План за крај на војната во Украина или „продавање магла“?
21 март 2022Руската војна против Украина влегува во четвртата недела. Покрај вестите за борби и жртви има извештаи и за преговори меѓу Москва и Киев. По неколку средби во живо во Белорусија, се преговара и онлајн, но досега без успех. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва нема да се откаже од својот „план" сѐ додека Киев не ги исполни клучните барања: „демилитаризација", „денацификација" како и „неутрален статус на Украина". Претходно Москва бараше Киев да го признае анектираниот дел од Крим како дел од Русија, како и да ја признае независноста на „Народните републики" Доњецк и Луганск. Украинскиот претседател Володимир Зеленски пак, е подготвен да се откаже од посакуваното членство во НАТО. Иако малку информации протекуваат од разговорите, еден напис во „Фајненшл тајмс" ги раздвижи работите. Има „суштински напредок“ во преговорите и се разговара за план од 15 точки. Се вели дека Киев е подготвен да се откаже од желбата за НАТО, како и да не стационира системи за оружје во странските воени бази во земјата. Како заштита од Русија, Украина наводно сака безбедносни гаранции од САД, Велика Британија и Турција. Украинските власти велат дека на Киев му требаат правно обврзувачки ветувања.
Отстапка на Киев: неутралност наместо НАТО
За Аљона Хетманчук, раководител на киевскиот тинк-тенк „Нова Европа”, ситуацијата е апсурдна.
„Прво треба да се договори прекин на огнот, а потоа да се водат конкретни преговори. А сега е вака: колку се поинтензивни преговорите, толку повеќе се пука." Хетманчук ја опишува подготвеноста на Украина да се согласи за неутрален статус како најголема отстапка: „Не само затоа што членството во НАТО е наведено како цел во Уставот, туку затоа што е поддржано од до сега невидено мнозинство“. Понудата е поврзана со безбедносни гаранции кои ефективно би го замениле членот 5 од Договорот на НАТО за колективна безбедност.
Оваа идеја е „прилично илузорна“ бидејќи ниту една од земјите од НАТО не изрази подготвеност да ѝ даде такви гаранции на Украина. Веројатно ниту Русија нема да се согласи на ова. Признавањето на Крим и Донбас е црвена линија за Киев, смета Хетманчук: „Тоа би било целосна капитулација“. Експертката се сомнева дека преговорите ќе доведат до успех, но според неа добро е да се преговара за „да се подобри хуманитарната ситуација и да му покажат на светот дека Украина е подготвена за одредени компромиси“.
Москва: Смена на Зеленски веќе не е тема
Во преговорите со Украина, на кои првично се разговараше за хуманитарни коридори, „очигледно почнало да се разговара и за суштински прашања,“ вели Андреј Кортунов, директор на Рускиот совет за надворешно-политички прашања (РСМД). За одредени прашања тој гледа одредена „динамика“ кај рускиот став. „Имаше изјави дека ‘денацификацијата’ ќе бара рестартирање на државниот проект Украина, веројатно нови избори и отстранување на националистичките десничарски сили од политичката арена, а сега имаат редуцирана агенда. Веќе не се зборува за смена на Зеленски,“ вели Кортунов. Според него суштинското барања на Москва е Киев да се откаже од посакуваното членство во НАТО и од соработка со Алијансата. Што се однесува до признавањето на Доњецк и Луганск, тој смета дека може да се изостави од агендата за неодредено време. Кортунов смета дека е можно повлекување на руските трупи од областите освоени од почетокот на војната.
Нема официјални безбедносни гаранции
Роберт Бринкли, поранешен британски амбасадор во Украина, не очекува пробив во преговорите меѓу Москва и Киев. Тоа може да се очекува само ако „двете страни се подготвени за тоа”. Сега уште се обидуваат „да си ги подобрат позициите на терен”. На прашањето дали Велика Британија ќе даде безбедносни гаранции на Украина, Бринкли не одговори директно. Тој потсети на негативните искуства на Украина со меморандумот од Будимпешта од 1994 кога атомските сили Русија, САД и Велика Британија ѝ гарантираа на Украина дека ќе ги почитуваат нејзината сувереност и границите како противуслуга за откажување од атомското оружје што го наследила од Советскиот Сојуз. „Во документот нема гаранции и затоа мислам дека Украина ќе биде многу внимателна" што ќе стои запишано во нов документ, вели Бринкли.
Поранешниот британски дипломат посочува и на ставот на НАТО кој не сака да испрати свои сили во Украина, ниту сака да стави на располагање авиони за да се наметне зона на забранети прелети каква што бара Украина.
Путин: само маневар за добивање на време?
Поранешниот колега на Бринкли, екс амбасадор на Германија во Киев, Ханс Јирген Хајмсет, очекува резултат од преговорите дури за неколку недели. Двете страни од „одредени ПР причини” водат преговори, но има разлики. Додека руското водство е бескомпромисно, Украина е отворена во однос на неутралноста и странските воени бази.
Публицистот Винфрид Шнајдер Детерс кој долго има живеено во Украина е единствениот меѓу експертите со кои разговаравме, кои преговорите ги смета за „сеење ветар и магла”. „Тоа е само маневар за залажување од страна на Путин. Сака да го замае Западот, да се почувствуваат сигурни, да видат мир на хоризонтот за да престанат да ја поддржуваат Украина со оружје", вели експертот. „Маневарот служи и за добивање на време откако првата офанзива пропадна, мора да собира сили за вториот удар."
Путин според него се стреми кон „воено решение”. На Киев пак му се потребни и овие преговори „за да здивне и да ги обучи доброволците да ракуваат со оружје”. Украина не тррба да се потпре на безбедносни гаранции, вели Шнајдер Детерс и потсетува на меморандумот од Будимпешта. Западот не може да војува во Украина, но може „да испорачува оружје”. Неговата прогноза гласи дека војната „ќе трае уште долго време”.