1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Офанзивата за Мосул бележи брзи успеси

СН/ агенции
23 февруари 2017

Ирачките воени сили утрината започнаа офанзива за освојување на стратешки важниот аеродром во Мосул. По неколку часа борби, тој повеќе не е под контрола на борците на Исламска држава.

https://p.dw.com/p/2Y8UN
Irak Kampf um Mosul
Фотографија: Reuters/A. Al-Marjani

Ирачките вооружени сили според наводи на државната телевизија го освоиле стратешки важниот аеродром во упориштето на Исламска држава, Мосул. Околу три километри долгиот простор на кој е сместен аеродромот е целосно ослободен од рацете на ИД, соопшти телевизијата. Таа се повикува на сопствените репортери во некогашниот милионски град. Армија ја започна офанзивата за освојување на аеродромот во раните утрински часови. Брзото напредување и снимките на државната телевизија наведуваат на заклучок дека ирачките војници наишле на спорадичен отпор од страна на борците на ИД. Истовремено беше нападната и воена база окупирана од терористичката група во непосредна близина на аеродромот. Двете цели јужно од центарот на Мосул важат за важни стратешки точки за ослободување на западен Мосул.

Освојувањето на овој дел од градот се проценува како потешко отколку освојувањето на источниот дел на градот, кој ирачките сили успеаја целосно да го преземат од рацете на ИД на крајот на јануари. Иако е значително помал од источниот дел, западен Мосул е погусто населен со тесни улички и во него има населби чии жители како што се проценува ја поддржуваат Исламска држава.

Irak Kampf um Mossul
Фотографија: Reuters/A. Al-Marjani

Илјадници ирачки војници, со поддршка од артилеријата и воздушните сили се ангажирани во офанзивата за преземање на контролата врз Мосул. ОН изразија загриженост за цивилите кои останаа во градот, по извештаите дека нивната бројка би можела да достигнува и до 650 илјади.

Повеќе од 160 илјади луѓе веќе ги напуштија своите домови во околината на градот. ОН на крајот на јануари соопшти дека речиси една половина од жртвите во Мосул се цивили. Сите мостови кои ги поврзуваат источниот и западниот дел на градот на реката Тигар се уништени во воздушни напади. Џихадистите го зазедоа Мосул во 2014 година кога почна нивниот брз продор во поголем дел од северен и западен Ирак.  Мосул е последно поголемо упориште на ИД во Ирак. Доколку терористичката милиција ја загуби контролата над градот, таа во голема мерка ќе биде воено победена во Ирак.