Реакции во Софија: Стар предлог во ново пакување
21 мај 2021„Ова е притисок врз Софија", е главната теза што доминираше во јавниот дискурс во Софија, по највениот предлог план за деблокирање на бугарското вето за почетокот на македонските преговори со ЕУ, кој би бил и основа за продолжување на разговорите меѓу Скопје и Софија кон решение на спорот.
Претпладнево во Софија тој план го презентираат Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја која претседава со Советот на ЕУ, и еврoкомесарот за проширување Оливер Вархеји, по што попладнето ќе биде презентиран и во Скопје.
Медиуми во Бугарија веќе објавија дека станува збор за модификација на предлогот за кој лани во Берлин разговараа македонски и бугарски претставници. Разговорите во кои тогаш посредуваа и високи германски политичари, наводно резултирал со договор, но бугарската страна се откажа од него веднаш по враќањето во Софија.
Според БГНЕС, новиот документ практично ги „пренесува“ бугарските предлози во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА), што е процес каде не се носат оперативни одлуки.
„За разлика од пристапните преговори, во рамките на ПСА Бугарија е лишена од можноста за реагирање ако РСМ повторно не ги исполни своите обврски. Од документот станува јасно дека властите во Скопје мора да подготват патоказ, чиеа исполнување треба да се следи во рамките на ПСА, но тој има апсолутно козметички и неоперативен карактер. Во последните 4 години, PCM многукратно создаваше програмски документи, кои потоа демонстративно и арогантно не ги спроведуваше“, пишува БГНЕС.
Повеќе:Странски служби работеле против Софија во спорот со Скопје
Притоа објавува дека предлогот на португалското претседателство предвидува паралелни еднострани декларации од Бугарија и РСМ, и тоа го оценува како целосно апсурдно, бидејќи двете земји имаат билатерален договор потпишан на 2 август 2017 година и депониран во ООН.
„Откако сме сведоци како властите во Скопје три години не го спроведуваат овој договор, кој ќе поверува дека нов декларативен и правно необврзувачки документ ќе доведе до негова имплементација?“, пишува БГНЕС.
Како што е објавено, еден од предлозите во португалскиот документ бил „РСМ да признае дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година“. БГНЕС потсетува дека тој факт е признат од македонските власти, и дека спорот е за потеклото на тој јазик, а не за датумот за негова кодификација, па ова го сметаат за клучен момент кој бил пропуштен во предлогот.
Радев разговарал со Мицотакис
Во пресрет на денешната средба со Силва и Врахеји, бугарскиот претседател Румен Радев вчера имал телефонски разговор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Една од темите била европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
„Заеднички став беше дека политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е вистинска инвестиција во стабилноста на регионот. Затоа, според шефот на државата, потребна е непоколеблива поддршка за спроведување на потребните реформи во земјите кандидати за исполнување на копенхашките критериуми за пристапување во ЕУ. Градењето вистински односи на добрососедство е најбезбедниот и најбрз пат за постигнување полноправно членство во ЕУ“, посочил Радев, се вели во соопштението објавено на претседателската веб-страница.
Повеќе:Холштајн: Проширувањето на ЕУ е заложник на ситни национални интереси на една земја
Техничкиот премиер Стефан Јанев, пак, остварил средба со германскиот амбасдор во Софија, Кристоф Ајхорн, на која „била разгледана темата за изгледите за пристапување на Република Северна Македонија во Европската унија“.
И додека јавноста во двете земји чекаше да ги слушне предлозите што се резултат од неколкумесечниот труд на португалското претседателство со Советот на ЕУ, поранешната шефица на бугарската диломатија Екатерина Захариева, уште вчера излезе со оценка дека „тој не одговара на рамковната позиција на Бугарија". Притоа објасни дека коментира однапред, бидејќи била запозната со тој обид за компромисен предлог, затоа што бил јавна тајна во Брисел и циркулирал низ коридорите на Европската комисија и Советот.
