1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Проблем е самиот Зеленски, а не неговите пријатели

DW I Kommentarbild  Eugen Theise
Еуген Тајзе
20 јули 2022

Среде војна, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отпушти водечките безбедносни службеници. Со своите јавни поплаки, тој меѓутоа го прикрива вистинскиот проблем - недостатокот на реформи, смета Еуген Тајзе.

https://p.dw.com/p/4EO7X
Разрешените функционери Иван Баканов и Ирина Венедиктова во мај 2021 година
Разрешените функционери Иван Баканов и Ирина Венедиктова во мај 2021 годинаФотографија: Photoshot/picture alliance

Разрешувањето на шефот на разузнавачката служба СБУ, Иван Баканов, и на генералната обвинителка Ирина Венедиктова, претставува не толку мал политички земјотрес за Украина. Во екот на војната, кога од владата вообичаено се очекува максимално да се консолидира, ваквиот потег наликува на јавно казнување на најблиските соработници.

Во својата видео порака во неделата (17.07), Претседателот првично зборуваше за суспензија и само го критикуваше фактот дека и во двете државни агенции има премногу функционери и службеници од истокот и од југот на земјата кои побегнале откако тие региони ги окупираа руските трупи.

Дали е можно војната да го натера Претседателот да го преиспита својот став откако во почетокот во голема мерка се опкружи со пријатели и поранешни деловни партнери? Не би се рекло. Бидејќи, неговата пресметка само на прв поглед делува одлучно.

На почетокот се зборуваше само за суспензија, а не за разрешување од должноста. Како што е соопштено од претседателската канцеларија, тие сакале да се истражат случаите на велепредавство во двете агенции. Но, тогаш работите одеднаш почнаа да се случуваат брзо: на барање на Зеленски, парламентот во вторникот ги разреши Баканов и Венедиктова. За истрагата повеќе не стана збор.

Неодлучноста на Претседателот во овој необичен покер со важниот персонал остава впечаток дека поранешниот комичар, кој по руската инвазија на неговата земја се надмина себеси и пред очите на светот стана храбар лидер на горда нација , одеднаш самиот се претвори во џуџе. И тоа во момент кога требаше да ја преземе одговорноста за неуспесите на своите блиски соработници.

Велепредавството на генералот

Случаите на велепредавство или на дезертерство во органите на безбедност станаа познати во првите недели од војната. Меѓутоа, на претседателот му беа потребни месеци за да реагира јавно за тоа. На пример, на човек му се крева косата на глава од случајот на генералот на СБУ, Андриј Наумов, кој побегна во странство на 23 февруари, точно еден ден пред руската инвазија.

Наумов му беше десна рака на Баканов во СБУ. Во рок од неколку месеци, Баканов го назначи Наумов за генерал на тајната служба. Како шеф на Одделението за внатрешна безбедност, штитеникот на Баканов всушност мораше да открива случаи на корупција во СБУ или да им влезе во трагата на предавниците. Само неговото бегство беше доволна причина да се разреши Баканов.

Еуген Тајзе, автор на коментарот
Еуген Тајзе, автор на коментаротФотографија: Privat

Сепак, вистинскиот проблем не е Баканов, туку Зеленски, кој го постави на чело на СБУ. Баканов е интимен пријател на Претседателот - тие се познаваат уште од детството, подоцна студирале заедно и станале деловни партнери во шоу-бизнисот.

Единствена причина да го стави на чело на тајната служба е жедта на Зеленски за власт, желбата некој кој му е близок лично да ја контролира СБУ. Наместо да признае дека именувањето е грешка, Претседателот прво се обиде со суспензија да го заврти вниманието од случајот.

Факт е дека и двајцата се одговорни за тоа што внатрешната тајна служба, која никогаш не ни имала особено добра репутација во Украина, не беше исчистена пред рускиот напад. И оти таму сѐ уште постои корупција, а сега и велепредавство.

Неодлучноста по ова прашање остава простор за сомнеж дека Претседателот е воопшто свесен за сопствените грешки. Да се постави некој на важна позиција во безбедносниот апарат само затоа што сте го познавале цел живот - не беше добра идеја.

Нема повеќе одложување на реформите

Многу нешта сугерираат дека овие отпуштања имаат врска со информации од западните партнери. Во својот говор во неделата, претседателот не само што ги критикуваше Баканов и Венедиктова, туку побара што поскоро да се избере обвинител за борба против корупцијата.

Амбасадорите на Г7 во Украина повеќепати го критикуваа фактот што одговорната изборна комисија не реагира речиси две години. Претседателот досега ги игнорираше овие барања. Токму како и критиките за недостатокот на политичка волја да се заврши бавната реформа на надуената тајна служба, која ја мачат корупциски скандали.

Но, Зеленски веќе не може да ги игнорира критиките од западните партнери, како што правеше пред војната. Без пари и оружје од ЕУ и од САД, Украина одамна ќе банкротираше и тешко дека ќе можеше да го издржи рускиот напад. Сега реформите кои се итно потребни за зајакнување на украинската државност ќе мора да бидат завршени среде војна. За ова се потребни најдобрите професионалци, а не пријателите на Претседателот од детството.