1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбановите „корисни идиоти“

Штефан Ошват
7 март 2019

Времето на Орбан во Европската народна партија истече. Со него треба да заминат и нејзиниот претседател, Дол и нејзиниот кандидат за прв човек на ЕК, Манфред Вебер. Тоа би била услуга кон Европа, смета Штефан Ошват.

https://p.dw.com/p/3EYor
EVP Manfred Weber und Viktor Orban
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Виктор Орбан добро ги познава своите пријатели-истомисленици од Европската народна партија, ЕПП. Нив ги смета за „корисни идиоти“ и за слаби. А во некои работи е во право. Противникот на алфа-мажјакот од Унгарија, политички гледано, е од лесна категорија: Манфред Вебер од баварската Христијанско социјална унија, ЦСУ.

Вебер, шеф на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент, кој сака да стане претседател на Европската комисија, досега многупати повлекуваше „црвени линии“ преку кои Орбан танцува, постојано пречекорувајќи ги. И никогаш ништо не се случува. Ова не е добра стратегија против популистот од унгарската рамница. Тој реагира само на јасни пораки, ако воопшто.

Рамничарски популизам

За танго се потребни двајца. Орбан диктира темпо, а раководството на ЕПП дозволува да биде водено и заведено. Вебер сака да заседне во фотелјата на претседател на ЕК и со помош на гласовите од Унгарија. Орбан тоа го знае и му ласка на Вебер. А дома, дозволува неговите медиуми, нападно и без вкус, и натаму да удираат по Јункер и компанија. Тука нема ништо ново: суштината на тој рамничарски популизам е да се биде перманентно во состојба на предизборна кампања, со постојано нови слики на непријателот. Совршен жртвен јарец е еврејскиот милијардер Џорџ Сорос, кој наводно ги влече конците во Брисел во поглед на миграцијата, како што тоа пропагандата им го сервира на Унгарците речиси четири години.

На баварците од ЦСУ сето тоа им е познато, па сепак радо го користат Орбан како порака упатена кон Берлин. Унгарија, така да се каже, е како покажување испружен среден прст против Ангела Меркел. Тука се и германските економски интереси, кои очигледно ги поткопуваат европските основни вредности. Германските автомобилски производители ги сакаат унгарските работилници: Мерцедес, Ауди, БМВ, сите тие инвестираат милијарди во Орбановото царство. Привлечени се од ниските даноци, добро обучените работници и слабите синдикати. А сосема случајно централата на Ауди е во изборниот округ на бившиот лидер на ЦСУ и сојузен министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер. Орбан добива на вредност, може да ги пополни своите даночни каси и да пушти да го слават како успешен економски капетан. Во прашање е вин-вин ситуација.

Повеќе: 

На Орбан му се поставени три услови

Ладнокрвниот есап на Орбан против Јункер

Орбановата Европа - со мајчински додаток и божји благослов

Критиките на сметка на Орбан досега се губеа во маглата на политиката на смирување на ЕПП. Тоа ќе го средиме интерно, така подобро можеме да влијаеме врз него - со години ова беше мантрата на ЕПП. Конзервативците радо го вперуваа прстот во политичката конкуренција: а вие социјалдемократите? Вие ги имате Романците, нејасни фигури како Понте и Драгнеа.

Што уште воопшто бара Орбан во ЕПП?

Претседателот на ЕПП Жозеф Дол и Манфреед Вебер отидоа чекор натаму, тие лани активно учествуваа во Орбановата предизборна кампања во Унгарија. Притоа, Орбан уште тогаш го протеруваше Централно европскиот универзитет и цивилното општество. Уште тогаш висеа плакати на кои пишува: „Стоп за Брисел“, на радио беа пуштани спотови, испраќани пропагандни писма до секое унгарско семејство, финансирано сето, патем речено, со наши пари. Средствата од ЕУ со години ги богатат Орбановите олигарси и луѓе од неговиот клан. Водечките кругови на ЕПП, собрани околу Дол и Вебер, на тој начин станаа сојузници на Орбан.

DW Kommentarbild - Bayerischer Rundfunk Stephan Ozsvath
Штефан ОжватФотографија: BR/Julia Müller

Орбановите олигарси дрско ги ограбуваат европските каси, неговиот зет може без последици да ги наполни џебовите, без оглед на дебелото досие во Агенцијата против измами (ОЛАФ). Истрагите во Унгарија против него се прекинати.

Орбановата колешка од ЕПП, Ингеборг Гресле, сака да го отежне грабежот, во име на ЕП ги надгледува парите на европските даночни обврзници. Гресле е голем поборник на европско државно обвинителство, кое би можело да дејствува и преку граници. Но, унгарската влада е против тоа. Идеолошкиот екстремен десничар и сѐ поголем автократ Орбан инсталираше свој корумпиран, „либерален“ систем, вели членот на ЕПП од Луксембург, Франк Енгел. Тој одамна го поставува прашањето: што уште воопшто има да бара Орбан во ЕПП? И двајцата се во право во своите критики. И двајцата досега беа осамени во своите предупредувања. А ЕПП неуморно повикува на „европските вредности“. Фактот дека сега дванаесет членки на ЕПП испратија писмо до претседателот Дол со барање за исфрлање на Унгарија од ЕПП, има двојно значење. Доста им е од Орбан и неговите луѓе. Но, писмата можат да се сфатат и како гласање за доверба против Дол и Вебер, кои долго ја држеа својата заштитничка рака над рамничарскиот популист.

Тие се навистина Орбанови „корисни идиоти“, кои го направија толку голем, да може да стане сериозна закана за Европа.

Времето на Виктор Орбан во Европската народна партија истече. Со него би требало да заминат и претседателот на ЕПП, Дол и Манфред Вебер. Само на тој начин ЕПП може повторно да стане веродостојна. А тоа би била услуга кон Европа.

Штефан Ошват беше дописник на германскиот јавен сервис АРД од Југоисточна Европа. Во 2017 година ја објави книгата „Памничарскиот популизам. Виктор Орбан, европски инцидент?“. Тој живее и работи во Виена и во Берлин.