заробени инститиции, во голема мера партизирана администрација и исти такви состојби во правосудството.