„За жал, предлогот не одговара на рамковната позиција на Бугарија, која беше усвоена од владата и едногласно одобрена од парламентот, бидејќи со него не добиваме никакви гаранции дека нашите соседи ќе ги прифатат европските вредности. Имаме ли гаранции дека ќе запре антибугарската кампања во Скопје? Дека во Република Северна Македонија повеќе нема да ги прогонуваат нивните граѓани со бугарска самосвест? Дека нема да запираат бугарски книги на граница? Дека нема да ги попречуваат бугарските инвеститори? Дека ќе емитуваат бугарска телевизија? Дека ќе го запрат црниот пиар против Бугарија во цела Европа? Јас не ги видов тие гаранции“, искоментира Захариева на Фејсбук".
Ословувајќи ги министерот Силва и комесарот Вархеји како „нејзини пријатели и колеги“, таа им се заблагодари за „одговорното однесување" и најави дека денес со интерес ќе ги следи разговорите.
„Бугарската дипломатска служба под мое раководство беше посветена на проширување на Унијата, но секогаш сме нагласувале дека тоа не треба да биде на сметка штета на една земја членка. Ние го признаваме правото на самоопределување на граѓаните на РСМ, како и право да си го нарекуваат нивниот јазик како што сакаат, но редно е и тие да го признаат нашето заедничко минато. Само така ќе можеме да продолжиме заедно напред“, порача Захариева.
Црвените линии
Денешата средба со Силва и Врхеји, во дел од бугарските медиуми се опишува „како притисок врз претседателот Радев и техничкиот премиер за да го тргне ветото за почеток на преговори на РСМ со ЕУ“. Весникот „24 часа“ објави и редакциски коментар под наслов „Зошто Европа не нѐ разбра за црвените линии со Македонија?“ Во него се констатира дека „браќата Македонци имаат супер-вештини за создавање свое лоби", чиј резултат е голем притисок врз Бугарија. Во коментарот има осврт на критичките изјави кон Бугарија на хрватскиот претседател и на германската амбасадорка во Скопје, како доказ дека Бугарите не успеале да го убедат Брисел и секоја земја членка - каков е проблемот.
Повеќе:Седум балкански земји бараат ЕУ да ги забрза преговорите со Скопје и Тирана
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ не го смени вордингот ни откако хрватската амбасадорка заради неговата изјава од 17-ти мај беше повикана во бугарското МНР.
„Северна Македонија ги исполни сите демократски услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ", повтори вчера Милановиќ.
„Се навикнаа да ја третираат Македонија како „side kick“, некој што го шутираш од страна, и кога имаш некој внатрешно-политички проблем кој не можеш да го решиш - тогаш секогаш можеш да удриш по Македонија. Тоа не е во ред. Таа држава, а и тој народ, досега платија прилично висока цена. Тие играат по правилата и се за пример. Ги исполнија сите демократски услови што човек може да ги замисли, а тоа е повеќенационална заедници во кои има многу Албанци и таа соработка е за пример“, изјави Милановиќ.
Како што пренесува „Јутарњи лист“, тој потсетил дека земјата, меѓу другото, „се покорила на грчките барања, за пред името Македонија да стави Северна“. Според Милановиќ, „земјата е жртва на недостиг на интерес, па дури и на основна емпатија“.
„Тоа не се прави во 21. век. Тоа апсолутно не е основа за утрешниот соживот во Европската Унија“, изјавил тој, додавајќи дека тоа што го кажал го мисли секој, но не го кажуваат јавно.
„Би сакал и другите тоа да го кажат, сите коментираат низ кулоарите и се згрозуваат“, изјавил хрватскиот претседател.
Со надеж, но без зголемени очекувања
Засилениот ангажман на Португалија беше најавуван во изминатите денови во Скопје.
„Правиме сè за Бугарија да го повлече ветото за започнување на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ и јас тврдам дека јуни е оптимална шанса за да се случи тоа и покрај тоа што во Софија има службена Влада", изјави вчера министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Премиерот Заев за „Утрински брифинг“ изјави дека португалското претседателство на ЕУ неколку месеци разработува стратегија со која што ќе настапи пред Софија и Скопје.
„Ги знаат нашите црвени линии, бевме во Брисел и им рековме: Ако го чепнете македонски идентитет и јазик, тргнете нѐ од преговорите. За идентитет никој никогаш не разговарал“, рече Заев.
Тој смета дека има доволно време да се постигне напредок на релација Скопје-Софија, но не сака да ги зголемува очекувањата на граѓаните, бидејќи Бугарија и натаму располага со право за вето во Советот на ЕУ.