1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција застанува на свои нозе

Бернд Ригерт
22 јуни 2018

Грција до 20 август може да излезе од програмите за спас на еврозоната. Земјата е донекаде во добра форма, но сѐ уште не е здрава како дрен, оценува Еврогрупата.

https://p.dw.com/p/303fD
Symbolbild Wirtschaftliche Situation in Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Fotis Plegas

Зарем можеше да биде поинаку, се прашуваа рано изутринава во Луксембург ЕУ-дипломатите. Беа изморени, но на нивните лица беше видливо олеснување. Се разбира - и последниот компромис за Грција и нејзината незавидна финансиска состојба беше постигнат по долго повлечи-потегни на ноќна седница на Еврогрупата.

Грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалотос и неговите колеги во еврозоната заседаваа шест часа подолго од планираното и работеа на деталите на последната исплата за Грција. Како и во изминатите осум години, во кои Грција од европските партнери и ММФ позајми 274 милијарди евра и овојпат се преговараше безмилосно, велат учесници на седницата. „Се сеќаваме на часовите, деновите и ноќите кои ги поминавме занимавајќи се со овој проблем, на енергијата која ја потрошивме за да одговориме на заканите за еврозоната“, изјави еврокомесарот за монетарна политика, Пјер Московиси во Луксембург.

Со постигнатата согласност за последната исплата од вкупно 15 милијарди евра за Атина формално се затвора третиот пакет за помош и „Европскиот чадор за спас“. Но, на Грција ќе ѝ бидат неопходни повеќе децении за да врати барем еден дел од овие кредити и да го намали своето ниво на задолженост од 178 проценти од брутодомашниот производ.

Luxemburg EU Finanzministertreffen - Griechischer Finanzminister Tsakalotos
Цакалотос има причина за насмевка: Последната транша е договоренаФотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Во 15-те милијарди евра има и т.н. „стабилизатор“ кој владата во Атина треба да го искористи за во иднина да може повторно да настапува како веродостоен должник на приватните пазари на капитал. Од 21 август грчката влада треба повторно да може самата да се снабдува со капитал за да ги рефинасира државните долгови. Доколку тоа не успее целосно, може да посегне по „стабилизаторот“ кој би требало да ги покрие финансиските потреби за период од 12 до 15 месеци.

Шолц: Добра вест

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц се заложи за тоа на Грците да не им се излегува превеликодушно во пресрет и последната рата да биде одмерена најпрецизно што е можно. „Во Грција има добар развој. Успеавме со нашата солидарност да ѝ помогнеме на земјата да застане повторно на нозе. Тоа е добра вест за еврото и за Европа“, рече Шолц уште пред постигнувањето конечен договор.

„Ова е историски ден за Грција и за еврозоната“, изјави еврокомесарот за монетарна политика Пјер Московиси во Луксембург. „По осум години тешки реформи и програми, Грција повторно ќе може да оди на свои нозе. Кризата сега е зад нас.“

Повеќе: Има ли Грција причина за славје?

Московиси потсети дека владата на премиерот Ципрас само во последните три години донесла 450 закони и уредби за да одговори на условите на кредиторите. По победата на изборите во 2015 година Ципрас се обиде да се бунтува против европските партнери, но по четири месеци попушти. Денес тој е многу кооперативен и укажува на релативно силниот економски пораст во Грција и намалувањето на бројот на невработените. „Мислам дека по осум години криза во меѓувреме сме во состојба самите да сфатиме кои реформи се вистинските за нас“, изјави грчкиот премиер за време на викендот за весникот „Велт ам Зотнаг“. „Тоа можеби го знаеме понекогаш подобро и од ММФ. Не сме толку глупави за да ја вратиме состојбата од 2010 година.“

Грчката влада се обврзува на фискална дисциплина и на примарен буџетски суфицит кој просечно ќе изнесува 2,2 до 2,5 проценти. Само така, според кредиторите, е можно одржување на нивото на долгови и во иднина нивно намалување.

Luxemburg EU Finanzministertreffen
Седницата на европските министри за финансии во Луксембург траеше шест часа подолго до ланиранотоФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Mayo

Без голема забава

Европската Комисија и Европскот фонд за спас и во иднина ќе ја надгледуваат грчката буџетска политика, но грчката влада повторно добива простор за сопствена политика. Премиерот Ципрас веќе најави одредени социјални услуги за финансиски слабите слоеви на општеството. Но, на 20 август, кога формално ќе заврши програмата за спас, нема да има голема забава, уверуваат грчките ЕУ-дипломати.

Економистот Золт Дарваш од тинк-тенкот „Бругел“ со години ја набљудува ситуацијата во Грција. И, има добар совет: економскиот пораст е повисок од очекуваното, па она што на Грција сега ѝ е потребно се повеќе инвестиции во машини, постројки и инфраструктура, со што полетот вистински би се зацврстил. „Грција мора да стане поатрактивна пред сѐ за инвеститори од странство“, нагласува Дарваш. Приватизацијата на државните фирми, меѓутоа, наспроти она што е договорено со кредиторите во 2015 година, и натаму се одвива бавно.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија