1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија не сака судир меѓу Иран и Израел

Весли Докери
4 јуни 2018

Израел и Русија договорија враќање на сириските трупи во пограничниот појас кон Израел под услов меѓу нив да нема ирански сили и платеници. Тоа е новиот шаховски потег на Москва кој нема да му се допадне на Техеран.

https://p.dw.com/p/2yhA0
Russland Netanjahu trifft Putin
Фотографија: Imago/Itar-Tass

Израелските медиуми пренесуваат дека Израел и Русија постигнаа договор со кој официјалната сириска војска под контрола на претседателот Башар ал-Асад може да се врати на Голанската висорамнина во пограничниот регион. Услов беше руската гаранција меѓу војската да нема ирански трупи, ниту организации поврзани со нив како што е либански Хезболах. Владата во Израел претходните месеци засилено го осудуваше присуството на Иран на сириското боиште, а израелски воени авиони ракетираа цели на кои наводно се наоѓаа ирански борци.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, рече оти трупите на Асад сега би требало да бидат единствена војска на јужната сириска граница. „Секако, сите други сили треба да се повлечат“, изјави Лавров за агенцијата РИА новости.

„Русија се прашува во Сирија“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јавно рече дека конечна цел на неговата влада е целосно укинување на иранското влијание врз воените случувања во Сирија. „Израел не е заинтересиран за парцијални договори, туку за заминување на иранската армија од цела Сирија“, изјави тој за Хадашот нјуз.

Israelische Panzer auf den Golanhöhen
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Marey

Повеќе:

-Како ќе се брани Иран во случај на војна

-Иран демантира напади врз Израел

-Израел нападна ирански позиции во Сирија

Цел на овој потег на Кремљ е да спречи отворен вооружен конфликт меѓу Израел и силите кои ги поддржува Иран, смета Јоси Мекелберг, стручњак за меѓународни односи од Регентовиот универзитет во Лондон. „Русите не би сакале Сирија да стане бојно поле меѓу Израел и Иран“, вели тој за ДВ. „Русите не се големи пријатели со Иран. Тие со Техеран споделуваат интерес да го одржат Асад на власт, но тоа е сѐ.“

Мекелберг верува оти Иран мора да го прифати овој развој на случувањата. „Русија се прашува во Сирија и во моментов е земја со најмоќни лостови таму", вели нашиот соговорник. „Ако Иранската револуционерна гарда ѝ се спротивстави на Русија, со тоа навистина би ја тестирала одлучноста на Владимир Путин“.

Односот кон Иран

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наредната недела ќе отпатува во Берлин и во Париз, а главна тема ќе бидат односите со Иран. Но, таму Нетанјаху ќе наиде на противење на канцеларката Ангела Меркел и на претседателот Емануел Макрон за заострувањето кое го иницираат Тел Авив и Вашингтон. Тензиите пораснаа откако Белата куќа се откажа од атомскиот договор со Иран.

„Би бил изненаден ако некој од Европејците е заинтересиран да започне војна со Иран или да се вклучи во воздушни напади“, вели Мекелберг. „Има прашања кои треба да се започнат, како што е, на пример, развојот на балистички ракети во Иран. Иран во регионот е експанзионистичка земја и мора да биде задржан. Но, не се неопходни воени операции за да му се одговори на Техеран.“