Ова е новата влада на Ангела Меркел
14 март 2018За него тоа е напредок: Хајко Мас (51, СПД) од министерството за правда се префрла во дипломатијата. Како министер за правда, Мас предизвика многу дебати, но и критики, со законот против омразата на интернет. Во Аусвертигес Амт може да си ја поврати популарноста- а некои веќе го гледаат како можен кандидат на СПД за канцелар.
Олаф Шолц (59, СПД) не размислуваше многу дали ја прифати понудата да биде министер за финансии, ниту пак дали да го продолжи мотото на претходникот Волфганг Шојбле. И досегашниот градоначалник на Хамбург сака да ја осигура „црната нула“, и да не создава нови долгови. Тоа е наведено и во коалицискиот договор, но не им се допаѓа на сите во СПД.
Поранешниот генерален секретар на СПД Хубертис Хајл, 45, ќе биде нов министер за труд и социјала. Со тоа тој добива едно огромно министерство, кое има буџет од преку 100 милијарди евра, и со тоа е сектор со убедливо најмногу трошоци.
И без силна поддршка во парламентарната група може да се стигне далеку: Франциска Гифи (39, СПД), досегашна градоначалничка на берлинската населба Нојколн, ќе биде министерка за семејства. Гифи важи за приврзаник на редот и поредокот. На тој начин успеа да ја доведе во ред и проблематичната населба Нојколн. Важи за конзервативка.
Таа има министерско искуство, но на покраинско ниво. Во Северна-Рајна Вестфалија Свења Шулце (49, СПД) до 2017 година го предводеше министерството за развој. Сега ќе ја наследи Барбара Хендрикс во министерството за животна средина.
Катарина Барли (49, СПД), е актуелна министерка за семејства, а во иднина ќе раководи со правда. Ресорот го презема од партискиот колега Хајко Мас. Во последниот период Барли се залагаше за зајакнување на правата на жените. Нејзиниот став беше дека е потребна полова рамноправност во сите министерства.
Долги години Ангела Меркел можеше да се потпре на својот човек од доверба Петер Алтмајер (59, ЦДУ) како шеф на нејзиниот кабинет. Сега тој го презема министерството за економија и енергија. Откако го загубија министерството за финансии, овој ресор е извонредно значаен за бизнис-крилото во ЦДУ.
И Хелге Браун (45, ЦДУ) е еден од оние кои важат за луѓе од доверба на Меркел. Досега беше државен министер кај канцеларката, а во иднина ќе биде шеф на нејзиниот кабинет како наследник на Петер Алтмајер. По професија медицинско лице, тој ќе треба да води сметка дека на Меркел сѐ и оди како подмачкано.
Јулија Клокнер (45, ЦДУ) доаѓа од Рајнланд Фалц, од германскиот југозапад, покраина позната по земјоделството и производството на вино. Таа е долго присутна во Берлин и блиска до канцеларката. Во новата влада ќе го предводи министерството за земјоделство, каде две години беше парламентарна државна секретарка.
Јенс Шпан (37, ЦДУ) ќе биде министер за здравство. Тој доаѓа од силната покраинска организација на Северна Рајна Вестфалија и важи за критичар на Меркел. Во странските медиуми веќе го гледаат и како можен наследник на канцеларката.
Со Ања Карлишек (46, ЦДУ) Меркел именуваше министерка за образование, со убедливо најмало искуство. Дипломираната продавачка во септември, по вторпат едноподруго беше избрана за пратеничка, а од јануари 2017 година е координатор на пратеничката група на ЦДУ во парламентот.
Традиционално германската влада нема министерство за култура, а за овој ресор се грижи министерката за култура во кабинетот на канцеларката. Ополномоштеничка за култура и медиуми досега беше Моника Гритерс (56, ЦДУ), а тоа така ќе остане и во иднина. Гритерс во културата гледа „мост за изградба на разнолико општество“.
Хорст Зехофер (68, ЦСУ), од 2008 досега беше премиер на Баварија, а во иднина ќе го предводи министерството за внатрешни работи. Тврд застапник за воведување горна граница за прием на бегалците, Зехофер ќе има далеку поголеми овластувања од неговиот претходник Томас де Мезиер.
Андреас Шојер (43, ЦСУ) досега беше генерален секретар на неговата партија. Но, тој искуство во сојузната политика. До 2013 година беше парламентарен државен секретар во министерството за сообраќај, а сега го презема целото министерство кон кое се приклучува и ресорот дигитален развој.
Ниту еден друг министер освен министерот за надворешни работи не патува толку многу како министерот за развој. Герд Милер (62, ЦСУ), и понатаму ќе го минува времето во посета на различните култури и климатски зони ширум светот. Битка против причините за иселување преку развојна помош, останува негова главна задача.
Повеќе од пет месеци мораше Ангела Меркел (63, ЦДУ) да чека, но сега е веќе сигурно дека по четврти пат ќе ја предводи владата. Доколку сѐ оди според планот, со тоа ќе го израмни рекордот на нејзиниот политички ментор Хелмут Кол.