ЕУ: Нема граница за долговите
24 март 2020Министрите за финансии на земјите членки на Европската унија постигнаа согласност за активирање на клаузулата за итни случаи од Пактот за стабилност и пораст на ЕУ. Државите од Унијата во нормални услови смеат да земаат нови долгови само до три проценти од својата економска сила годишно. Вкупното задолжување на една држава не смее да надмине 60% од економското постигнување. Овие железни правила околу кои во минатото толку жестоко се дискутираше, сега поради короната привремено се ставаат вон сила. Во борбата против ширење на коронавирусот на државите треба да им се дозволи краткорочно да продаваат обврзници на пазарите на капитал за да можат да ги финансираат пакетите за помош на своите економии. Министрите за финансии притоа сакаат најголема можна флексибилност. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тоа го нарекува „слобода за движење“.
Повеќе: Германската влада го планира најголемиот економски пакет во историјата
600 милиони евра за одбрана на економијата од коронавирусот
Итна помош од Светска Банка за борбата против коронавирусот
Коронавирусот и стопанството: Џабе мерки, ако транспортот на стоки запре
„Ограничување на шокот“
„Значителниот економски полет кој се очекува годинава бара решителен, амбициозен и координиран одговор“, соопштија министрите за финансии по својата видео-конференција. „Сега мора да дејствуваме решително за шокот да биде кус и ограничен и да не нанесе трајни штети врз нашата економија и да не ги закопа среднорочно јавните финансии“, се додава во соопштението.
Германскиот министер за финансии Олаф Шолц пред конференцијата на министрите за финансии го отвори патот за дополнителен буџет од 156 милијарди евра за годинава. Со ова ново задолжување таканаречената „црна нула“, значи порамнет буџет, во Германија станува минато.
„Пактот за стабилност важи и натаму“
Портпаролот за економски прашања на демохристијаните во Европскиот парламент, Маркус Фербер, укажува дека заклучокот на министрите за финансии не е и билет за незауздано задолжување. Работите зависат од тоа дали финансиските пазари на држави тешко погодени од кризата со коронавирусот, како Италија, воопшто ќе позајмуваат пари под подносливи услови. Веќе сега каматата за десегтодишните италијански државни обврзници изнесува 3%.
Германските државни обврзници се‘ уште имаат негативни камати. „Државите членки добиваат повеќе простор за делување, но Пактот за стабилност и за пораст не е ставен вон сила. Темата способност за задолжување останува и натаму. Држави како Италија и Франција, кои имаат малку простор за дејствување, нема да можат да прават огромни долгови. Земји кои имаат повеќе простор за дејствување, како Германија, ќе можат повеќе да си дозволат“, вели Маркус Фербер за ДВ.
„Корона-обврзници“
Италијанскиот премиер Џузепе Конте затоа бара ЕУ-државите да земаат заедно долгови во форма на „корона-обврзници“. На тој начин Италија такаречи ќе се потпре врз бонитетот на Германија и на други солвентни држави за и самата да дојде до пари со ниски камати. Социјалистите во Европскиот парламент нагласено даваат поддршка за тоа. „Со оглед на тоа што Европа мора да излезе на крај со најголемиот предизвик од Втората светска војна, ние, Европејците, мора да бидеме солидарни едни со други“, побара шефот на пратеничката група на социјалистите Ираце Гарсија од Шпанија.
Сите текстови, видеа и фотогалерии за коронавирусот на едно место
Финансискиот експерт на демохристијаните, Маркус Фербер, отфрла „корона-обврзници“. „Се работи за истиот принцип. Ризиците треба да се префрлат врз други држави. Гаранцијата треба да се префрли на други Тоа не може да функционира, затоа што долгорочно тоа води до тоа да не можете да се ослободите веќе од корона- или еврообврзниците. Тоа значи дека ќе се влезе во префрлање на долговите врз сите.“
Контроверзната тема „корона-обврзници“, која е досега отфрлана од страна на солвентните евро-држави, не се споменува во соопштението на министрите за финансии. Со ова прашање би требало да се занимаваат шефовите на држави или влади на ЕУ на видео-самитот во четврток. Исто толку малку се споменува и Европскиот чадор за спас (ЕСМ). Некои економисти и социјалистите во ЕП бараат сега да се активира чадорот за спас, создаден во должничката криза.
ЕСМ има кредитна „сила“ од 420 милијарди евра, базирани врз 80 милијарди евра сопствени средства кои ги уплатија државите од монетарната унија. Европратеникот Фебрер предупредува дека ЕСМ не би ребало да се применува веќе сега. Сега, нагласува тој, станува збор за пакети запомош за економијата кои би требало да ги финансираат државите. Ако на крајот на кризата одделни држави се најдат во лоша фискална ситуација, тогаш би било време за распнување на чадорот за спас, уверен е тој.
На едноставното прашање кој ќе мора на крајот да ги плати многуте пакети за спас и новите долгови, Маркус Фербер има едноставен одговор: „Даночните обврзници. Тоа се јавни долгови кои јавната рака ќе мора да ги рефинансира со своите можности за приходи.“