Пилотите на „Луфтханза“ повторно летаат
23 февруари 2010Штрајкот на пилотите на „Луфтханза“ привремено е прекинат по само еден штрајкувачки ден. Пред Судот за работни односи во Франкфурт синдикатот на пилотите „Кокпит“ вчера вечер (22.02.2010) се обврза дека до 8 март нема да ги повикува пилотите на „Луфтханза“ и на фирмите-ќерки „Џерманвингс“ и „Луфтханза карго“ да ги приземјат авионите. Привременото откажување од штрајк е „наш обид да се обноват преговорите“ соопшти здружението „Кокпит“. Раководството на „Луфтханза“ исто така се изјасни дека постои „добра основа“ за конструктивни преговори. Министерот за транспорт и врски Петер Раумзауер истакна дека двете страни сега се повикани заеднички да постигнат резултат. Тој би бил од интерес и за патниците и германското стопанство.
И натаму вонреден план за летање
И покрај прекинот на штрајкот, најголемата авиокомпанија во Европа и денеска ќе лета по вонредниот план, а од среда се очекува постепено нормализирање на летовите на авиокомпанијата. Само „Луфтханза“ вчера откажа 900 летови, но очекуваниот хаос на аеродромите изостана, бидејќи патниците беа навремено информирани.
Сепак, и покрај прекинот на штрајкот на пилотите, „Луфтханза“ се’ уште не ги надминала проблемите. Во меѓувреме и‘ се заканува нов предупредувачки штрајк, организиран од синдикатот на стујардесите и стујардите, кои бараат пред се’ подобри работни услови и ограничување на работното време на 40 часови неделно.
Проширување на штрaјкот?
Со штрајк на вработените, најверојатно ќе биде соочен и конкурентот на „Луфтханза“, британската компанија „Бритиш ервејс“. Стујардесите и стујардите со големо мнозинство гласаа за одбрана на нивните работнички права, соопшти синдикатот „Јунит“. Термин за штрајкот се’ уште не е одреден. Исто така се очекува и отежнат авионски сообраќај и во Франција, во наредниве денови. Синдикатите ги повикаа француските контролори на летање на повеќедневен штрајк. Протестите би требало да траат до сабота.
Автор: АТ/СН/дпа/афп/ап
Редактор: Жана Ацеска