Поуките од Денот „Д“
6 јуни 2019Каков спектакл беше манифестацијата на одбележувањето на 75-годишнина од Денот „Д“! Огромна купола е изградена во британскиот Портсмут, вистинско мултимедијално и воено шоу. Тристотините воени ветерани кои учествуваа во истоварувањето во Нормандија од силната помпа паднаа во втор план.
Притоа, на збрчканите лица на тие луѓе стари преку 90 години најдобро може да се види колку е важно потсетувањето на националсоцијализмот, Втората светска војна и мирот кој потоа уследи. И кој во Европа трае сѐ до денес. Изреката „Никогаш да не се заборави“ секако се однесува на злосторничкиот режим на Адолф Хитлер кој сакаше да искорени сѐ што не се вклопуваше во тесната идеја за супериорната германска раса, што неизбежно доведе до војната.
Треба да се присетиме и на милионите луѓе од целиот свет кои се обединија за да му се спротивстават на тој режим и кои за тоа платија висока цена. Како и на 150 илјади сојузнички војници кои пред 75 години учествуваа во инвазијата на Нормандија- без оглед на нивната националност. Или, како што рече поранешниот француски претседател Франсоа Оланд на одбележувањето на 70-годишнината од крајот на Втората светска војна: „Победата на 8 мај не беше победа на една нација над друга. Тоа беше победа на идеалите над тоталитарната идеологија.“
Прашање на војна и мир
Деновиве е застрашувачки тоа што повторно енергично мораме да се присетуваме на работи без кои мирот не е можен. Тоа е безусловното почитување на човековите права, како основа на секој цивилизиран поредок, функционално меѓународно право, мултилатерална соработка и отфрлање на секој вид на национализам.
Се подразбира дека тоа бара силни наднационални институции. Тоа секогаш одново го повторуваше поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, како кога рече дека Европската Унија не е само економски проект, туку дека е тоа егзистенцијално прашање на војна и мир.
Но таа свест се губи и тоа на сите страни. Па така и кај домаќинот Велика Британија која смета дека Обединетото Кралство е подобро позиционирано одошто сојузот со партнерите во рамките на ЕУ. И во кое радикалните заговорници на Брегзит поради националната гордост свесно прифаќаат огромни економски загуби. Во цела Европа се шири таква идеологија: национализмот не цути само во Унгарија, Полска или Италија, туку и во Германија, каде десничарско-популистичката АфД во источните покраини слави изборни успеси.
Ликот на таа свест секако е и претседателот на САД, Доналд Трамп: тоа е речиси како дел од неговата програма - другите нации да ги гледа како средства кон остварување на целта „Да ја направиме Америка повторно голема“. Притоа, не го загрижуваат ни економските кризи, ни воените судири, ниту неостварените климатски цели.
Но, главната поука од Денот „Д“ или од 8. мај е следната: кога народите ќе се обединат се слават успеси, а таму каде што владее национализам, војната и насилството не се далеку.