Оружје - српски извозен хит
19 јули 2022Српската индустрија за оружје или наменска индустрија има долга традиција, а како што е наведено во Министерството за одбрана, оружјето е српски извозен бренд. Оваа индустрија бележи забележителен раст, но сепак, според достапните податоци, пандемијата влијаеше и на овој сегмент.
Во периодот 2005–2019 година вкупната вредност на реализираните дозволи за извоз на оружје и воена опрема изнесува 3,7 милијарди долари, и во таа област е остварен значителен суфицит.
Уште во 2019 година е забележан одредено пад, па таа година извозот на оружје и воена опрема изнесувал нешто над 400 милиони долари. Проекциите на Министерството за одбрана беа дека во 2020 година извозот на оружје ќе достигне цели 600 милиони долари.
Извозни адути на српската одбранбена индустрија се првенствено авионите од типот Ласта, самоодната хаубица Нора 155 милиметри, оклопното борбено возило Лазар, минофрлачи, сите видови пешадиска и артилериска муниција и ракети, балистичка заштитна опрема, како и експлозиви и барути.
Ако се обрати внимание на податоците за најголемите купувачи, тоа се пред сѐ Обединетите Арапски Емирати, потоа Кипар, САД, Бугарија и Саудиска Арабија.
Клиенти ширум светот
„Поентата на целата приказна е дека српската индустрија за оружје навистина има клиенти ширум светот, а во овој поглед не е воопшто пребирлива“, истакнува за ДВ Вук Вуксановиќ, истражувач во белградскиот Центар за безбедносна политика.
„Кај државата навистина постои импулс да го добие секој можен динар од таа индустрија. Она што е црвена линија е земјата во која се извезува да не е под санкции на Обединетите нации (ОН), или таму да не е во тек некаков конфликт, и тука се постапува малку повнимателно“.
Но, како што додава нашиот соговорник, Србија не секогаш се придржувала до тие правила и нѐ потсетува на „ситуацијата пред две години, кога беше откриено српско оружје во Нагорно Карабах и кога токму името што сега се споменува во врска со уривањето на украинскиот авион во Грција-Слободан Тешиќ, и тогаш се провлекуваше низ извештаите. „Имавме проблем и во минатата година, кога беше пронајдено српско оружје кај групи поврзани со Ал Каеда. Но, факт е дека зборуваме за тоа дека оружјето е пазарна стока како и секоја друга, и мора да се водите според логиката на побарувачката, а Србија не е никаков исклучок во таа смисла“, оценува Вуксановиќ.
Украинскиот авион - клучно прашање
Уривањето на украинскиот транспортен авион во Грција предизвика бројни шпекулации и различни сценарија за настанот.
Вук Вуксановиќ смета дека „клучниот проблем овде е што тоа бил украински авион. Официјално станува збор за српско оружје наменето за Бангладеш, но тука повторно се поставува прашањето за украинскиот авион. Тоа е она што бара истрага од државните органи, за да може јавноста да добие одговор на прашањето од каде токму украински авион, во време кога на територијата на Украина во моментов беснее најголемиот меѓународен конфликт“, забележува Вуксановиќ.
Процут на црниот пазар
Има и поинаква верзија за настанот, според која тоа е оружје за Украина, а исто така и дека може да биде оружје од Украина за некој друг, истакнува Вуксановиќ:
„Украина и пред војната беше еден од меѓународните јазли на сивиот и на црниот глобален пазар на оружје. Се разбира, со оваа војна и количеството на оружје, гледаме дека меѓународниот шверц со оружје повторно процути и оти, на пример, западното оружје што беше наменето за Украина сега може да се најде во конфликтните зони ширум светот. Исто така, се стравува дека може да заврши во рацете на терористички организации или организирани криминални групи во Европа“, изјави Вуксановиќ за ДВ.
Ново опасно балансирање?
Во српската јавност особено негативно се толкува верзијата според која станува збор за српско оружје кое било наменето за Украина и оти тоа може да биде дополнителна причина за остра реакција на Русија.
Вук Вуксановиќ забележува дека ова може да биде уште еден начин властите во Белград да ја „играат својата стара игра“. А тоа би значело, од една страна - тајна муниција за Украина, со цел да се одоброволи Западот, а од друга страна - на Русија би им биле дозволени други погодности, на пример, да ги отвори медиумот „Раша Тудеј“ и интернет компанијата „Јандекс“ во Србија. Сето тоа е дел од однесувањето на белградската елита да балансира и да се обидува да купи добра волја во различни странски центри на моќ преку разни противуслуги. „Но, сега единствено прашање е дали постои момент кога таа рамнотежа може да се наруши, а вие некого да налутите“, заклучува истражувачот на белградскиот Центар за безбедносна политика.
Како што пишуваат белградските медиуми, товарот на паднатиот авион се поврзува со компанијата зад која неформално стои Слободан Тешиќ. Од 2003 година, Тешиќ е на списокот за забрана за патување на Обединетите нации поради кршење на санкциите за извоз на оружје во Либерија, а беше отстранет од таа листа во 2013 година по доаѓањето на власт на Српската напредна партија (СНС). Но, Тешиќ во 2017 година се најде на „црната листа“ на САД, кога му беа воведени санкции и беше окарактеризиран како „најголемиот трговец на оружје и на муниција на Балканот“.