Преговорите за минималната плата во ќорсокак
4 февруари 2022И вториот обид да се изнајде прифатливо решение околу покачувањето на минималната плата во Северна Македонија заврши без договор, и покрај предупредувачкиот штрајк на синдикатите коишто во петокот (04.20.2022) го блокираа центарот на Скопје. И синдикатите и работодавачите не отстапуваат од своите позиции. Од Владата, пак, уверуваат дека покачување на минималната плата мора да има. Социјалниот дијалог продолжува и идната недела. На маса се повеќе опции.
Синдикатот бара 18 илјади денари
Синдикатите не отстапуваат од барањето минималната плата да биде 18 илјади денари и најавуваат генерален штрајк. „И денеска нема договор, очигледно работодавачите си гледаат само за нивните фирми и нивниот капитал“, изјави првиот човек на ССМ, Дарко Димовски, по неколкучасовните преговори во Владата. Според него, работодавачите дури и се обиделе да добијат повластувања од Владата.
„Еден нефер и некоректен однос од страна на работодавачите. Владата излезе со една одлична анализа, каде што кажува дека моделот кој го предлага Сојузот на Синдикатите на Македонија и останатите синдикати е најприфатлив. Затоа ја охрабрувам Владата, врз основа на анализите, цврсто да застане рамо до рамо со работникот и да го даде тоа што бараме. Да не се молиме за минимална плата од 18 илјади денари”, вели Димовски.
Различни симулации - платите ќе се зголемат, но колку?
Минималната плата беше тема и на седницата на Комисијата за јавно-приватен дијалог, со која копретседаваше заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи. Тој информираше дека е отворен социјалниот дијалог за зголемување на минималната плата, дека покачување на минималната плата мора да има. „Активно се работи со сите социјални партнери за донесување на најсоодветна методологија со која на одржлив начин на подолг рок ќе се регулира понатамошно покачување и усогласување на минималната плата“, вели тој.
Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информираат дека на седницата биле презентирани неколку различни симулации, направени врз основа на доставените предлози од социјалните партнери за раст на минималната плата.
Од страна на Бизнис Конфедерација на Македонија е доставен предлог во кој, покрај измена на критериумите за усогласување на минималната плата, се предлага и обезбедување на финансиска помош за исплата на минимална плата од буџетот.
„Овој предлог бара дополнителна анализа, со цел да се утврдат фискалните импликации кои би го предизвикале предложеното решение. Затоа беше договорено социјалниот дијалог да продолжи следната недела, со цел да се дојде до приближување и изнаоѓање на најодржливото системско решение, кое ќе даде резултат на долг рок“, соопшти МТСП.
Спорен е моделот за пресметување на платата
Дали ќе се постигне решение или ќе следи генерален штрајк се уште е неизвесно. Засега е само извесно дека постоечкиот модел за пресметување на минималната плата е неприфатлив за сите страни.
Пресметките на синдикатот покажале дека минималната плата би се зголемила на 16.164 денари, а тие бараат минималната плата да изнесува 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати. Се бара и платен регрес за сите работници во јавниот сектор. Овие барања тие денеска ги повторија на протестот во Скопје.
Претседателството и Советот на Сојузот на синдикати на Македонија, заедно со штрајкувачките одбори ја блокираа улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора во центарот на Скопје во знак на незадоволство од предлогот на работодавачите за методологијата на минималната плата.
„Доста беше да им бидеме слуги на работодавачите. Со 15 илјади денари не можеме да го поминеме месецот. Во џебовите на работодавачите завршуваат 60 проценти од профитот. Мора да престане и исплатата на плата во плик“, порачаа од синдикатите.
На 10 февруари е закажана собраниска седница на чиј дневен ред е предлог-законот за измени на Законот за минимална плата. За тогаш синдикатот планира да организира собир пред Собранието.