Русија и Холандија во дипломатска кавга поради шпионирање
9 октомври 2018Холандија вчера објави дека протерала четворица Руси кои, како што се тврди, се агенти на руската воена тајна служба ГРУ кои требало да извршат хакерски напад врз Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) во Ден Хаг. Холандската влада како докази, меѓу другото, ги презентираше дипломатските пасоши на осмничените агенти.
Москва тврди дека четворицата протерани се „специјалисти“ кои се наоѓале на „рутинско патување“ во Холандија. Кремљ ги отфрла обвинувањата дека се подготвувал хакерски напад врз ОПЦВ.
Протерувањето на четворицата Руси се темели на „недоразбирање“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој рече дека патувањето на руските „специјалисти“ не било „тајно“ и дека тие не се криеле ниту во хотел, ни на аеродром, ниту пак на пат кон руската амбасада. Меѓутоа, шефот на руската дипломатија не кажа за каков вид специјалисти станува збор и што точно тој подразбира под „рутинско патување“. Лавров рече и дека четворицата мажи биле уапсени од страна на холандските власти „без објаснување“. „Тоа личи на недоразбирање“, додаде рускиот министер, одбвинувајќи го Ден Хаг за „непочитување на правните механизми“ за разјаснување на вакви проблеми.
Организацијата за забрана на хемиско оружје, меѓу другото, документира употреба на хемиско оружје против цивили во Сирија од страна на владините трупи кои се поврзани со Русија. Освен тоа, експертите на ОПЦВ истражуваа и во случајот со нападот со отров врз поранешниот руски агент Сергеј Скрипал, за што британската влада ја обвини Русија.
Според Ден Хаг, Русите биле уапсени на 13 април, во хотел покрај централата на ОПЦВ, со автомобил полн со електронска опрема. Руското Министерство за надворешни работи вчера објасни дека запленетата опрема била наменета за тестирање на ИТ-системот на руската амбасада во Ден Хаг.
Повеќе: Последниот доказ во случајот Скрипал
Велика Британија и Холандија, како и други западни влади, ја обвинуваат руската воена тајна служба ГРУ за сајбер-напади врз политички институции, претпријатија, медиуми и спортски институции ширум светот. Русија ги отфрла обвинувањата.