1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сексуални напади и во Финска, Австрија и Швајцарија

Б. Георгиевски/афп/ртр/дпа8 јануари 2016

Нападите врз жени во Келн и Хамбург за време на новогодишната прослава не биле изолиран инцидент само во Германија. Слични напади се регистрирани и во Финска, Австрија и Швајцарија, а сценариото било многу слично.

https://p.dw.com/p/1HaAl
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Böhm

Напади врз жени за време на новогодишната ноќ се случувале во повеќе европски градови, а околностите и учесниците во нападите имале многу слични карактеристики со случувањата во германскиот Келн. Полицијата во повеќе европски градови информира дека добиле голем број пријави за инциденти во кои најчесто жени биле напаѓани, ограбени или сексуално малтретирани од групи мажи кои имале емигрантско потекло.

Швајцарската и австриската полиција истражуваат повеќе пријави од жени кои тврдат дека биле жртви на сексуални напади на новогодишната ноќ. Повеќе од 20 жени во Цирих во полицијата пријавиле дека биле жртви на напад и кражба. Најмалку 6 притоа пријавиле дека биле сексуално малтретирани од групи луѓе со црна боја на кожата.

Во австрискиот град Салцбург полицијата соопшти дека истражува неколку слични случаи кои биле пријавени за време на прославата. Австриските медиуми јавуваат дека такви случаи биле пријавени и во Виена.
Според портпаролката на полицијата во Салцбург, Валери Хилебранд, откривањето на масовните напади во германските градови Келн и Хамбург, најверојатно ги навело и овие жени во Австрија да ги пријават случаите.

Полицијата во Келн прими повеќе од 120 пријави од лица кои биле нападнати, малтретирани и ограбени за време на новогодишната ноќ во центарот на градот. Случајот отвори голема дебата во Германија околу одговорноста на полицијата, однесувањето на луѓето за време на прославата, но и за интеграцијата на мигрантите. Келнската полиција денеска соопшти дека од вкупно 29 осомничени напаѓачи кои биле испрашувани за инцидентите на новогодишната ноќ, 18 биле баратели на азил. Досега се уапсени две лица, на чии мобилни телефони биле пронајдени и видео-снимки и фотографии од нападите.

Напади во Хелсинки

Финската полиција соопшти дека добила невообичаено висок број на пријави за сексуално насилство за време на новогодишната ноќ во Хелсинки, а претходно имала сознанија и за планови на групи мигранти сексуално да напаѓаат жени.

„Досега не сме имале вакви случаи за време на претходните прослави на Нова Година или други настани. Ова е целосно нов феномен за Хелсинки“, вели заменикот-шеф на полицијата во Хелсинки, Илка Коскимаки. Агенциите за обезбедување кои биле ангажирани на новогодишната ноќ пријавиле „широко распространето сексуално насилство“ на градскиот плоштад каде околу 20 илјади луѓе славеле.

Полицијата вели дека ја зголемиле подготвеноста за новогодишната ноќ откако претходно добила дојава за можни проблеми.
„Пред Нова Година, полицијата доби дојава дека некои баратели на азил во регионот на главниот град имаат слични планови за напади какви што подоцна дознавме дека се случувале во Келн“, соопшти финската полиција.
Во ноември годинава, финската полиција осомничи 10 баратели на азил за извршени силувања во земјата.

Паралелно со зголемувањето на бројот на мигрантите во земјата, расте и ксенофобијата. Во повеќе фински градови во изминатиот период се појавија доброволни улични патроли кои имаат врски со неонацистички групи, и кои тврдат дека го штитат локалното население од „исламските натрапници“.
Невооружени групи мажи кои себеси се идентификуваат како „Војниците на Один“ според древниот германски и нордиски бог, биле забележани во најмалку пет градови каде постојат прифатни центри за новодојдени баратели на азил.

Во 2015 година, Финска прими над 32 илјади баратели на азил, мнозинството од Ирак, што е четврти најголем процент во однос на бројот на населението во Европа.