1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иранските грижи на германската економија

Андреас Нол
5 мај 2018

Ако Доналд Трамп го раскине атомскиот договор со Иран, тоа ќе го почувствува и германската економија. трговијата со Иран и сега „запнува“, и тоа не само поради заканите од Вашингтон.

https://p.dw.com/p/2x9UX
Iran erster neuer Airbus von IranAir
Јануари 2017. година, првиот директен лет од Иран по 1979. година Фотографија: picture alliance/dpa/MAXPPP

Со делегација во чиј состав беа звучни имиња од индустријата, Зигмар Габриел работеше на промоција на нов почеток во германско-иранските односи само неколку дена по потпишувањето на атомскиот договор со земјата, на големо задоволство на неговите ирански партнери. Министрите за нафта, енергетика и индустрија во летото 2015-та година сонуваа за перспективите што се отвораат од економската соработка на двете земји. Притоа можеа за поткрепа да ги земат и анализите на експертите: до еден билион американски долари, според проценката на стручњаците, е голема потребата од инвестиции во иранската економија во наредните 10 години. Германските производители на машини, автомобилската индустрија, но и фармацевтската и медицинската бранша се надеваа на голем дел од колачот.

Bundeswirtschaftsminister Sigmar Gabriel wird am Flughafen in Teheran vom Vize Ölminister Amit Hossein Zamaninia begrüsst
Министерот Зигмар Габриел на аеродромот во Техеран, 2015. годинаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Изостана очекуваниот бум

Три години подоцна дојде до отрезнување. Германско-иранската трговија се интензивираше, но споредено со очекувањата - релативно скромно. Во 2015-та претседателот на Германската комора на индустријалците и трговците, Ерих Швајцер, прогнозираше дека за само неколку години ќе се достигне трговски волумен од 10 милијарди евра годишно. Во реалноста во 2017-та двете земји достигнаа само волумен од 3,5 милијарди евра, мал пораст во однос на 2,7 милијарди од кризната година 2014-та кога беа на сила санкциите, иако по потпишувањето на Атомскиот договор трговијата со земјата која брои 80 милиони жители беше значително олеснета. Иран повторно може да експортира гас и нафта во ЕУ, како и да купува европски авиони и други производи. Германските банки може да финансираат билатерални трговски зделки преку позајмици. ЕУ ги укина санкциите против 300 физички и правни лица од Иран. Сепак, трговијата со Иран останува миниран терен, а индустријата е особено внимателна со финансирањето на големи проекти. „Големите банки сѐ уште не се подготвени да се зафатат со работа во Иран”, се жали директорот на германско-иранската комора Михаел Токус. Причината за тоа се пред сѐ трговските санкции од страна на САД, кои не беа укинати ни за време на претходникот на Трамп, Обама. Особено засеганати се зделки со иранските револуционерни сили. „Чуварите на иранската револуција” контролираат една третина од иранската економија и имаат соодветно влијание на многу фирми.

Повеќе: 

Можат ли Макрон и Меркел да го разубедат Трамп за Иран?

Иран - меѓу еуфорија и претпазливост

Страв од американските власти

За германските банки кои се застапени и на американскиот пазар, финансирањето на бизниси во Иран останува проблематично бидејќи мора да сметаат на казни. Комерцбанк на пример во 2014-та година мораше да плати 1,45 милијарди долари на американската држава поради непочитување на санкциите, а француската  Парибас дури девет милијарди долари. Така погледнато, не зачудува фактот дека германските банки се воздржани од бизнисите со Иран. Штедилниците, народните банки и Европската трговска банка пак имаат помалку потешкотии, но поради нивниот капацитет доаѓаат предвид само за помали проекти. Комората отрезнувачки заклучува дека „изостанал големиот бум”.

Германската економија во заден план

Не е само стравот од американските власти тоа што ја парализира билатералната трговија со Иран, која во 70-тите години беше втор најголем трговски партнер на Германија надвор од Европа. Пред ембаргото, Германија беше најважен трговски партнер за Техеран. Во меѓувреме, променети се и ставовите на иранските власти. Тоа што Кина и покрај санкциите продолжи да купува нафта од Иран, си го направи своето. Иранците уште за време на ембаргото ја продлабочија соработката со Кина, која ја претрка Германија како најголем извозник во Иран.

Дури и на ниво на ЕУ германската економија западна во заден план: германските производители на автомобили го засилија своето присуство во земјата по укинувањето на санкциите, но големите бизниси ги водат други играчи. Речиси половината од автомобилите произведени во Иран во изминатата година се на Пежо и Рено. Двата француски концерни произведуваат во погоните на големи ирански производители, меѓу другото и поради тоа што владата во Париз потпиша рамковен договор за соработка со Иран. Тоа е големо олеснување за индустријата на кое и германските индустријалци би се радувале.

USA Trump erhöht den Druck auf den Iran
Што ќе донесе одлуката на Трамп?Фотографија: picture alliance/dpa/AP/E. Vucci

Какви последици ќе има одлуката на Трамп?

Кога американскиот претседател Доналд Трамп на 12-ти мај ќе ја соопшти неговата одлука во врска со Иран, и негативен исход малку ќе смени за германската индустрија поради тоа што претседателот прво ќе одлучува за санкциите во врска со нафтената трговија, а не за атомската програма. Странските банки и фирми кои купуваат нафта преку Централната банка во Техеран, во иднина ќе бидат повторно казнувани од страна на САД, а таквото правило веќе е на сила за американските банки. Тогаш најзагрозени би биле иранските експорти во ЕУ. Но, тие и по нормализирањето на односите изнесуваат само една четвртина од вкупното количество. Најголемиот дел Иран го извезува во Кина и Индија. На 12-ти мај Трамп може само симболично да прати порака до Техеран.

Заострени американски мерки кои би вклучувале и безброј дополнителни правила и исклучоци, не би ја укинале атомската програма веднаш, ниту во истиот момент би ја ставиле под прашање растечката трговска размена меѓу Германија и Иран. Сепак, несигурноста во трговијата со Иран би се зголемила. Таа пак, е отров за економското закрепнување. Големиот бум во Иран би можел за германската индустрија и натаму да остане само сон.