„Опел“ на продажба
10 септември 2009Решението на Управниот одбор на „Џенерал моторс“ е потврдено и од кругови на германската влада. Официјално решението ќе биде објавено на прес-конференција на раководството на друштвото, кое во меѓувреме се грижи за „Опел“, располага со 65 проценти од акциите и формално го има последниот збор.
Решението е поврзано и со одредени услови, за кои нема попрецизни информации. Се’ до последен момент во игри беа и опциите „Опел“ да му биде продаден на белгискиот инвеститор РХЈ или дури и да остане и натаму во сопственост на концернот „Џенерал моторс“, кој е во длабока криза. Ваквата разврска е во согласност со желбите на вработените во „Опел“, како и на сојузната и на владите на германските покраини во кои има фабрики на „Опел“. Владата веќе го помогна работењето на „Опел“ со една ипол милијарда евра, а ќе даде уште три милијарди. Во четири фабрики во Германија работат повеќе од 25 илјади луѓе. Според понудата од канадско-австрискиот лиферант за автомобилската индустрија „Магна“, која настапува заедно со руски партнери - банката „Сбербанк“ и производителот на автомобили „Газ“, фабриките ќе продолжат со работа, но ќе има отпуштање работници. „Џенерал моторс“ ќе задржи 35 проценти од акциите на „Опел“.
Автор: ЗЈ/ЕМФ/ап/дпа
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска