1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна гласањето на историскиот референдум за Македонија

30 септември 2018

„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“ е прашањето на кое можност да одговорат имаат 1.806.336 гласачи, на 3.478 избирачки места во 80 општини.

https://p.dw.com/p/35iu7
Mazedonien Referendum in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Stavrakis

Мирно, во мал број случаи со „вообичаени“ проблеми - нефункционирање на УВ -ламби, доцнење од 10 до 15 минути и евидентиран случај на агитирање на гласачко место (според набљудувачите на „Цивил), утрово во 7 часот започна гласањето на денешниот, трет референдум во историјата на независна Македонија. Тој веќе го доби епитетот „историски“, со оглед дека од неговиот исход зависат интегративните процеси на земјата во НАТО и ЕУ, кои беа блокирани повеќе од две децении.

„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“ е прашањето на кое можност да одговорат имаат 1.806.336 гласачи запишани во Избирачки список, на 3.478 избирачки места во 80 општини.

Темна сенка врз демократското право на изјаснување фрли вчерашнотогласање на дијспората во Мелбурн, Австралија, каде македонски граѓани кои излегоа на гласање од страна на нивни сонародници беа навредувани и оквалификувани како „предавници“.

Правото на глас е неприкосновено!

Со оглед дека приврзаници на бојкотот најавуваа слични „акции“ во близина на гласачките места и во Македонија, надлежните институции вчера уште еднаш ги повикаа граѓаните да пријават ако некој неовластено ги снима или ги спречува да гласаат. 

„Правото на глас е неприкосновено и никој не смее да го загрози. Тајноста на гласот е гарантирана, а институциите ќе гарантираат беспрекорно спроведување на референдумот на 30-ти септември“, изјави во повеќе наврати министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој најави дека ќе биде санкциониран секој обид за попречување на правото на глас.

„Секаков вид притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран согласно со законите. Ова важи и за активностите на интернет“, потенцираше Спасовски, и ги повика граѓаните на бројот 192 да пријават доколку забележат дека се неовластено снимани при гласањето на референдумот. Ако граѓаните забележат дека фотографија од нив се појавила на социјалните мрежи, треба да го пријават тоа на адресата [email protected].

Казни за спречување на правото на глас

Јавното обвинителство на Република Македонија формираше Привремена Комисија која ќе следи извршување кривични дела против изборите и гласањето, сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот. Комисијата ја предводи обвинителот Џељаљ Бајрами, а во неа членуваат и по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства.

„Секое сликање или снимање на гласачите при остварување на нивното право, како и објавување на фотографии на гласачи претставува попречување на правото на гласање и е забрането со закон“, потсети вчера Јавното обвинителство, најавувајќи дека такви дејствија преземени во текот на процесот на гласање, ќе бидат предмет на приоритетно постапување на ЈО.

Доколку сметаат дека има неправилности со организирањето и спроведувањето на гласањето, граѓаните, партиите и сите други може тоа да го пријават на електронската адреса на комисијата [email protected].

Според Кривичниот законик, во случај на повреда на слободата на определување на избирачите (член 160) предвидена е казна затвор до една година, ако со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин се присилува или се спречува друг да го врши, да не го врши, или да го врши избирачкото право во определена смисла. За повреда на тајноста на гласањето (член 163) предвидена е затворска казна до шест месеци, а ако делото го стори член на избирачки одбор, изборна комисија или друго службено лице во врска со гласањето, предвидена е казна затвор до три години. За делото спречување избори и гласање (член 158), предвидена е казна затвор од шест месеци до пет години, ако со употреба на сила, сериозна закана или на друг начин се оневозможува или спречува одржување избори или гласање.

ОДИХР со 270 набљудавачи на референдумот

Рекореден број набљудувачи

Начинот на кој тече рефрендумскот изјаснување денеска ќе го следат рекорден број домашни и странски набљудувачи. Според податоците на Држaвната Изборна Комисија (ДИК) процесот ќе го следат 11.907  акредитирани домашни набљудувачи, 493 странски и 194 акредитирани преведувачи.

Од ДИК потенцираа дека акредитираните набљудувачи не смеат да влијаат на кој било начин во постапката на денот на изјаснувањето, како и во постапката при броење на гласовите, не смеат да носат партиски симболи и ознаки, да им даваат упатства на гласачите, изборните органи, овластените претставници и овластените службени лица и да влијаат на работата и одлуките на изборните органи.

Голем е бројот и на акредитирани новинари што ќе го следат текот и резултатите од плебисцитарното изјаснување - 83 известувачи од 32 медиума, меѓу кои Ал Џезира, Асошиетед прес, ТВ Алфа од Грција, Австрискиот јавен сервис четворица, ТВ Антена и многу други.