Подготвуваат ли САД копнена интервенција во Сирија?
8 април 2017Дојче веле: Колку Ве изненади веста за нападот од САД врз сириски воен аеродром?
Михаел Лидерс: Многу бев изненаден, зашто мислев дека американската влада не е вистински подготвена да изврши нешто толку непромислено. Јасно е дека тука постои опасен потенцијал за ескалација. Во Сирија се води прикриена војна - на една страна се САД, ЕУ, Турција и земјите од Персискиот Залив, кои сакаат пад на Асад. На другата страна се Русија, Иран и Кина, кои сакаат тоа да го спречат по секоја цена. Изведувањето ваков американски напад, по наредба на Трамп, претставува опасност од ескалација на ситуацијата и Американците и Русите наскоро да стојат едни наспроти други на сириско тло.
Кремљ реагираше со критика, нарекувајќи го нападот агресија, иако Русите претходно биле предупредени, па можеле да ги повлечат своите војници. Колкава е сега опасноста од руска интервенција?
Конфронтацијата е присутна и тука очигледно не постои подготвеност за разумна спогодба и преговори на рамноправно ниво. Дотолку е поголема опасноста од продолжување на судирот. Со оглед што при овој напад не е повреден ниеден Русин, Москва можеби нема толку остро да реагира. Но, ако има нови американски напади, во кои евентуално би настрадале и Руси или руско оружје, тогаш Москва тоа нема да го толерира, па ситуацијата може брзо да ескалира.
Како би изгледало најлошото сценарио?
САД во Русија моментно го гледа својот најголем геополитички противник.Тие две држави прикриено војуваат една против друга на два воени фронта: во Украина и првенствено во Сирија. Режимот на Асад повторно ги зазеде сите поголеми градови, последен беше Алепо во декември 2016. година. Може да се каже дека Американците ја загубија оваа битка со Русија во Сирија. Сега влијателните центри на моќ во Вашингтон очигледно се подготвени за промена на таа ситуација и одат на курс на конфронтација во Сирија.
Да не заборавиме, по уставниот референдум во Турција на 16. април, САД имаат намера да почнат копнена офанзива со елитни единици кон Рака, главното упориште на Исламска држава во источна Сирија. Во Сирија се веќе стационирани 400 американски војници. Ќе успеат да ја заземат Рака, но што потоа? Како натаму? Кој ќе владее таму? Кои ќе бидат следните барања? Дали ќе се воспостават можеби зони за забранети летови? Тоа би била тактика на мали чекори која Русите не би ја прифатиле. Зашто, зона на забранети летови значи дека руските или сириските авиони веќе нема да можат да полетуваат. Тоа во секој случај би значело конфронтација. Во овој момент не можеме да го предвидиме развојот, но секако - ситуацијата е алармантна.
Американската влада реагираше на наводниот напад со боен отров во Идлиб, припишувајќи му го на Асадовиот режим. Колку е сигурно дека зад нападот со отров стои сирискиот властодржец?
Не постојат никакви сигурни информации околу тоа што се случило во Идлиб. Веројатна е секаква интерпретација, едноставно-ни недостигаат сигурни факти. Меѓутоа, јасно е дека е Идлиб само повод за овој воен напад, кој има друга геостратешка заднина. Станува збор за тоа што САД не се подготвени да прифатат руска и иранска доминација во Сирија. Владата на Трамп и натаму се противи да го прифати Иран како фактор на моќ во регионот. Да се прашува само Трамп, тој одамна би го откажал нуклеарниот договор со Иран, склучен во 2015. година за време на Обама. Мислам дека овде е на сцена тактика на мали чекори кон постепена конфронтација, која нема да води кон ништо, освен кон уште подрастично разорување на Сирија.
Михаел Лидерс е политиколог, исламолог и публицист. Тој е претседател на Германско-арапското друштво и советник на германското Министерство за надворешни работи.