1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Охрид меѓу короната и УНЕСКО

Милчо Јованоски
27 јуни 2020

Во годината кога хотелиерите почнаа да ги жнеат придобивките од разните кампањи за привлекување гости и очекуваа богата туристичка жетва, коронавирусот донесе најголемо разочарување за сите бизниси сврзани со туризмот.

https://p.dw.com/p/3eQWb
Nord-Mazedonien Ohrid
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Ретко охриѓани се шегуваат на своја сметка. За жал, вицот кој важеше за вон сезоната, оваа пролет и лето стана вистина: Климе по чаршија се среќава со две џуџиња и ги прашува: - Кои сте бе вие?  - Ние сме џуџињата од Снежана, му одговориле.  А тој: - Ам з’ш сте само двајца, нели сте седум?  - Ам то е, Охрид немат љуѓе, му одговориле џуџињата.

Вистина, Охрид, никогаш  не бил толку празен како сега во време на Ковид 19. Сликата е жална. Плоштадот и омилениот кеј најчесто пусти,   по сокаците низ Варош чудна и несвојствена тишина за овој период од годината.  Само за  вонредните мерки и  продолжените викенди за верските празници и 1 Мај, градот „живна’  со луѓе кои имаат свои станови  и претежно беа од Скопје.  Социјалните мрежи „вриеjа“ од различни коментари а охриѓани главно од страв за сопственото здравје негодуваа за дојденците. Во Охрид секојдневно има нови заразени со коронавирус, но епидемиолозите велат дека се’ е под контрола. Три месеци  пандемијата од Ковид – 19  ги стави сите хотели, ресторани и кафулиња под клуч, беа затворени  и разните преноќишта и апартмани. Мнозина кои живеат од бизнисте сврзани со туризмот велат дека не паметат ваква криза. Под посебни протоколи кои главно се почитуваат се отворија летните тераси  и хотелите, а проработија и рестораните и во затворен простор. Од вчера се отворија границите и се укина забраната за организиран превоз, а од 1 јули ќе бидат отворени и аеродромите во Охрид и Скопје. Но туристите се’ уште ги нема . Анализите за загубите допрва ќе се прават сега сите живеат во надеж.Едни да ги вратат кредитите, други долговите, сопствениците да ги платат вработените и така во круг. 

Ваучери за спас на туризмот

На повеќе од 100 илјади граѓани,со месечен приход до 15 000 денари  Владата веќе  им доделува  ваучери за туризам, изјави претседателката на Владата, Мила Царовска.  „Целта е нашите сограѓани да ги искористат домашните сместувачки капацитети,така ќе ги помогнеме хотелите  кои со месеци беа затворени поради коронавирусот, рече Царовска.

„Се надеваме на успешна туристичка сезона, свесни сме дека нема ништо да биде како порано. Имаме нов начин на работа и структура на гости. Очекуваме домашниот туризам да заземе голема бројка во оваа сезона и ваучерите за туризам, доделени преку Владата на граѓаните, да ја спасат сезоната," вели управителот на хотел „Гранит“, Перо Кутаноски во име на здружението ХОТАМ.

Се рушат дивоградби, се расчистува отпад и се уредуваат плажите

И не е само Ковид -19 Охрид го мачи и друг проблем кој не е нов, туку се актуелизира постојано а никако да му се застане цврсто на патот. Охрид и УНЕСКО. И во минатото имало обиди да се стави некој ред но преземањата не завршувале успешно туку и срушените објекти со динамит пак биле изградени а шутот и денес е нем сведок за јаловите акции. Но се чини овој проблем не може повеќе да се турка „под тепих“.  Дивоградбите крај езерото и во заштитената зона валоризирана од УНЕСКО уште од 1979 и 1980 година можат лесно да му пресудат на градот. Јасен е ставот на УНЕСКО и Реактивната мисија за постапување со нелегалните објекти. Општинскиот регистар покажа дека во Охрид  има 1076 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас. По повод Денот на езерото (21 јуни), граѓанската иницијатива Охрид СОС предупреди на еколошката нефункционалност на Охридското крајбрежје. „Светско наследство е во опасност“, тврдат од иницијативата и потсетуваат:  „20 години Ден на езерото, 41 година УНЕСКО, 6000 години цивилизација, 2 милиони години постоење а деградацијата на Охрид и езерото никако да прекине“.

Повеќе:

Аеродромите се отвораат, летови засега нема

Раководители влегле во опструкторска „кал“ на Студенчишко Блато

Дојдете во С. Македонија, повикува Lonely Planet!

Политичко-бизнис мафија го силува Охрид!

Ден на Охридското Езеро - повод за славење или за срамење?

Се почна со тргањето на платформите на потегот од Ј’но до Канео за неодамна да продолжи уривањето на потпорни ѕидови, шанкови и друга опрема во познатиот камп Градиште но и на просторот од Горица кон Лагадин и Елешец. „Ќе се уриваат сите плажи кои не се предвидени со Генералниот урбанистички план и ќе нема селективност во уривањето и се’ се одвива  според уредбата на Владата и за законите на тој начин ќе ги исполниме дел од препораките на УНЕСКО“, дециден е градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески. Тој неодамна призна дека општината, сака да стави ред, но  сама нема капацитет и средства  да го реши проблемот и побара државата да помогне. И Државната комисија за спречување на корупцијата побара од Владата да ги одземе надлежностите  за уривање на нелегално изградените објекти во охридско-струшкиот регион под заштита на УНЕСКО, со образложение дека предвидените средства на Општина Охрид за оваа намена се премалку.

Охридско Езеро: Загрозено светско наследство

Концесиите истечени, концесионерите заработувале, со години не плаќале

На досегашните концесионери на плажите концесиите според општината им се одамна истечени од 3 до 5 години наназад. Но и лани и претходно, со чест на исклучоци работеле на диво и го собирале кајмакот од кафеаните и лежалките и не плаќале ништо. Еден од сопствениците на плажа, Љупчо Нечковски го дели мислењето на дел од концесионерите  дека власта сака да им ги одземе плажите и потоа да им ги даде на некој друг. Уште има и такви кои прашуваат какво фајде има Охрид од УНЕСКО? Дел од  граѓаните и јавноста во Охрид со огорченост потенцираат дека во Охрид се руши а на само 15 километри од тука , во Струга како да владеат други закони. Според Охрид СОС струшкиот градоначалник Рамиз Мерко  се однесува како да владее со автономна зона, а не како да е дел од една земја во која владеат истите закони за сите! Во Струга нема дивоградби, не треба ништо да се руши, активистите на СОС го цитираат Мерко.

Странските дипломати со поддршка за средување на крајбрежјето

Целосната заштита на Езерото и Охрид  како град на УНЕСКО ни е приоритет над приоритетите. Не оди лесно и преку ноќ деградирањето на просторот се случуваше над три децении. Ќе се трудиме заштитата и развојот да одат паралелно. Така ќе биде фер за сите, кажуваат од Владата. Странските дипломати јасно им дале до знаење на властите дека токму преку заштитата на Охрид и зачувувањето на епитетот град на УНЕСКО треба да докажат дека Република Северна Македонија е и правна држава. Се чини како ветер во грбот за Охрид дојдоа најновите контакти на градоначалникот Константин Георгиески со амбасадорите на Франција и САД, Тимоние и Брнз кои дале јасна поддршка за преземањата во случајот УНЕСКО. 

Планот за управување иден Устав на Охрид

Градоначалникот  Георгиески вчера заедно со министерот без ресор  и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми  извршија увид на  подигнување на градежниот шут и несоодветниот материјал од плажите а ја одредија и динамиката за насипување и уредување на плажите со соодветна речна песок.  „Плажите не се уриваат туку се ослободуваат од дивите градби и се уредуваат: „Охрид нема да остане без плажи но никогаш повеќе таму нема да биде дозволено таму да се гради како досега. Во иднина градот ќе се развива согласно Планот за управување кој ќе биде своевиден Устав за Охрид“, вели Георгиески. 

Охрид  уште е на работ и може да биде префрлен на листата на места во опасност на УНЕСКО.  Според извештаите на Владата, УНЕСКО оценката за досега постигнатото во градот  требаше да ја даде на 29  јуни на настан во Кина, но поради пандемијата со коронавирусот состанокот е одложен на неопределено време. Доволно време Охрид да ја смени сликата за себе.