1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осми март: Трпението на жените е „на црвено“

8 март 2019

Жените очекуваат институциите да ги спроведат сите закони за заштита од дискриминација по родова основа. Таква порака ќе биде испратена и од денешниот марш.

https://p.dw.com/p/3EezC
Deutschland Symbolbild Frauentag
Фотографија: imago/IPON

Оваа година маршираме со цел да покажеме дека трпението ни е на црвено и повеќе нема да толерираме празна реторика! Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост, ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на реални промени во животите на жените, порача Платформата за родова еднаквост. Оваа независна и неформална мрежа на граѓански организации за женски права, составена од 22 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредување на родовата еднаквост, под слоганот „Дали е среќен 8-ми Март?“ во Скопје денеска напладне ќе започне марш за правата на жените.

Девојки, жени, мајки, сестри, баби, вработени, невработени, феминистки и активистки, очекуваат институциите што побрзо да ги спроведат сите закони за заштита на човековите права и слободи и за заштита од дискриминација по родова основа.

Повеќе:

Фотографија на денот: Денот на жената - празник во Берлин

Денот на жената во Германија: Од Клара Цеткин до вресоци во Берлин

Акција - веднаш!

Истото го бара и невладината „Цивил“, потсетувајќи дека жените имаат еднакви права да се школуваат, да поседуваат имот и да заработат еднаква плата како и сите други вклучени во пазарот на трудот.

„За жал, насекаде во светот, па и во Република Северна Македонија, тие се соочуваат со негирање на нивните права, дискриминација и насилство, едноставно, поради нивната родова припадност“, реагира организацијата. 

Од „Цивил“ повикуваат „политиките и практиките да се подобрат веднаш, без одложување!“

„Владата да подготви законски мерки и да воведе практики на најостро санкционирање на секоја постапка што жената ја става во подредена положба или ја дискриминира на работното место, во семејството, во јавноста или на било кое друго место или ситуација. Медиумите и граѓанските организации мораат да манифестираат повисока одговорност и да работат на граѓанска едукација за правата на жените. Правичната застапеност на жената од 50% во институциите и во структурите за донесување на одлуките се подразбира и мора да се спроведе веднаш“, порачува „Цивил“, и предлага 8-ми март да се прогласи за неработен ден на сите жени во земјата.

Mazedonien Graffiti-Kunst in Skopje
Под слоганот „Дали е среќен 8-ми Март?“ во Скопје денеска напладне ќе започне марш за правата на жените (фото: графити во Скопје)Фотографија: DW/B. Georgievski

Клуб и Женска соба

Поддршка на ваквите заложби особено се очекува од жените вклучени во институциите, пред сѐ во парламентот, кој ги носи клучните законски проекти што треба да овозможат еднаквоста да стане реалност.

Во македонскиот парламент од 7-ми март 2003 година е формиран Клубот на пратенички кој дејствува со единствена цел: преку законски решенија да се постигне родова еднаквост и унапредување на правата на жените и нивно активно вклучување во процесот на одлучување. Како резултатот на работата на Клубот, со измени во Изборниот законик е усвоена законска одредба со која на кандидатските изборни листи се обезбедува најмалку едно место на секои три да припаѓа на помалку застапениот пол, со што во 2006 година избрани се 37 пратенички во Собранието (30,8%). Со измените во Законот за здравствено осигурување поднесени од Клубот на пратенички обезбедени се бесплатни превентивни гинеколошки прегледи за рано откривање на рак на грлото на матката и рак на дојката за сите жени; продолжен е рокот за пензионирање по основ на стаж за уште две години; во Законот за семејство вградена е посебна глава за заштита на жртви на семејно насилство; со измени во Законот за игри на среќа и забавни игри поднесени од Клубот на пратенички се формира посебен фонд за борба против семејно насилство; со измените на Буџетот се зголеми ставката за прифатилишта за бездомни лица и жртви на семејно насилство - шелтер центри. Лани беше отворена и Женска соба на Клубот на пратенички во Парламентот, по углед на практиката во шведскиот парламент, а бројката на жени пратенички во сегашниот состав изнесува 46.

Frauenquote Symbolbild
Фотографија: imago/blickwinkel

Каскаат зад мажите

Битката за застапеност на жените во државните институции се води и во земјите на ЕУ. Според податоците што ги објави Евростат, таа бројка е прилично шаренолика. Лани, најголем број жени (52%) имало во владите на Шпанија и Шведска, во Франција 49%, а во Холандија и Данска по 42%. Најмалку дами во  националните влади се регистрирани во Унгарија 7 отсто, во Малта 12 отсто, и во Кипар, Италија и Полска по 17 отсто. Што се однесува до застапеноста во националните парламенти, во 2018 година предничи Шведска со 47% учество на жените во парламентот, следи Финска со 42%, Белгија и Шпанија со 4 %, Австрија 37 %, Данска и Португалија  по 36% и Италија со 35%, Бугарија 25%. Најмалку жени во националните парламенти има во Унгарија - 13 отсто, во Малта - 15 отсто, Кипар и Грција 18 отсто и Романија 20 отсто. Според Евростат, бројката на жени премиери во земјите на ЕУ пораснала во периодот од 2003 до 2018 година. Во 2018 година во ЕУ имало три дами премиерки, а во 2003 година ниту една. Според податоците на Евростат бројката на жени премиери во ЕУ никогаш не надминала 14 проценти, што значи дека никогаш немало повеќе од четири жени на таа позиција истовремено.

Македонската Влада не може да се пофали со голема застапеност на жените. Покрај вицепремиерката Радмила Шекеринска, која раководи со ресорот одбрана, под „женска палка“ се само Министерството за правда, раководено од Рената Дескоска, ресорот труд и социјална политика, раководен од Мила Царовска, а во владиниот состав е и министерката без ресор, Зорица Апостолска, која е задолжена за странски инвестиции.