„КакАфонијата“ на Мицкоски ја прели чашата
14 март 2020Преспанскиот договор, од неговата иницијација до денес – недели до изборите, претставува лакмус за стратегиските позиции на политичките субјекти, но и за елементарното разбирање на историјата и на редот на нештата во современиот свет. Дефицитот од знаење и метод и суфицитот од политичка пристрасност и волунтаризам, прават можно тој договор да се восприема како „национално предавство“. Од друга страна, за објективни и компетентни набљудувачи, договорот претставува ретко досеглив политички и цивилизациски врв.
Овој процеп дополнително се продлабочува со импликациите врз меѓународната положба на Македонија (сега Северна, првично Народна, па Социјалистичка, па домашно РМ, меѓународно безимена). Бидејќи НАТО и ЕУ Преспанскиот договор го споделуваат како највисока европска доблест на моментот и го отворија процесот на евроатлантската интеграција на Македонија, антипреспанците тие два сојуза ги гледаат како деструктори на македонскиот идентитет и на македонската држава. Па заговараат самостојна, самодоволна, суверенистичка позиција. (Човек да ги жали членките на НАТО и на ЕУ – држави протекторати, со изгубен идентитет и суверенитет!)
Антипреспанците кукавички го избегнаа демократското соочување со изјаснување на референдумот за членство во ЕУ и НАТО под условите на Преспанскиот договор. Го бојкотираа и дезавуираа референдумот. И прогласија победа на народот!
Инфантилен генетички инженеринг
Се заврза егзотика од вулгаризација на политиката настрана од фокусот на општото добро, од неукост и наивност на дел од народот и од „науката“ на „учени многу, умни малку“ (Пушкин). Оваа егзотика има карактер на локално знаење, кое не кореспондира со светската наука. Државата која ЕК ја квалификува како „заробена“, локалното знаење ја слави како автохтона заедница во процес на „преродба“, преку номинална, територијална и крвна идентификација со античките Македонци!
Овој инфантилен генетички инженеринг е реплика на пропагандата на македономахите на Каравангелис од почетокот на минатиот век. Со таа разлика што во оригиналот номиналното поврзување на нашите предци со античките Македонци целело кон нивна елинизација (за Грците е аксиом дека античките Македонци биле Грци), додека во репликата тие се посебен народ, како таков, наш крвен предок!
Оваа митолошка приказна не‘ побратими со Хунзите, но не‘ исклучи од Европа. Му скокнавме во устата на грчкото фундаменталистичко поимање на терминот Македонија/Македонци. „Нема македонски народ“ – тоа до Преспа беше лајтмотив на грчката наука и политика. Врз таа основа е создадена широка мрежа од панмакедонистички/панелинистички организации во грчката дијаспора во Европа, Америка и Австралија. Врз таа основа се демонстрираше против Преспанскиот договор. Врз таа основа опозицијата тој договор го критикуваше, префрлувајќи му за
предавство на грчките национални интереси.
Нашата реплика на грчкиот фундаментализам (антиквизацијата), само долеваше зејтин на огинот, на кој се печевме ние, не Грците.
Епохален пресврт
Реално, нашата Македонија не е ниту самоникната, ниту родена од мајка стара 2300 години, за да може да постои како робинзонада. Таа се создавала низ трагична разврска на Источното прашање, со одбраната на Западот од руската експанзија преку голема Бугарија ослободена со Руско-турската војна (1877-1878). Затоа Берлинскиот конгрес дозволил бугарска држава на многу стеснет простор, а останатиот ослободен дел го вратил на Турција. Имено во тој дел вратен на Турција се актуелизирала Македонија - од една страна со движењето на отпорот раководенo од Внатрешната Македонска еволуционерна Организација, од друга страна со грчката Македонска борба (Македоникос агон) и спомнатата пропаганда на македономахите. Во македонска држава и нација се етаблиравме како дел на антифашистичката коалиција, со сите доблести и ограничувања во рамките на југословенската комунистичка федерација.
Претходни текстови на авторот:
- ВМРО-ДПМНЕ: Партија или здружение на ментални затвореници?
Самостојноста, пак, ја стекнавме како дел на општоевропскиот процес на демократизација. Грција ни‘ се испречи на патот проблематизирајќи ни‘ го името на државата. Од позиција на грчкиот панмакедонизам таа, поддржана од Европа со Лисабонската декларација, се спротивстави терминот Македонија да се содржи во името на нашата држава. Мојата генерација го одби тоа искушение, но не го реши проблемот, туку, со Времената спогодба, само го замрзнавме, оставајќи ја државата без меѓународно име. Режимот на Груевски, со репликата на грчкиот фундаментализам, ги урна сите мостови за договарање меѓу нас и Грците.
При назначениот историски и современ контекст, Преспанскиот договор прави епохален пресврт од двете страни. Ја укинува блокадата на името, преку негово споделување како своевиден хомоним. Со тоа се надминува дотогашната исклучителност на неговото поимање од грчката или од наша страна. Договорот инаугурира значење на Македонци-Грци и на Македонија – дел од Грција, од една страна, и од друга страна, на Македонци кои се одделен народ, кој зборува македонски јазик (од семејството на словенските јазици) – македонски државјани, односно државјани на Република Северна Македонија. Грција ги пречекори своите црвени линии, а ние ја прифативме определница Северна кон името Македонија, кое останува константа во континуитет од првата и втората иделошка определница до сегашната географска.
КакАфонија
Ваквото решение на спорот за името, Преспанскиот договор го прави заштитна повелба на македонската држава и нација, што „Преродбата во сто чекори“ ги беше заглавила во „ќорсокак“ (Фуле). Како таков тој е златен клуч што ја отвора вратата на иднината, додека неговиот „преродбенички“ антипод влече назад кон „Македонија вечна“. Преспанскиот договор е „предавство“ имено на тој псевдоидентитет, со кој безмилосно се замајуваат недолжните и несоодветно информирани граѓани и се „резили“ нацијата пред светот „со замена на историјата со мит“ (академик Петар Илиевски).
А реално предавство е саботирањето на овој договор и блокадата на интегративниот процес што тој го овозможи. Критиката на Преспанскиот договор од страна на локалното знаење може да смета на успех, ако со својот поглед на светот му конкурира на тој договор на меѓународен план. Но такво нешто е можно, ако тоа се укине како локално знаење. Тоа не може да се очекува од партија чии функционери секој ден се по судови поради криминал и корупција, чиј лидер се фали со „политички волунтаризам“ и употребува термин „какАфонија“. Ниту со историчари кои ни збор не потрошија против антиквизацијата.
Тоа ќе го направи токму Преспанскиот договор, кој, покрај политичката интеграција, ќе посредува и наша интелектуална европска и планетарна интеграција.
П. С. Како татко на потписникот, до сега не сум се изјаснувал за Преспанскиот договор. Дури ни тогаш кога пратеници на ДПМНЕ и од мене правеле инструмент за напад на договорот, врз основа на мојот протест против Лисабонската декларација и Времената спогодба. Чашата ја прели деновиве „какАфонијата“ на Мицкоски за раздор меѓу синот и мене. Синот му „ја скршил Кичмата на Македонецот“, а јас сум проколнал таков чин!
Оваа инсинуација ме направи должен да го напишам горниот текст.
Да е благословена раката што го потпиша Преспанскиот договор, кој го исправи Р’бетот на Македонецот!
Димитар Димитров поранешен професор на Филолошкиот факултет во Скопје, амбасадор во Руската федерација, министер за образование и наука во првата експертска влада и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.