Одбиена молбата за помилување на поранешен нацист
17 јануари 2018Германските правосудни власти денеска го одбија барањето на поранешниот книговодител во злогласниот нацистички концентрационен логор Аушвиц, Оскар Гренинг, за помилување со што е отстранета последната пречка за негово отслужување на затворската казна која му е изречена како соучесник во убиството на стотици илјади Евреи во овој логор.
Повеќе на темата:
-Процес против книговодителот од Аушвиц
Адвокатите на Гренинг во минатата недела ја поднесоа молбата за помилување до властите во Линбург за 96-годишниот Гренинг да не ја служи четиригодишната затворска казна на која е осуден во 2015 година поради „соучесништво“ во убиството на 300.000 Евреи во Аушвиц.
Некогашниот припадник на злогласните СС-единици и сметководител во логорот Аушвиц остана тогаш на слобода поради расправата дали е во состојба да ја издржи казната.
Уставниот суд во Германија на крајот на декември минатата година ја отфрли неговата жалба и наведе дека е во состојба да ја служи казната и покрај староста, како и оти во затворот ќе добие соодветна здравствена нега. Молбата за помилување беше последна можност за избегнување на затворската казна.
Инаку судењето на некогашниот сметководител во Аушвиц се одвиваше во рамки на задоцнетите процеси кои се однесуваат на нацистите и нивните злостосрства. Покрај Гренинг, им се судеше и на Хуберт Цафке, Џон Демјањук и на Рајнголд Ханинг, кои исто така се осудени.