Шолц на Балканот: Тешкото патување на германскиот канцелар
10 јуни 2022Денеска (10.06) почнува дводневна посета на канцеларот Олаф Шолц на југоисточна Европа. Негови станици се Приштина, Белград, Скопје и Софија, како и северногрчката метропола Солун. Во фокусот на разговорите е приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, изјави заменик портпаролката на германската влада, Кристијане Хофман неделава во Берлин. Од гледна точка на германската влада, ЕУ-перспективата не е значајна само за безбедноста во регионот, туку и за ЕУ. Но, членството досега изостана не само поради несогласувањата во Унијата, туку и поради нерешените прашања во самиот регион.
Безбедносно-политичкото значење на регионот се покажува уште на првата станица на канцеларот, во косовскиот главен град Приштина. На 22.06.2022 германскиот Бундестаг ќе одлучува за повторно продолжување на мандатот за германското учество во заштитните сили КФОР, кои од крајот на војната во 1999 година го обезбедуваат мирот во земјата. Олаф Шолц при посетата ќе се сретне и со германските војници стационирани на Косово.
Нивното присуство таму е посакувано и потребно, зашто германската влада ја оценува како фрагилна, особено ситуацијата на северот на Косово. Косовскиот премиер Албин Курти, кој ќе биде првиот државник што Шолц ќе го сретне во Приштина, воведе мерки на реципроцитет против Србија. Тоа значи дека Приштина против Белград ги воведува истите мерки што важат и во обратна насока. Па така, косовската влада во септември минатата година одлучи да не ги признава српските регистарски таблички, бидејќи Србија никогаш не ги призна косовските.
Напредок речиси и да нема и во Дијалогот за нормализација на односите, кој беше инициран во 2011 од страна на ЕУ. Канцеларот Шолц кој веќе денеска од Приштина патува за Белград имаше еден обид да ги седне двете раскарани страни на иста маса. На почетокот на мај годинава организираше средба меѓу посебниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак и косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Берлин. Освен една заедничка фотографија, друг резултат од оваа иницијатива не произлезе.
„Тешки пораки од Берлин“
Во Белград се очекува германскиот канцелар да ја притиска пред сѐ Србија за постигнување компромис. „Токму во вакви времиња, во кои во непосредно соседство се води брутална војна, е од централно значење двете земји постепено да го решаваат својот конфликт“, рече Шолц на заедничката прес-конференција со Курти, на 4.05.2022 во Берлин. Тоа, според него, подразбира и признавање на Косово од страна на Србија.
И Курти инсистира на преговорите Косово да биде третирано како самостојна држава. „Признавањето мора да биде во центарот, а не на крајот на разговорите”, рече тој во интервју за ДВ. Српскиот претседател Вучиќ пак, при инаугурацијата на 31.05.2022, вети дека Косово повторно ќе го направи составен дел од Србија. Во пресрет на посетата на Шолц, Вучиќ ги подготви Србите за тешки разговори. На почетокот на неделава (6.06. 2022) ,на државната телевизија тој рече: „Ќе добиеме тешки пораки од Берлин, кои нема да ни се допаднат.“
Српска политика на „шпага”
Дел од тешките пораки се и ЕУ-санкциите против Русија. Србија е единствената земја на Западен Балкан која не се приклучи на мерките што ги донесе Унијата. Досега канцеларот беше воздржан со критики и дури ја пофали Србија за тоа што барем ја поддржа резолуцијата на ООН која ја осудува руската агресија. Белград не вовел санкции, но сепак се ставил на страна на ЕУ и со тоа ги исполнил надворешнополитичките услови на Брисел за земја со статус на кандидат за членство во ЕУ, оцени Шолц при посетата на Вучиќ во Берлин, на 4.05.2022.
Коалицискиот партнер на канцеларот од СПД, пак има јасна порака. Германската министерка за надворешни работи од Зелените, Аналена Бербок ,на почетокот од април во Брисел рече: „Ако некој сака да стане член на ЕУ, важно е да ги поддржува санкциите на ЕУ“. Слична позиција заземаат и Либералите. Рената Алт, поранешен известувач за Западен Балкан и претседавач со Комисијата за човекови права во Бундестагот, го повика канцеларот да наведе јасни услови за Србија, која е земја кандидат за членство: „Доколку Србија продолжи со политиката на шпага и понатаму се дистанцира од демократските вредности, јас предлагам замрзнување на средствата и размислување за прекин на преговорите за пристапување во ЕУ“, изјави Алт за ДВ.
Косовскиот конфликт не е единствената точка на агендата на посетата на канцеларот на Западен Балкан. Во Скопје и Софија, неговите две последни станици, ќе се разговара за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Бугарската влада го блокира приближувањето кон ЕУ на малата соседна земја. Алтернатива за брзо членство во ЕУ би можело да биде и асоцијативно членство, предлага пратеникот на ЦДУ и познавач на Балканот,Кнут Абрахам: „Мораме да разгледаме различни модели за државите кои веќе усвојуваат делови од европското законодавство“. Земјите кои не се членки на ЕУ и кандидатите за членство на тој начин би можеле да профитираат од економските предности на Европа уште пред да станат полноправни членки на Унијата, смета тој.