Обама и Меркел: љубов на втор поглед
16 ноември 2016Кога Барак Обама беше избран за претседател во 2008 година, Германците славеа. Но, Ангела Меркел беше груба со него во текот на кампањата. Таа летото 2008 година не дозволи Обама да одржи говор пред Бранденбуршката порта. Тогашниот претседателски кандидат на американските демократи мораше да се „премести“ пред Столбот на победата, каде околу 200.000 луѓе го славеа како втор Кенеди и спасител од ерата на Буш која беше пред крај. Буш, со војната во Ирак заби клин меѓу САД и дел од Европејците. Германија, во тоа време уште под раководната палка на канцеларот Герхард Шредер, беше категорично против војна. Меркел, меѓутоа, како лидерка на опозицијата, се стави на страната на Буш.
Во 2009 година, првата година од неговиот мандат, Обама и покрај двете посети на Германија, го заобиколи Берлин. Тоа беше оценето како голема навреда. И во времето што следуваше односите на Меркел и Обама беа студени. За тоа имаше политички причини, пред сѐ германската воздржаност во врска со одлуката на ОН за воена мисија во Либија во 2011 година.
„Во мандатот на Обама имавме големи проблеми“
Но, не само затоа. Јозеф Брамл, експерт за САД во Германското друштво за надворешна полтика, предупредува дека трансатлантските односи во мандатот на Обама не смеат ретроактивно да се анализираат погрешно: „Во неговиот мандат имавме големи проблеми, затоа што внатрешните проблеми го принудуваа Обама да преместува дел од товарот на наш грб во делот на безбедносната политика, економската политика, што нам воопшто не ни се допаѓаше.“
Сепак, и покрај, или токму поради судирите, Обама на канцеларката во истата 2011 година ѝ додели „Медал за слобода“, највисоко признание што еден странец може да го добие. Дали тоа беше гест на помирување, барање за преземање поголема одгвоорност? Набљудувачите тогаш ги извлекоа и двата заклучоци.
Обама во 2013 година сепак ја доби својата берлинска бина пред Бранденбуршката порта. Тој и Меркел си ги положија рацете на рамена и демонстрираа единство. Но, иритациите повторно се зголемија кога стана познат размерот на прислушување на американската тајна служба НСА. Во октомври истата година беше обелоденето дека бил прислушуван дури и мобилниот телефон на канцеларката. Меркел беше надвор од себе и ја кажа една од своите најпознати реченици: „Прислушување меѓу пријатели, тоа не оди никако.“ Меѓутоа, поголеми политички консеквенции изостанаа.
Меркел - за некого пример, за некого застрашувачки пример
Се чини дека колку подолго владееја Меркел и Обама, толку повеќе се приближуваа политички и лично. Петер Бејер, експерт за трансатлантски односи во ЦДУ, смета дека Обама кај Меркел ги цени „прагматизмот, доверливоста и професионалноста“. И, „таа му е е потребна“. Со растечката политичка и економска тежина на Германија, тој веќе не можеше да ја заобиколува канцеларката.
Самитот на Г7 летото 2015 година, во дворецот Елмау во Баварија, ја донесе можеби најчудната фотографија на двајцата државници: Обама со раширени раце седи на клупа, а Меркел со Алпите во позадина се обидува нешто да му објасни гестикулирајќи.
Се разбираат ли на персонално ниво? Си одговараат ли? Петер Бејер смета: „Тие се различни карактери.“ Но, тоа воопшто не штети. „Обама е надарен говорник, тој се приближува до луѓето. Меркел со малку зборови го кажува најнеопходното, таа не е голем говорник, не предизвикува бранови на воодушевување кај луѓето.“ Но, двајцата се ценат затоа што се надополнуваат.
Само неколку недели по самитот на Г7, Меркел ја отвори границата за бегалците. Драматичниот чекор кој набргу потоа ја отуѓи од голем број Германци, беше наголемо фален од страна на Обама: Меркел „убедително потсети дека не можеме да вртиме глава кога нашите современици стојат пред нас“.
Сепак, улогата на САД по прашањето на бегалците, според Јозеф Брамл, е сомнителна, а пофалбата на Обама за Меркел е лицемерна: „Америка го уништи системот на држави на Блискиот и Средниот Исток: со војната во Ирак е дестабилизиран цел еден регион, што овозможи ширење на ИД и со тоа тргна бегалски бран во наша насока. Обама се извлече. Можеби наредната година ќе примеше 20.000 бегалци. Партнерство изгледа поинаку.“
Доналд Трамп во секој случај во изборната кампања ја нарече Хилари Клинтон „Американска Ангела Меркел“. Клинтон сака исто како Меркел да го спроведе „лудото“ отворање на границата за стотици илјади муслимани, тврдеше Трамп. Бегалската политика на Меркел поларизира и натаму - како од оваа, така и од онаа страна на Атлантикот.
Советник во преодната фаза
Со изборот на Доналд Трамп, САД се чини како да ќе се претворат од сојузник во противник на Германија кога станува збор за одлучувачките прашања: слободна трговија, заштита на климата, ставот кон руската агресија или односот кон сириските бегалци.
Но, Јозеф Брамл предупредува дека не треба да се хистеризира и односите меѓу двете држави да се сведуваат на две личности: „Тоа е клише во медиумите: Обама сега е повторно добар, а Трамп е апсолутно лош. Со клишеа и персонализација нема да се оди напред. Сметам дека тоа е дури и опасно.“
Обама наскоро заминува. Зошто тогаш потреба од оваа посета? При заедничката средба со Трамп во Белата куќа, новоизбраниот претседател покажал голем интерес за зачувување и одржување на најважните стратешки односи, па и во рамките на НАТО, рече Обама пред да тргне на турнеја. А тој, Обама, го советувал Трамп да му одолее на „тежнеењето“ кон изолационизам.
ЦДУ-политичарот Петер Бејер смета дека средбата на Обама и Меркел е многу важна, дека е многу повеќе од „турнеја на заминување“. Поради ефектите што изборот на Трамп го има за другите земји, Обама знае дека „сѐ уште има одговорност за својата земја и за партнерите“, вели Бејер. Наместо уште сега намуртено да се повлече, Обама ќе биде „важен советник на Трамп во преодната фаза“.